Дали смената на Владиката Петар од работниот состав на Синодот значи нови ветришта во функционирањето на МПЦ?!

Изјавата на српскиот претседател Александар Вучиќ дека„српската црква и во Белград и во Скопје е една и иста“, предизвика реакција во Македонија. Македонскиот премиер Христијан Мицкоски возврати со „не навлегувам во комуникација за прашања што наликуваат од минатиот век“. Реагираше и МПЦ со порака дека „таа е онаа што ја остварува својата духовна и пастирска мисија кон сите православни христијани на својата канонска територија, без каква било условеност од нивната национална, политичка, културна или етничка припадност“. Ваквата размена на пораки, ја отвора дилемата дали македонското црковно прашање повторно е на маса, но и дали во врвот на МПЦ повторно се создаваат прегрупирања и поделби во зависност од тоа кој е повеќе за „Белград и Москва, а кој сака да гради подобри односи со Фанар“. „Фокус“ пред неколку броја ја обработуваше оваа тема во моментите кога се правеа персонални промени во црковниот врв.Објаснувањето е дека одлуката не е формулирана како дисциплинско исклучување на владиката Петар од Синодот во поширока смисла, туку како промена во постојниот работен состав  на САС. Што, беше кажано, е важна разлика, бидејќи сите архијереји се дел од Синодот во полн состав, додека работниот состав е потесно тело што функционира меѓу седниците на целиот архијерејски состав. Неофицијално, во црковните кругови се зборува дека реакцијата на Петар доаѓа поради тоа што ги губи позициите во врвот на Црквата, а кои со години му даваа епитет на највлијателен владика, кој „жари и пали“ за сите важни прашања и правци на дејствување на Црквата. Особено, затоа што веќе не е ниту член на постојниот состав на Синодот - тело што, според упатените, е највлијателно за моделирање на ставовите, темите и прашањата што се од интерес на Црквата

by jadranka 11:53
11:53

Текстот е објавен во неделникот „Фокус“ во бројот 1600 што излезе на 4 јуни 2026 

 

 

Пишувал: 

Зоран ФИДАНОСКИ 

 

Една информација што излезе во јавноста пред околу една седмица, а во која стои дека се направени кадровски промени во редовите на Црквата, поточно во работниот состав на Синодот на МПЦ, ја заинтригира јавноста во мерка доволна да се постават неколку дилеми. Прво, што значат последните промени во врвот на Македонската православна црква и второ, дали тие значат и промена на генералните правци на дејствување на МПЦ-ОА? Особено во делот на битката за целосно исполнување на автокефалниот и статусот на рамноправен член во православната заедница?

Фамозната информација произлезе од соопштението по седница на Светиот архијерејски синод на МПЦ, со кое се потврди дека митрополитот преспанско-пелагониски, г. Петар повеќе не е дел од постојаниот, односно работниот состав на САС на МПЦ-ОА, а на негово место, за нов член е избран митрополитот струмички г. Наум, додека за заменик на Наум е определен митрополитот европски, г. Пимен. Објаснувањето што следуваше за неа беше дека одлуката не е формулирана како дисциплинско исклучување на владиката Петар од Синодот во поширока смисла, туку како промена во постојниот работен состав на САС. Што, беше кажано, е важна разлика, бидејќи сите архијереји се дел од Синодот во полн состав, додека работниот состав е потесно тело што функционира меѓу седниците на целиот архијерејски состав.

Ваквото објаснување за промената што доаѓа во период на засилени бранувања во Црквата, настанати откако владиката Петар во неколку јавни настапи отвори повеќе прашања за функционирањето на Црквата, управувањето со епархиите, односите меѓу архијереите, како и состојбата со новоформираните епархии. Митрополитот со најдолг стаж во Црквата, бидејќи е највозрасен од сите владици, не се воздржуваше во своите медиумски говорења да го впери прстот кон поединечни владици. Така му замери на Пимен дека не води доволно сметка за Европската епархија, отворајќи го истовремено прашањето за нејзина поделба на неколку, но и дека, наводно, толерирал свештеници што тој (Петар) претходно ги расчинил. Како и кон Јован, зборвајќи за имотот на некогашната ПОА, поточно дека истиот треба да влезе во владение на МПЦ. Од него беа споменувани и епископите Јаков и Марко. Практично, влезе во конфликт со половина владици од Синодот, најавувајќи дека ќе ги отвори сите тие прашања на синодската седница.

Официјална реакција од посочените владици, од страна на Петар, немаше. А, ниту во соопштението на САС не се наведува дали на седницата биле разгледувани конкретни барања или обвинувања изнесени од владиката Петар. Синодот информираше дека ги разгледал и усвоил годишните извештаи од епархиите во земјата и дијаспората, со посебно внимание на демографската состојба кај македонскиот православен народ.

На истата седница се донела одлука да се направи Фонд за поткрепа на многудетни семејства, а формирана е и комисија што треба да ја разгледа материјалната состојба на новоформираните епархии. Ова прашање е едно од чувствителните теми во МПЦ-ОА, особено по интеграцијата на поранешните структури на ПОА и распределбата на новите црковни надлежности.

Ако се прочита сето ова внимателно, уште на прва може да се заклучи дека ниту едно од прашањата што Петар ги отвораше во јавноста не било или воопшто разгледувано, или, пак, не на начин каков би посакувал пелагониско-преспанскиот владика. Отсуството, пак, на реакција на споменатите владици упатува на тоа дека можеби во прашање е нешто друго. Неофицијално, во црковните кругови се зборува дека реакцијата на Петар доаѓа поради тоа што ги губи позициите во врвот на Црквата, а кои со години му даваа епитет на највлијателен владика, кој „жари и пали“ за сите важни прашања и правци на дејствување на Црквата. Особено, затоа што веќе не е ниту член на постојниот состав на Синодот – тело, кое, според упатените, е највлијателно за моделирање на ставовите, темите и прашањата што се од интерес на Црквата.

 

ПРОМЕНАТА Е РЕДОВНА И СПОРЕД УСТАВОТ НА МПЦ 

 

Затоа „Фокус“ официјално се обрати до портпаролот на Македонската православна црква, владиката Климент, со намера да добие објаснување што значи промената на редовниот состав на Синодот, особено ако се знае какво е значењето на ова црковно тело во рамките на  МПЦ-ОА.

–Важно е да се појасни дека се работи за редовна постапка предвидена со Уставот на МПЦ–ОА, која претставува дел од вообичаената практика во работењето на Светиот архијерејски синод. Согласно член 32, работниот, односно, постојаниот состав на Синодот го сочинуваат архиепископот, како негов претседател, и двајца членови од редот на епархиските архијереи, кои се избираат со мандат од две години, и со можност за продолжување најмногу за уште две години. Во конкретниот случај, САС констатираше дека мандатот на митрополитот преспанско-пелагониски г. Петар, заедно со дополнителниот период предвиден со Уставот, е исполнет по што Синодот, согласно со редовната процедура, според хиерархискиот редослед по старост, избра нов член и негов заменик во својот работен состав, ја објаснува за „Фокус, епископот хераклејски Климент, одлуката на Синодот.

Што се однесува до надлежностите на редовниот состав, владиката посочува дека станува збор за широк спектар на ингеренции.

–Најнапред ги опфаќа обврските за чување на догматското и канонското единство со сите помесни православни цркви, како и грижа околу ширењето на православната вера и раководењето со внатрешната и надворешната мисија на Црквата. Меѓу другото, Синодот, во постојан состав, внимава на доследното почитување на уставноста на МПЦ–ОА, ги толкува општите, задолжителните и посебните канонски и црковни прописи. Дополнително, тој работи на одржување и развивање конструктивни односи со државата по прашања од заеднички интерес. Надлежностите и овластувањата на работниот состав на постојаниот состав на Светиот синод се утврдени и се регулирани со членовите 32, 33, 34, 35, 36 и 37 од Уставот на МПЦ-ОА, потенцира портпаролот на МПЦ.

Прашан да коментира дали е можно да има поместување и на други  позиции во рамките на Црквата, Климент објаснува дека дејствувањето на МПЦ-ОА, во однос на кадровските позиции, се одвива навремено, одговорно и во согласност со реалните потреби на нејзината духовна и пастирска мисија. Иако, вели, во моментов не се очекуваат позначајни промени, архијереите, а, пред сè, Светиот архијерејски синод, внимателно ги следат потребите на верниот народ, на црковните воспитно-образовни институции, на епархиските органи и тела, и во согласност со нив предлагаат промени или нови соодветни кадровски решенија.

Ваквите зборови на гласноговорникот на Црквата упатуваат на размислување дека, иако се можни и натамошни промени, тие сами по себе не треба да се толкуваат како автоматска промена на нејзиниот курс. Но, сепак, се некаков вид индикатор на одредени внатрешни поместувања во рамнотежата на влијанијата меѓу владиците. Тоа значи дека владиката Петар не е „исфрлен“ од Синодот во целина, туку, како што веќе е опишано погоре, престанува да биде дел од неговото потесно оперативно раководство. Но, од аспект на црковната политика, тоа може да се толкува на неколку начини. Прво, изборот на владиката Наум за негов наследник, без оглед што по црковните правила, нему му доаѓа редот за членство, може и да значи дека постепено се засилува неговата улога. Тој важи за еден од пообразованите и дипломатски поумерени архијереи во МПЦ-ОА. Неговото вклучување во работниот состав може да значи и поголемо влијание на струја што повеќе е насочена кон институционално зацврстување на меѓуправославните односи. Второ, изборот на митрополитот европски Пимен за негов заменик е, исто така, интересен сигнал. Затоа што во јавноста, Пимен често се доживува како архијереј со поотворен пристап кон современите општествени теми и кон комуникација со јавноста. И, трето, се гледа и генерациско поместување во самиот врв на Црквата. Во последните години  доби неколку други архијереи, меѓу кои поставувањето на митрополитот Никола да биде на чело на Австралиско-новозеландската епархија, чиј избор дава надеж дека конечно ќе се надминат децениските недоразбирања што една поголема група македонски верници на петтиот континент ги имаше токму со владиката Петар, кога тој беше на чело на оваа епархија, која, според многу параметри, е финансиски најмоќна во дијаспората.

ПОТРЕБНИ СЕ РЕШЕНИЈА ШТО ЌЕ ГО ЈАКНАТ ПРАВОСЛАВНОТО ХРИСТИЈАНСТВО

 За овие прашања, „Фокус“ поразговара и со двајца одлични познавачи на црковните прилики – универзитетскиот професор Цане Мојаноски и новинарот Марјан Николовски. Работниот состав на Светиот синод треба да обезбедува постојано заседание на ова тело, кое по својата положба е клучно во Македонската православна црква-Охридска архиепископија, несметано, на дневна основа да се операционализираат определени постапки и дејствија, да се спроведуваат одлуките на Светиот синод во полн состав, но и на другите органи што ја чинат структурата на Црквата, вели некогашниот прв човек на Комисијата за односи меѓу верските заедници, Мојаноски.

–Во секоја организација или структура, од особено значење е кадровскиот состав и подготвеноста на истиот да создава услови, но и да презема чекори да ги решава прашањата и да ги надминува состојбите што во одделни положби создаваат недоумици, ја зголемуваат неизвесноста или значат непосредно отстранување на причините за настанувањето на некој проблем. Во таа смисла, составот на работниот состав на Светиот синод може да има поразлична динамика, поопстојно преземање иницијативи, но тој, според мое мислење, не може да понуди ништо повеќе од прашањата за кои постои општа согласност или консензус во полниот состав на ова тело. Затоа, во мандатниот период на овој работен состав на Светиот синод ќе продолжат дел од активностите поврзани со животот и работата на Црквата, но за прашањата поврзани со натамошното поврзување и сослужување со останатите православни цркви (особено од т.н. „грчки блок“), веројатно, тој процес ќе бара многу дополнителни анализи, дипломатски и контакти што ќе ја јакнат довербата и меѓусебното разбирање, особено во демонстрирањето подготвеност тој процес да се поддржи, да се прифати и да се помогне да се пронајдат решенија што ќе го јакнат православното христијанство, вели за „Фокус“, Мојаноски.

За него, разликите по прашањата или евентуалните поделби во врвот на Црквата покажува дека и припадниците на црквоните ерархии се луѓе, а во нив може да се препознаат поведенија што може да се сместат во сферата на политиката, бизнисот или припадноста кон одделни регионални или други специфичности.

–Од она што е досега соопштено, Светиот архијерејски синод на МПЦ-ОА, одлуките ги носи со консезус. Тоа не значи дека во дебатата нема и други нијанси. Од таму, појавата на посамостоен настап на одделни архијереи, особено во медиумите, како и обидот јавно да се говори за лица што не учествуваат во дебата може да се интерпретира на различни начини и да е мотивирано за други потреби и цели. Ние не слушнавме дали Светиот архијерејски синод се дистанцирал од определени изјави, оценки со посочувања на имиња или ситуации, што останува во сферата на личната перцепција, смета Мојаноски.

Што се однесува, пак, до тоа, дали во блиска иднина може да се очекуваат поинтензивни контакти со Вселенската патријаршија и за доуредување на односите со неа, Мојаноски е категоричен:

–Во македонската јавност, поединци од свештенослужителскиот состав, во одделни изјави и одделни архијереи на МПЦ-ОА застапуваат гледишта, кои на еден или на друг начин се слични со гледиштата на истанбулскиот или московскиот православен центар, со примеси и интерпретации на историското минато. Тоа, објективно, не создава претстава за тоа дали и колку се интензивни контактите со Вселенската партијаршија. За волја на вистината, архијереи на оваа Патријаршија ја посетуваат нашата Црква, сослужуваат со наши архијереи, но какви се тие контакти – едноставно нема основи за какво било тврдење. Дополнително, Македонската православна црква – Охридска архиепископија, како и дел од другите цркви, во основа, нема практика да ја информира јавноста за преземените активности за решавање на некое прашање поврзано доуредувањето на односите. Едноставно како тоа прашање да е во рамките на дипломатските аули. Во отсуство на какви било други информации, одговорот на ова прашање може да се сведе само на впечаток, вели тој.

Поранешниот прв човек на Верската комисија очекува дека и во дело, а не само на зборови ќе се применува подготвеноста да се прости и во својата прегратка да се прифатат архијереите и верниците од некогашната ПОА. Во таков дух треба да се гледа последната одлука од Синодот да се формира комисија што ќе ја решава материјалната состојба, но и други прашања за новоформираните епархии. Но, и да се покаже зрелост и одговорност за ова прашање.

Од друга страна, новинарот Марјан Николовски е уверен дека работниот состав на Синодот во минатото бил клучен за одлуките по кои се движела МПЦ-ОА. А, се надева дека така ќе биде и отсега натаму.

-Да потсетам, досегашниот работен состав, Стефан, Петар и Тимотеј, кој почина, а го замени Агатангел, донесе неколку одлуки, кои во изминативе четири години ја втурнаа МПЦ-ОА во рускиот двор. Сегашниот состав е Стефан, Наум и Агатангел, каде што владиката Наум може да има сериозно влијание во носењето на следните одлуки. Јас искрено очекувам дека ќе има промени во приоритетните прашања од интерес на МПЦ-ОА, како и темите за идно функционирање. Иако сосема сум сигурен дека владиката Петар ќе се обиде да влијае надворешно, преку архиепископот Стефан, вели Николовски.

ДА СЕ ПРЕКИНЕ „СТАТУС КВОТО“ ВО ОДНОСИТЕ СО ФАНАР

Според него, владиката Петар е познат по јавните пресметки со архијереите на МПЦ и тоа не ништо ново и не е од сега.

-Во кавги беше со поранешните поглавари Гаврил и Михаил, беше во кавги со Кирил и со Тимотеј, едно време и со Стефан. Па, Партениј, па Јован и Марко, еве на дневен ред дојдоа Пимен и Јаков, Наум… тој така опстојува, тоа му е стил на живеење. Но, проблемот е друг. Проблемот е што МПЦ-ОА тоа го толерира. Владиците во Синодот само си прераскажуваат како, што и кој Петар го нападнал, се смешкаат и си велат „молчи, нас не нè нападна“. Тоа што тие мислат дека тој е „таков и таков“ и констатираат, „остави го“, не го решава проблемот, напротив го зголемува. Неговата гласност е помоќна од нивната тишина, а треба да биде обратно, објаснува Николовски.

За него не е добро што подолго време има статус-кво ситуација во однос на контактите со Вселенската патријаршија, а причината е што нашата Црква самоиницијативно ја прекина комуникацијата. Николовски тврди и дека во јавноста по ова прашање биле пласирани полувистинити информации за некакви три услови да се добие томос од Фанар.

-Ништо од тоа не е точно. Напротив и Синодот, а и архиепископот се запознаени со ставовите на вселенскиот патријарх и преку државното посредување, од средбите на поранешниот претседател Стево Пендаровски и од последната средба на владиката Јосиф. Никаква дијаспора не бара Фанар, напротив бара нашите владици во дијаспората да членуваат во Советот на православни цркви, каде што сега членуваат сите владици на сите помесни цркви, меѓу кои и на руската црква. Фанар бара титулите на нашите владици да не се совпаѓаат со имињата на титулите на владиците на Вселенската патријаршија. Вартоломеј не бара МПЦ-ОА да донесе одлука за признавање на украинската автокефалија, туку МПЦ-ОА да воспостави комуникација со таа црква, дури и на поединечно ниво на архијереи. Фанар не бара „ерга омнес“ за името на МПЦ-ОА, туку да се почитува тоа што самата МПЦ-ОА во 2018 година, со писмо потпишано од сите владици на МПЦ-ОА го предложи на Вселенската патриајршија, а тоа е во диптихот на Православната црква, МПЦ-ОА да биде заведена како Охридска архиепископија и во обраќањето кон Фанар да се користи тоа име. Внатрешно и кон други цркви, како сака може да се именува.

Е сега дали има надежи за поместување на состојбите. Да. Дали има желба во МПЦ-ОА, можеби да. Дали МПЦ-ОА е под притисок од Белград и Москва да не го продолжи тој процес, сосема сигурно да. Да не заборавиме дека бугарската црква во изминативе 4 години вложи максимални дипломатски и политички и црковни напори да ја убеди Вселенската патријаршија дека не треба да ја признава МПЦ-ОА како Охридска архиепископија. Во секој случај, дипломатската прецизност на МПЦ-ОА е исклучително важна, а времето не работи на страната на нашата Црква, нагласува Николовски.

Истовремено, посочува дека за да се добие реално рамноправен статус во православниот свет, мора да се продолжи комуникацијата со Вселенската и да се засилат дипломатските контакти, особено со блокот грчки цркви.

ВЛАДИКА КЛИМЕНТ: СВЕСНИ СМЕ ЗА ИСТОРИСКОТО И ДУХОВНОТО НАСЛЕДСТВО, НО И ДЕНЕШНАТА ОДГОВОРНОСТ

На прашањето дали евентуално би имало поместување и на генералните правци на дејствување и ставовите по одредени прашања од МПЦ, владиката Климент вели:

-Умесно и полезно е да посочиме дека Црквата секогаш е ориентирана кон есхатонот, кон Царството небесно, но тоа не ја прави дистописка и нереална. Напротив, нејзиното евхаристиско, а потоа и вековно институционално постоење ѝ овозможило да стекне деликатни искуства во справувањето со различните политички, општествени и културолошки предизвици. Нашата помесна Црква е длабоко свесна за своето историско и духовно наследство, но и за својата денешна одговорност. Следејќи ги тековните општествени динамики, Црквата не ги презема актуелните модуси на дејствување, како на пример активизмот, политичката, културната или идеолошката партикуларност, туку поседува поинакви, уникатни начини на дејствување, засновани врз светопреданското и соборно решавање на предизвиците со кои се соочува, вели владиката.

За тоа, пак, на какво ниво се и можно ли е да се засилат контактите со Вселенската патријаршија, владиката појаснува:

–Воспоставената канонско-евхаристиска заедница со првопрестолната патријаршија во Константинопол се покажа како значаен мост на жива и континуирана меѓуцрковна комуникација. Нашата помесна Црква со љубов и искрена почит ги негува односите на доверба со Вселенската патријаршија, уважувајќи ги нејзините канонски и историски привилегии и ингеренции. Контактите постојат и се одвиваат на различни нивоа и со соодветен интензитет. МПЦ-ОА, во духот на вековните свештени традиции, гради добри релации и со сите помесни православни цркви.

ЦАНЕ МОЈАНОСКИ: „ПОБЕДНИЦИ“ И „ГУБИТНИЦИ“

За тоа каков правец воопшто треба да фати МПЦ за да добие реално рамноправен статус во православната заедница, нашиот соговорник Мојаноски вели:

–МПЦ-ОА, посебно во периодот на дејствувањето, по возобновата на автокефалноста, содржината на своето дејствување го насочи кон ширењето на своето влијание меѓу верниците, организирањето на верскиот и литургискиот живот, возобновата на образовните институции, изградбата на верски објекти, јакнењето на кадровскиот состав, како и сите елементи што ја сочинуваат „живата црква“.

Бидејќи Црквата има кадровски состав, кој може да ги дефинира стратешките интереси и цели, располага со искуство и практика на користење на знаењата од заедницата, треба да очекуваме дека таа ќе биде носител на иницијативи и ќе трага, заедно со Вселенската патријаршија и со другите православни цркви кон решенија, кои, на еден или друг начин ќе бидат ослободени од политичкото, историското или некое друго регионално влијание, дека ќе ги следат принципите и решенијата на вселенските собори за начинот на решавањето на прашањата што изгледаат сложени, тешко решливи и кои можат да предизвикуваат чувство на „победници“ и „губитници“. Да се надеваме дека како генерација на верници ќе бидеме сведоци на манифестација на православно заедништво, единство и подготвеност да се решаваат отворените прашања, односно без манифестација на доминацијата на моќта над правото, односно принципите.

Дали, пак, смета дека процесот автокефалност е завршен или треба да се заокружи сè уште и на кој начин тоа треба да се направи, Мојановски вели:

-Несомнено дека таа дебата е во сенката на различните интерпретации, на канонските решенија, на истанбулскиот и московскиот центар. Не знам колку личниот став за тоа прашање ќе го придвижи процесот. Ако се набљудува практиката и однесувањето на автокефалните цркви, тогаш, несомнено, ќе се дојде до заклучок дека тие во значителна мера ги следат општествените и политичките прилики во политичките граници во кои дејствуваат. Да се надеваме дека дијалогот меѓу православните цркви ќе се интензивира, дека ќе бидеме сведоци на нови исчекори, сличен на Одлуката на Светиот синод на Вселенската патријаршија од 2022 година.

 НИКОЛОВСКИ: МПЦ ЗА ПОВЕЌЕТО ЦРКВИ Е АВТОНОМНА, НЕ АВТОКЕФАЛНА ЦРКВА

Новинарот Николовски, пак, ја појаснува дилемата дали процесот автокефалност е завршен или треба да се заокружи сè уште и на кој начин треба да се направи тоа?

–МПЦ-ОА не е автокефална црква, туку експеримент на Москва преку Белград. Денес МПЦ-ОА за автокефална ја признава СПЦ, Руската и Бугарската црква. Романската привремено ја признава, но сè уште чека став од Вселенската патријаршија. Сите други цркви ја прифаќаат МПЦ-ОА како канонска, нееретичка црква, врз основа на одлуката на Вселенската патријаршија, но индиректно ја третираат како автономна црква во составот на СПЦ. Тоа е реалноста. Таа реалност ќе се промени само ако МПЦ-ОА и Вселенската патријаршија најдат заеднички јазик и ако Вартоломеј потпише томос за автокефалност. Тој томос нема да им значи ништо на СПЦ и на Руската црква, кои нели и сега ја прифаќаат за автокефална. Да потсетам и околу Украина. Бугарската црква не ја призна ПЦУ, но бугарски владици сослужуваа со нејзиниот поглавар. Москва не ја екскомуницира БПЦ. Зошто би било поинаку, ако на пример владиката Петар, или можеби некој друг, сослужува со ПЦУ, нешто што за Фанар би било сосема доволно, смета Николовски.

 

 

Слични вести