Четворица планинари затрупани од лавина во Грција, петтиот се откажал од качувањето и останал жив

by irena 18:13
18:13

Затрупани под снежна лавина на планината Варду́сија, во централна Грција, синоќа беа пронајдени безживотните тела на четворица планинари кои од средата се водеа за исчезнати. Во тек е операција за извлекување на телата со хеликоптер, јави дописничката на МИА од Атина.

Телата на тројцата мажи и една жена биле пронајдени по повеќечасовна потрага во тежок и непрооден терен, покриен со свеж снег, од страна на спасувачките екипи на грчката противпожарна служба.

Член на Грчката спасувачка служба од областа Атика за телевизијата „Скај“ изјави дека несреќата се случила на надморска височина од околу 2.000 метри, во планински масив со карпи и стрмни падини, дополнително отежнати од снежната покривка.

Безживотните тела биле лоцирани уште синоќа, но поради лошите временски услови и ноќта, операцијата за нивно извлекување започна денеска.

Група од пет лица, меѓу кои и искусни планинари, тргнала на планинарење во средата, на Божиќ. Еден од нив се откажал од искачувањето, а откако не успеал да воспостави контакт со останатите четворица, ги известил надлежните служби.

Веднаш била покрената обемна спасувачка операција со ангажман на околу 30 пожарникари, специјално возило, тим за беспилотни летала од областа Тесалија, членови на Грчката федерација за планинарење, Грчката спасувачка служба и хеликоптер, во координација со грчката полиција.

Слични вести