Бугарија повторно на удар на лажни дојави за бомби, мета и патнички авиони

by irena 15:50
15:50

Нов бран дојави за поставени експлозивни направи денеска беа испратени до повеќе институции во Бугарија, а закана беше упатена и кон патнички авион што сообраќаше од италијанскиот град Бергамо и принудно слета на аеродромот „Васил Левски“ во Софија – соопшти во Перник вршителот на должноста главен секретар на бугарското министерството за внатрешни работи, главен комесар Љубомир Николов.

По слетувањето на авионот во Софија, кој заканата ја добил преку електронска пошта, припадници на Специјализираниот одред за борба против тероризмот веднаш започнаа детална проверка за евентуално поставена експлозивна направа.

– Непријатно е што сега почнаа да ги вклучуваат и некои од авиокомпаниите, поради што се наметнува потреба од промена на курсот на авионите и преземање соодветни мерки – изјави Николов, додавајќи дека МВР ги проверува сите примени сигнали и дека службениците постапуваат според утврден протокол.

Тој нагласи дека засега нема информации за конкретни терористички намери или активности, но безбедносните мерки на аеродромите се засилени и се одржува постојана подготвеност за реакција.

Оваа закана доаѓа само еден ден откако лет од Лондон за Софија беше пренасочен кон Будимпешта поради слична порака, за која сè уште се утврдува конкретниот испраќач. Во претходни слични случаи беше утврдено дека ИП-адресите на електронските пошти беа регистрирани на територијата на други европски држави. Претходно, на 18 октомври, авион што летал од Тел Авив за Виена исто така принудно слета во Софија поради дојава за бомба. Во ниту еден од овие случаи не беа пронајдени експлозивни направи.

Покрај авиосообраќајот, денеска мета на закани преку електронска пошта беа и голем број судски и здравствени установи. Дојави за бомби пристигнаа до Окружното обвинителство во Стара Загора и до болницата во Казанлак, поради што сите институции сместени во Судската палата во Стара Загора ја прекинаа работата до 13 часот, а закажаните рочишта беа одложени.

Лажни дојави за експлозивни направи денеска беа испратени и до судските згради во Бургас и Јамбол, како и до Општина Јамбол, но таму вработените не беа евакуирани и продолжија со работа додека полицијата ги вршеше проверките, објави телевизијата БТВ.

Слични закани беа регистрирани и во изминатите неколку денови. Во Бургас беше добиена закана за бомба за време на судско рочиште за предметот со сообраќајната несреќа со теренско возило (АТВ) во Сончев Брег, додека во Хасково беа поднесени дојави за Судската палата, како и за едно училиште и две детски градинки во Димитровград.

По извршените проверки во сите објекти, не беше утврдена реална опасност. Нов бран злонамерни пораки пристигна и во Јамбол, само еден ден откако Општината и Судската палата беа превентивно евакуирани.

Слични вести