Вршителот на должноста шеф во Амбасадата на Македонија во Софија денеска бил повикан во Министерството за надворешни работи на Бугарија откако на пратеник во тамошниот парламент пред два дена не му бил дозволен влез во земјава.
Како што се наведува во соопштението објавено на официјалната веб-страница на бугарското МНР, на пратеникот и претседател на парламентарниот комитет за Бугарите во странство, Ангел Георгиев на 27 септември не било дозволено да влезе во Македонија.
Според наведеното, Георгиев како член на бугарска парламентарна делегација требало да присуствува на рочиште од судскиот процес што во Основниот суд во Кочани се води против Ива Михаилова, закажано за следниот ден (28 септември).
За време на средбата, бугарското Министерство за надворешни работи побарало објаснување за причините за одбивањето на надлежните македонски власти да дозволат пратеникот да ја премине границата, особено имајќи го предвид тоа што Георгиев во претходните месеци непречено влегувал во Република Северна Македонија за истата цел.
Од бугарското МНР велат дека јасно изјавиле оти преземените дејствија од македонска страна ги сметаат за провокативни.
Инаку, на Ива Михаилова ѝ се суди во Кочани за сообраќајна несреќа со смртни последици што се случи минатата година.