Дали се почитувалe елаборатите за изведување на јама и заштита при работа на објектот на Коневски?

Во рамки на истрагата за трагедијата во Кисела Вода каде тројца работници беа потрупани со земја, од кои еден загина, особен акцент ќе се стави врз дел од документацијата неопходна за издавање на одобрението за градење, при што во случајов особено битни се елаборатот за изведување на јама или ископ, како и елаборатот за заштита при работа, неофицијално дознава „Фокус“.

by vlatko 21:23
21:23

Веднаш по несреќата на градилиште во Кисела Вода, каде беа потрупани со земја тројца работници, од кои еден го загуби животот, на лице место излегле припадници на противпожарната служба и полицијата, кои заеднички ги извлекувале работниците, велат очевидци.

Покрај тоа, информациите говорат дека на терен дошле претставници на трудовиот и градежниот инспекторат, по што местото на несреќата било обелележано и обезбедено, со цел да се направи увид, но и да се спречи потенцијална нова несреќа.

Дополнително, велат добро упатени извори, јавен обвинител веќе издал наредби за обезбедување на неопходната документација за утврдување на фактичката состојба и евентуална одговорност за трагедијата, при што ќе се проверува дали инвеститорот ја поседувал целокупната потребна проектна документација.

Неофицијално, во рамки на истрагата особен акцент ќе се стави врз дел од документацијата која е неопходна за издавање на одобрението за градење, а во случајов особено битни се елаборатот за изведување на јама или ископ (за темели), како и елаборатот за заштита при работа.

Мора да се провери дали инвеститорот и изведувачот прво ја поседувале цела потребна документација за да почнат со работа на терен, а потоа да се провери дали ги почитувале пред се елаборатите за изведување на јама и за заштита при работа, се разбира ако тие биле соодветно изработени – вели соговорник вклучен во истрагата.

Инаку, елаборатот за изведување на јама, врз основа на податоците за почвата, косините и теренот од геомеханичкиот елаборат, меѓу другото, определува димензии на јамата, длабочина на ископ, но и начин и фази на ископ, технологија на изведба итн.

Воедно, овој елаборат вклучува и обезбедување на работната зона, заштита од одрони, користење на заштитна опрема…, додека елаборатот за заштита при работа дополнително дефинира опасности и проценка на ризици, со тоа што еден од нив се одроните и затрупувањето.

Како дел од техничките и организациските мерки за заштита при работа се обука на работниците, контрола и надзор, оградување на градилиште, обезбедување на скелиња и платформи, потпорни конструкции за ископи, па ќе се проверува дали сите овие стандари се запазени и испочитувани.

„Фокус“ веќе објави дека поранешниот градоначалник на Аеродром, Ивица Коневски, кон крајот на ланската 2025 година ја формирал градежната компанија „Нар Инвестмент“, која само неколку месеци подоцна добива одобрение за градење на објект во Кисела Вода, каде денеска се случи трагедијата со човечки жртви.

Имено, трагедијата се случила при изградба на станбено-деловен објект на улица Козјак број 4, кој всушност почнал да се гради врз основа на одобрение за градење издадено од Општина Кисела Вода минатиот месец, односно на 04.03.2026 година, кое станало правосилно неколку дена подоцна, т.е. на 09.03.2026 година.

Тоа значи дека градежната дозвола за изградба на овој објект станала правосилна само неколку месеци откако друштвото „Нар Инвестмент“ на Коневски било основано кон крајот на ланската година, кое практично регистрирано на 10.11.2025 година со седиште во Скопје.

На нашето прашање како и зошто се случила трагедијата, Коневски кусо ни изјави дека одговорите треба да ги даде изведувачот. Станува збор за „Јакимовски Компанија“, додека надзорот го вршел проектантот „Сара-4“.

Што се однесува до изведувачот „Компанија Јакимовски“, до компанијата упативме прашање што точно се случило на лице место и дали биле преземени неопходните мерки за заштита и обезбедување? Штом добиеме одговори, веднаш ќе ги објавиме.

Екс градоначалникот Коневски е инвеститор на објектот каде загина работник: Кој е виновен за трагедијата?

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Слични вести