Пишува: Денко МАЛЕСКИ
35 години независност – сеќавања на првиот министер за надворешни работи на Република Македонија
ТРИ ФАЗИ ВО РЕШАВАЊЕТО НА ЈУГОСЛОВЕНСКАТА КРИЗА
По 46 години мир, континентот на Европа го искуси првото воено насилство на територијата на Социјалистичка Федеративна Република Југославија. Во сукцесивни бранови, судирите што почнаа во Словенија на 26 јуни 1991 година, се прелеаја во Хрвтаска, а потоа и во Босна и Херцеговина, каде што колежите ја доживеаја својата кулминација. Потребни беа повеќе од четири години да се сопрат етничките војни и да се воспостави мир. Војната ги стави на проба меѓународните институции, кои и самите се приспособуваа на нивата ера по завршувањето на Студената војна, вообликувајќи ја својата нова политика.
Гледајќи наназад, распознаваме три фази во реакцијата на меѓународната заедница на кризата во Југославија.
Првата фаза трае од јуни 1991 до јануари 1992 година. Во оваа фаза, за решавање на конфликтот со ЈНА (под контрола на Србија) во Словенија, а потоа и на Хрватска, одговорност зема Европа. Европските институции, поточно Европската заедница и КЕБС, се обидуваат да произведат политичко решение за воениот конфликт во Југославија.
Втората фаза трае од јануари 1992 до април 1994 година. Во оваа фаза, одговорност за решавање на кризата од меѓуетничките војни во Хрватска и во Босна и Херцеговина, во кои Србите се борат против Хрватите, муслиманите против Србите и Хрватите против муслиманите, ја презема меѓународната заедница. Имено, со здружени сили, Европската Унија и Обединетите нации се обидуваат да му застанат на патот на натамошното ширење на воениот пожар во други делови на Југославија и во соседните држави.
Третата фаза трае од април 1994 до ноември 1995 година. Мотивирани од стравот од ширење на војната, одговорност за справување со воениот метеж во Босна и Херцеговина, во која секој се бие со секого, презема и НАТО. Имено, во оваа фаза се создава заеднички фронт меѓу ЕУ, ОН и НАТО.
АМЕРИКА ОДБИВА ДА СЕ ИНВОЛВИРА
Првата фаза од кризата ја карактеризира отсуство на волја кај Американците директно да се ангажираат во југословнскиот конфликт. Ниту нивниот државен интерес, ниту расположението на американското јавно мислење не покажуваа во насока кон Балканот. Во 1991 година, на средбата со американскиот државен секретар Џејмс Бејкер со претседателите на републиките во зградата на Сојузниот извршен совет, на кој го придружував претседателот Глигоров, ова ни беше експлицитно кажано. Седнати во „македонската соба“, чекавме да дојде нашиот ред и да нè посети американскиот државен секретар, кој вршеше обиколка на одвоените простории, во кои седеа скараните републички политичари. Трезвените зборови на Бејкер дека нема расположение во Америка по третпат во ова столетие, значи по интервенциите во Првата и во Втората светска војна да гинат во Европа, дека осудуваат секакво насилство и дека ќе го поддржат секое политичко решение што би се постигнало на конференциската маса, беа различно толкувани од различните актери во југословенската драма. На дело, имено, се покажа дека постои „културен јаз“ меѓу западните и балканските политичари. Пораката на Бејкер, за мене, значеше дека ќе ја имаме американската поддршка за нашата политика на мирољубиво самоопределување, додека на „класичните“ балкански политичари значеше дека независно од тоа колку сила ќе употребат – Америка нема да интервенира против нив.
Воздржаниот американски однос кон кризата го следеа и Обединетите нации, во која имаат водечка улога. Наспроти очекувањата дека со завршувањето на Студената војна ќе управуваат со светот, диктирајќи ги условите за војна и мир, тие се повлекоа. Светската организација се тргна понастрана од југословенската криза. Така, на притисокот да се изјасни во прилог на Словенија, а против Белград, генералниот секретар на ОН, Перез де Куељар ги повтори ставовите на американскиот амбасадор во ОН дека „Словенија не е независна држава и членка на ОН“ и дека „ОН нема никаква улога во Југославија, освен во случај на неуспех на ЕЗ и на КЕБС“.
Значи, кризата беше во европски раце. Конечно, ставот беше во согласност и со востановената пракса, регионалните организации да бидат првите што ќе се обидат да најдат решение за кризите. Изјавата на министерот за надворешни работи на Луксембург, Жак Пос, дека „ерата на Европа осамнува“ и дека „ова е часот на Европа… не часот на САД“, беше прифатена со двете раце, како од Америка, така и од ОН. Ослободени од сите грижи, а особено од воените и финансиските, САД и ОН со задоволство им оставија на Европејците сами да си го суредат нивниот „заден двор“ – Балканот.
Но, почетните искрени напори на Европската заедница ќе го потврдат „културниот јаз“ меѓу европските и балканските политичари, претворајќи ги преговорите со главните актери на југословенската криза во дијалог на глуви. Имено, секогаш кога ќе се помислеше дека е постигната голема дипломатска победа во решавањето на кризата, балканските политичари дозволуваа таа да се прелее натаму – од Словенија во Хрватска, од Хрватска во Босна и Херцеговина… Се разбира, кризата ги откри и недостатоците на Европа, заедница на држави, која имаше и сè уште има тешкотии да зборува со еден глас во меѓународните односи.
Тој голем недостаток не можеше да се отстрани со Договорот за Европска Унија, со кој економскиот сојуз требаше да прерасне во политички сојуз, кој се потпира врз „столбот“ наречен „Заедничка надворешна и безбедносна политика“. Целта, како што ќе биде запишано во Договорот од Маастрихт, беше „Европа да го наметне својот идентитет на меѓународната сцена, особено преку имплементирање заедничка надворешна и безбедносна политика, која, со текот на времето, би довела до заедничка одбрана“. Но, настаните што следеа покажаа дека патот до оваа цел ќе биде тежок, а со инволвирање во кризата во Југославија, Унијата ќе учи преку еден мачен процес на обиди и грешки. Преку многу обиди и многу грешки.
„ТРОЈКАТА“ ИСПРАТЕНА ВО МИСИЈА
Три дена по избувнувањето на непријателствата во Словенија, Европскиот совет, составен од шефови на држави и на влади, замрзнува секаква економска помош, но ја праќа својата „тројка“ (Италија, Луксембург и Белгија) во мисија на добра волја во Југославија. Под нивен притисок се потпишува Брионскиот договор на 7 јули 1991 година. Во договорот, Словенија, Србија и Хрватска се обврзуваат да потпишат „Заедничка декларација за мирно разрешување на југословенската криза“. Словенија се обврзува да ја суспендира својата „Декларација за независност“ на три месеци, беше издејствуван прекин на огнот, а потоа согласност Стипе Месиќ да го преземе раководењето со претседателството на СФРЈ. Намерите на ЕЗ беа да се создаде мирна атмосфера, која би им овозможила на народите на Југославија на конференциска маса да ја договорат својата заедничка иднина. Всушност, се работеше за обид да се реализира во пракса резолуцијата на европскиот парламент од 15 март 1991 година, која повикуваше на нов уставен договор на републиките, кој би ги почитувал правата на сите народи на Југославија, со што би се овозможило државата Југославија да опстане. На правото на конститутивните републики и автономни покраини на Југославија слободно да ја определат својата политичка иднина на мирен и демократски начин, врз основа на признавање на републичките граници како меѓународни и на осуда на насилното поведение на ЈНА во одржувањето на јавниот ред, како и осуда на постојаното кршење на човековите права на етничките Албанци на Косово.
Години подоцна, политичките научници ги изложија на критика пораките на ЕЗ поради конфузната лексика, која испраќала противречни сигнали до страните во конфликтот. Всушност, европските заложби за „демократска и обединета Југославија“ паѓаа на различни уши на Балканот. Едните, целиот акцент го ставаа на демократското право на народите на самоопределување, па ставовите на Заедницата ги доживуваа како поддршка на нивното сецесионистичко поведение.
Но, и силите на унитаризмот можеа да се повикаат на Европа, во делот во кој таа зборува за „почитување на територијалниот интегритет на Југославија“. Во интерес на Македонија, сметав, не беа ниту сецесионизмот, ниту унитаризмот, па европските пораки ги разбирав како повик за воздржаност, што би овозможило создавање атмосфера на дијалог, во која би се изнедрило заедничко прифатливо политичко решение. Зашто, вистината беше дека Европејците, како и Американците, беа подготвени да прифатат секакво решение, кое, ние народите на Југославија, би го постигнале на конференциска маса. Така, во обид да ги задоволат сите, ЕЗ испраќаше пораки што внесуваа забуна. За Европа беше неприфатливо кризата во европска држава да се решава со воени средства. Неприфатлив, како што ќе изјави Даглас Херд во Домот на обичните, беше обидот да се сочува државата со убивање на своите граѓани…
ВОЈНАТА ПРОДОЛЖИ ДА СЕ ШИРИ
Сепак, убивањето продолжи. Секој во името на својата визија за државата. Така, наспроти заложбите на Европа за мир, војната продолжи да се шири. Тримесечниот мораториум со кој престана насилството во Словенија, оваа југословенска република го искористи да ја консолидира својата позиција на самостојна држава. Србија, пак, повикувајќи ја и консолидирајќи ја ЈНА, почна да ги прегрупира своите сили во српски населените простори на Хрватска и Босна и Херцеговина. Свесни за опасностите од тотална граѓанска војна, државите-членки на ЕЗ предупредуваат и се закануваат дека политика на „свршен чин“ (fait accompli) и на територијалните освојувања нема да бидат признаени од меѓународната заедница. Следуваат економски санкции, како обид со употреба на економска сила да се сопре ширењето на војната од север кон југ.
Сериозно се разнишани добрите односи на Заедницата со Југославија, а во резолуцијата на европскиот Парламент од 15 март 1991 година се осудуваат републиките „што ги разрешуваат своите разлики со употреба на сила“. Во обид да ги одоброволат, тие заклучуваат дека „позитивно решение на сегашната криза, како и апсолутното почитување на човековите права, би овозможило прифаќање на третиот протокол од страна на Парламентот и отворање преговори за асоцијативен договор“. Залудно. Крвавиот пир продолжи. Со одлука на југословенското претседателство, ЈНА се повлече од Словенија по нејзиното прегрупирање во Хрватска и во Босна и Херцеговина, ги направи подготовките за нова ескалација на насилства. Се разгоре конфликтот во Хрватска, уште пред да се размести тимот за набљудување на ЕЗ. Мисијата за мониторирање, обид да се прекинат воените дејствија во Хрватска, се засили со воспоставување мешани воени патроли на војници од ЈНА и на припадници на хрватската полиција. Кога и тоа се покажа за недоволно, францускиот министер за надворешни работи, Ролан Дима предложи разместување на лесно вооружени единици на Западноевропскиот сојуз, воената организација на ЕЗ, да го надгледува прекинот на огнот во Хрватска. Тука почнуваат првите несогласувања меѓу сојузниците. Британија, Германија, Шпанија и Грција не ја прифаќаат оваа идеја. Германско-францускиот предлог од 6 август, да се повикаат ОН да интервенираат врз база на членот 39 од Повелбата, наидува на отпор во светската организација од Русија и Кина.
Нешто мораше да се промени во пристапот на ЕЗ кон кризата во Југославија. Се посегна по најсилниот метод на дипломатски притисок – во август 1991 година се свика „Европската конференција за Југославија“. Така се формира еден постојан форум за преговори што требаше да ги надмине слабостите на редовната дипломатија. Всушност, се работеше за мировна конференција, на која свое место најдоа сите делови на сè уште заедничката држава Југославија.
Југославија ја претставува Сојузното претседателство и сојузната влада, републиките нивните претседатели и министри за надворешни работи, додека Европската заедница ја застапуваше претседателот на европскиот совет на министри, како и претставници на земјите-членки на Европската комисија. Беше формирана и Арбитражна комисија, составена од пет претседатели на уставни судови на државите-членки на ЕЗ, предводена од Французинот Робер Бадинтер. Со мировната конфереција претседаваше Лорд Карингтон, специјалниот пратеник на ЕЗ за Југославија.
(Продолжува)