Даниела Димовска ја презеде функцијата претседател на Кривичниот суд

by irena 11:37
11:37

Новоизбраната претседателка на Основниот кривичен суд Скопје – Даниела Димовска, денеска пред Судскиот совет даде свечена изјава пред стапувањето на функцијата, при што порача дека ќе продолжи со досегашното темпо на работа и како клучни приоритети ги посочи одржувањето на ажурноста на судот, намалувањето на заостанатите предмети, целосната анонимизација на судските одлуки и унапредувањето на транспарентноста преку нова веб-страница.

Димовска, која изминатите 14 месеци ја извршуваше функцијата вршител на должност претседател на судот, истакна дека резултатите постигнати во тој период претставуваат основа за натамошната работа.

– Со оглед на тоа што веќе 14 месеци ја извршувам оваа функција, денес, единствено со давањето на заклетвата, можам да ветам дека ќе продолжиме со истото темпо и динамика. Во изминатите 14 месеци успеавме да го намалиме приливот на предмети за 4.000. Еден сме од најажурните судови во државата. Успеавме да го намалиме бројот на стари предмети за 53 проценти. Успеавме да немаме ниту еден застарен предмет во текот на оваа година. При крај се и процесите за анонимизација на судските одлуки. Во тек е постапката за добивање одобрение од Судскиот совет за нова веб-страница на Судот – изјави Димовска.

Како најголем предизвик во работењето на судот, таа го посочи недостигот од кадар, нагласувајќи дека институцијата функционира со значително намален број вработени.

– Toа е најголемиот предизвик со кој се соочуваме, јас како раководител на оваа институција, бидејќи, за жал, имаме 130 вработени помалку во споредба со периодот пред неколку години. И со овој намален број вработени успеваме да се справуваме со приливот на предмети, меѓутоа најголемиот товар од работата паѓа токму на судската администрација, која не можам да ја изоставам, бидејќи тие се суштинската сила што стои зад судиите – рече Димовска.

Осврнувајќи се на довербата во судството, таа оцени дека клучот е во носење законити, образложени и разбирливи судски одлуки, но и во поголема отвореност на судовите кон јавноста.

– Единственото на што сметам дека ние можеме да работиме е носење образложени, законити и разбирливи одлуки, кои ќе бидат добро објаснети пред граѓаните. Сметам дека судот не треба да се правда, меѓутоа дефинитивно одлуките треба да бидат образложени и конзистентни. Тоа е еден од начините преку кои можеме да ја подобриме довербата. Во однос на критиките што често ги слушаме, морам да кажам дека тие силно влијаат врз перцепцијата за судството и дека негативните оценки најчесто доаѓаат не толку поради работата на судиите, колку поради негативните коментари. Сметам дека судството, и покрај тоа што е една од трите власти, не значи дека е на трето место или дека има „бронзен медал“. Напротив, тоа е една од трите власти што треба да бидат еднакви. Не само еднакви, туку сметам дека судството треба да биде коректив на законодавната и извршната власт – изјави Димовска.

Слични вести