„Државјанин на Република Бугарија не може да биде екстрадиран на друга држава или на меѓународен суд за целите на кривично гонење, освен ако тоа не е предвидено со меѓународен договор што е ратификуван, прогласен и степен во сила за Република Бугарија“ – соопшти денеска бугарското Министерство за внатрешни работи во врска со случајот со Ива Михајлова, по која македонското МВР распиша меѓународна потерница, откако викендов таа избега во Бугарија, а во судот во Кочани ѝ се суди за сообраќајна несреќа со смртни последици.
– На 13 октомври во 19:38 часот, Дирекцијата за меѓународна оперативна соработка (DIOC) прими известување од Интерпол Скопје со барање за распишување меѓународна потерница за апсење и екстрадиција на Ива Михајлова – државјанка и на Бугарија и на Република Северна Македонија. Во известувањето беше наведено дека против Михајлова се води постапка за сообраќаен прекршок (дело казниво според член 300 од Кривичниот законик на Република Северна Македонија) и дека Судот во Кочани издал налог за нејзино апсење на истиот датум – 13 октомври 2026 година. До овој момент, за Михајлова не е издадена „Црвена потерница“ (Red Notice). Бугарските власти не презеле никакви дејствија за лоцирање на лицето на бугарска територија. Потсетуваме дека, согласно член 25, став 4 од Уставот на Република Бугарија: „Државјанин на Република Бугарија не може да биде екстрадиран на друга држава или на меѓународен суд за целите на кривично гонење, освен ако тоа не е предвидено со меѓународен договор што е ратификуван, прогласен и степен во сила за Република Бугарија.“ Член 6, став 1а од Европската конвенција за екстрадиција предвидува: „Секоја договорна страна има право да ја одбие екстрадицијата на своите државјани.“ – се наведува во соопштението од бугарското МВР.
Македонските власти реагираа за бегството на Михајлова и за начинот на кој е пречекана во Софија, оценувајќи го како провокација која ги подрива напорите за градење доверба и развој на добрососедските односи, како и мешање во правниот систем на државата.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и вицепремиерот Александар Николоски вчера изјавија дека очекуваат Бугарија како земја членка на НАТО и на Европската Унија, да постапи по издадената меѓународната потерница, да ја уапси Михајлова и да ја врати во Македонија.
Ива Михајлова, која има и бугарско државјанство, во Македонија е обвинета во судска постапка за сообраќајна несреќа со смртни последици. По нејзиното бегство од земјава, по неа е распишана централна и меѓународна потерница, а кочанскиот суд и одреди мерка притвор во траење од 30 дена. За неа беа изречени мерки на претпазливост а и беа одземени патните документи.
Македонското МВР претходно соопшти дека таа нелегално излегла од Македонија и нелегално влегла во Бугарија.
– Преку заедничкиот контакт-центар со Република Бугарија извршени се проверки и од страна на бугарската гранична полиција, од каде што е добиена информација дека за наведеното лице нема евидентиран легален влез на територијата на Република Бугарија – соопшти МВР.