Забавениот раст на населението, континуираниот пад на наталитетот и забрзаното стареење одамна не се далечни проекции, туку реалност што веќе силно ги обликува економските, социјалните и фискалните политики ширум светот. Демографските промени се наметнуваат како еден од најсериозните структурни предизвици со кои се соочуваат современите општества, а нивното влијание е особено изразено кај малите и отворени економии, каква што е македонската.
Според проекции на Обединетите нации1, глобалната популација ќе го достигне својот врв околу 2084 година, со нешто помалку од 10,3 милијарди жители. Истовремено, вкупната стапка на фертилитет на светско ниво е преполовена во споредба со 60-тите години на минатиот век, а во развиените земји, овој тренд е уште поизразен: земјите-членки на ОЕЦД бележат просечна стапка на фертилитет од околу 1,5, што е далеку под нивото од 2,1 раѓања потребно за долгорочна стабилност на населението.
Овие промени се резултат на сложена комбинација од економски, социјални и културни фактори. Растечките трошоци за домување и грижа за деца, променетите работни модели и зголемената несигурност, но и еволуцијата на ставовите кон родителството, значајно влијаат врз одлуките кога и дали да се имаат деца. Во развиените општества, сè почесто се прифаќа изборот за немање деца, додека очекувањата за таканаречено „квалитетно родителство“ стануваат повисоки и пообврзувачки.
Стареењето на населението и притисокот врз пензискиот систем во Македонија
Македонија не е изолирана од овие глобални текови, но се наоѓа во уште понеповолна позиција поради дополнителни структурни слабости. Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека учеството на населението над 65 години се зголемило од 13 проценти во 2013 година, на околу 18 проценти во 2023 година2. Во истиот период, просечната возраст на населението порасна од 36 на 41 година, а за првпат, бројот на лица постари од 65 години го надмина бројот на деца под 14 години. Овие индикатори јасно укажуваат дека земјата веќе е навлезена во фаза на изразена демографска старост.
Последиците од ваквата старосна структура одамна се видливи, особено во пензискиот систем. Традиционалниот модел на меѓугенерациска солидарност, во кој тековно вработените преку придонеси ги финансираат пензиите на постарите генерации, се покажа како неодржлив, релативно брзо по осамостојувањето. Клучниот индикатор за одржливост – бројот на вработени што финансираат еден пензионер – во Македонија изнесува околу 1,7, значително под минимално посакуваното ниво од 3. Негативните миграциски текови и ниската стапка на учество на работоспособното население на пазарот на труд дополнително ја стеснуваат основата за финансирање на пензиите.
Зошто првиот столб повеќе не може да ја носи целата тежина
Иако постои свесност за демографските предизвици, нивната сложеност не дозволува брзи решенија. Демографските процеси се долгорочни, а ефектите од политиките најчесто се видливи дури по една или две децении. Во тој контекст, воведувањето на тростолбниот пензиски систем беше значаен чекор кон намалување на зависноста од тековните генерации на вработени и обезбедување поголема долгорочна стабилност.
Со достигнувањето зрелост на системот, кога најголем дел од пензионерите ќе бидат членови на првиот и вториот столб, согласно важечката законска регулатива, првиот столб ќе исплатува како пензија околу 30–40 отсто од просечната валоризирана нето-плата за осигурениците вклучени во првиот и во вториот столб, наспроти сегашните 70–80 отсто за пензионерите надвор од вториот столб, што зависи од должината на работниот стаж. Преостанатиот дел ќе се исплатува преку вториот столб, кој функционира врз основа на капитализација на дел од придонесите.
Сепак, актуелните трендови укажуваат дека и тростолбниот систем мора континуирано да се надградува. Потпирањето исклучиво на pay-as-you-go моделот, станува сè понесоодветен во услови на стареење на населението и намалување на работната сила. Јавните расходи за пензии веќе достигнуваат околу 10 отсто од БДП, над просекот на ОЕЦД, а идната фискална издржливост е неизвесна поради буџетските дефицити и растечкиот јавен долг.
Искуствата на поуспешните земји покажуваат дека решението лежи во комбинација од мерки: подобрување на пазарот на труд, јакнење на вториот и третиот столб, даночни стимули за долгорочно штедење и пофлексибилни инвестициски модели, како и воведување мултифондови. Поединечно недоволни, заедно овие мерки градат поотпорен пензиски систем.
На крајот, демографијата не е само статистика, туку основа за долгорочен економски и социјален развој. Нејзиното игнорирање денес значи поголем ризик за сигурноста и адекватноста на идните пензии.
Извори:
1 https://ourworldindata.org/un-population-2024-revision
2 https://www.stat.mk/mk/site-publikafii/statistichki-godishnik
Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk.