„Фокус“ открива: Српски медиумски “играчи“ влегуваат во медиумскиот простор во Македонија

by jadranka 14:21
14:21

Српски медиумски бизнисмени блиски до претседателот на Србија Александар Вучиќ влегуваат во медиумскиот простор во Македонија. Групацијата Ало Медиа Систем ДОО Белград, ги купува  Наша ТВ и Радио РФМ кои се во сопственост на Ристо Гоговски, преку локално формираното правно лице Ало Медиа Систем ДООЕЛ Скопје. Оваа фирма е формирана со единствена намена да ги спрведе купопродажните трансакции за двата македонски медиуми.

Веќе идната недела пред Советот на АВМУ ќе треба да одлучи за одобрување на промената на сопственичката структура на Наша ТВ која се емитува на национално ниво преку кабел, како и за Радио РФМ чија програма оди во етерот во Скопје и скопскиот регион. Според информации на Фокус, веќе тече рокот за одлука на Комисијата за заштита на конкуренција која треба да реши дали со ваквата купопродажба се создава можна монополска позиција. По што, нема пречки во рок од три месеци купопродажниот договор да се реализира.

„Фокус“ го контактираше сопственикот на двата медиума Гоговски кој потврди дека има потпишано писмо за намери, но се уште не сакаше да открие детали во купопродажниот договор за Наша ТВ и РФМ Радио. „Имаме потпишано писмо намери кое треба да се преточи во договор за кој се уште водиме преговори. Ги чекам одлуките од двете надлежни институции АВМУ и Антимонополската комисија, по што процесот може да продолжи, за што имаме рок од 90 дена. Засега не можам да откривам повеќе детали, затоа што имаме усогласено и клаузула за доверливост меѓу двете страни“, изјави за “Фокус“ Гоговски. И, на тој начин го остави неодговорено прашањето колкав е износот на купопродажбата на неговите медиуми.

Која е Ало Групација

За споменатиот влез на Групацијата Ало во Македонија, пишуваат и српските медиуми. Според објавеното од Н1, ова претставува прво поголемо регионално проширување на оваа српска медиумска групација надвор од границите на Србија. Во моментов таа поседува два онлајн портали во Црна Гора.  Таа во матичната земја е препознатлива по издавањето на дневниот весник Ало, како и порталот ало.рс. Нејзин доминантен сопственик е бизнисменот Саша Благојевиќ, кој подоцна го проширил своето медиумско портфолио со купување на белградското студио Б, како и на 10 отсто од Информер – медиуми кои важат за силни поддржувачи на политиките на власта предводена од Вучиќ и неговата партија СНС.

Според информациите, Благојевиќ важи за бизнисмен со силно вкијание во српскиот медиумски простор, кој рапидно го шири својот сопственички удел преку неколкиу негови компании. Освен Ало и Ало.рс, тој го има основано бизнис-порталот БизПортал во Србија и Поглед во Црна Гора. Последните негови медиумски аквизиции на регионално и локално ниво во Србија се ТВ Прибој, ТВ Лав Плус и Ниш ТВ. А, бил успешен и во маркетинг секторот каде се појавувал во улога на косопственик на агенцијата ‘Трилениум’“, но и сопствено формирана агенција „Ало Маркетинг“.

Зоран Фиданоски

Слични вести