Дали се стопира продажбата на „Наша ТВ“ и радио „РФМ“ на српската „Ало“ – истрага на финансиската полиција?!

by jadranka 15:09
15:09

Управата за финансиска полиција отвори предмет и ги проверува наводите за можен влез на сомнителен капитал во македонскиот медиумски простор од северниот сосед. Ова доаѓа откако опозициската СДСМ јавно побара истрага за купување телевизија и за, како што тврди партијата, зголемено влијание на српски медиумски групации во Македонија.

Финансиската полиција ги испитува сите индиции и информации што беа изнесени во јавноста, додека Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, врз основа на постапувањето на институциите, ја запрела постапката за промена на сопственичката структура на една телевизија и едно радио, неофицијално потврдуваат за „Фокус“ од Финансиската полиција.

„Во врска со наводите изнесени од страна на СДСМ за наводен влез на сомнителен капитал и купување на телевизија, ја информираме јавноста дека Управата за финансиска полиција постапува по предмет и ги испитува сите индиции и информации кои беа изнесени во јавноста, а АВМУ врз основа на постапувањето на институциите ја запре постапката за промена на сопственичката структура на една телевизија и радио. Институциите, во рамки на своите законски надлежности, ги преземаат потребните дејствија за утврдување на сите релевантни факти и околности. Апелираме да не се шпекулира и да не се дезинформира јавноста со непроверени и невистинити информации. Надлежните институции постапуваат професионално и согласно закон, со цел заштита на јавниот интерес и интересите на граѓаните“ – велат од Финансиската полиција.

Реакцијата следува откако СДСМ побара да се испита, како што го нарече, „влезот на српската медиумска машинерија во Македонија“. Портпаролката на партијата Богданка Кузеска претходно тврдеше дека преку повеќе медиумски и деловни структури се создава простор за засилено српско медиумско влијание и побара институциите да проверат дали при промените на сопственоста и работењето на странски медиумски компании се почитуваат македонските закони.

СДСМ ги поврза своите сомневања и со влезот на српски капитал во банкарскиот сектор, тврдејќи дека треба да се провери потеклото и движењето на парите, како и евентуалната поврзаност со медиумски инвестиции.

Од институциите засега не соопштуваат повеќе детали за предметот на Финансиската полиција, ниту за тоа која конкретна телевизија и радио се опфатени со запрената постапка на АВМУ. Истрагата треба да покаже дали има основа за сомневањата што беа изнесени во јавноста.  Неофицијално, се работи за телевизијата „Наша ТВ“  и Радиото „РФМ“ кои имаат ист сопственик , а купувач треба да биде моќен медиумски “играч“ од  соседна Србија.

„Фокус“ веќе пишуваше на оваа тема  и неодамна објави дека српски медиумски бизнисмени блиски до претседателот на Србија Александар Вучиќ влегуваат во медиумскиот простор во Македонија. Групацијата Ало Медиа Систем ДОО Белград, ги купува  Наша ТВ и Радио РФМ кои се во сопственост на Ристо Гоговски, преку локално формираното правно лице Ало Медиа Систем ДООЕЛ Скопје. Оваа фирма е формирана со единствена намена да ги спрведе купопродажните трансакции за двата македонски медиуми.

На почетокот на месецов пред Советот на АВМУ требаше да одлучува за одобрување на промената на сопственичката структура на Наша ТВ која се емитува на национално ниво преку кабел, како и за Радио РФМ чија програма оди во етерот во Скопје и скопскиот регион. Но, тогаш, дојде до одложување на одлуката, за да се остави простор за проверка на наводите што се појавија во јавноста – дали има сомнителен капитал кој ќе влезе на македонскиот меедиумски простор.

„Фокус“ уште тогаш го контактираше сопственикот на двата медиума Гоговски кој потврди дека има потпишано писмо за намери, но се уште не сакаше да открие детали во купопродажниот договор за Наша ТВ и РФМ Радио. „Имаме потпишано писмо намери кое треба да се преточи во договор за кој се уште водиме преговори. Ги чекам одлуките од двете надлежни институции АВМУ и Антимонополската комисија, по што процесот може да продолжи, за што имаме рок од 90 дена. Засега не можам да откривам повеќе детали, затоа што имаме усогласено и клаузула за доверливост меѓу двете страни“, изјави за “Фокус“ тогаш Гоговски. И, на тој начин го остави неодговорено прашањето колкав е износот на купопродажбата на неговите медиуми.

Која е Ало Групација?

За споменатиот влез на Групацијата Ало во Македонија, пишуваат и српските медиуми. Според објавеното од Н1, ова претставува прво поголемо регионално проширување на оваа српска медиумска групација надвор од границите на Србија. Во моментов таа поседува два онлајн портали во Црна Гора.  Таа во матичната земја е препознатлива по издавањето на дневниот весник Ало, како и порталот ало.рс. Нејзин доминантен сопственик е бизнисменот Саша Благојевиќ, кој подоцна го проширил своето медиумско портфолио со купување на белградското студио Б, како и на 10 отсто од Информер – медиуми кои важат за силни поддржувачи на политиките на власта предводена од Вучиќ и неговата партија СНС.

Според информациите, Благојевиќ важи за бизнисмен со силно влијание во српскиот медиумски простор, кој рапидно го шири својот сопственички удел преку неколкиу негови компании. Освен Ало и Ало.рс, тој го има основано бизнис-порталот БизПортал во Србија и Поглед во Црна Гора. Последните негови медиумски аквизиции на регионално и локално ниво во Србија се ТВ Прибој, ТВ Лав Плус и Ниш ТВ. А, бил успешен и во маркетинг секторот каде се појавувал во улога на косопственик на агенцијата ‘Трилениум’“, но и сопствено формирана агенција „Ало Маркетинг“.

Зоран Фиданоски 

Слични вести