„Бранејќи“ ја државата, го губиме народот!

Додека декларативно ја браниме државата и ја бркаме Европа, реално го губиме народот, така што за 4 и пол децении може да останеме со преполовено население.

by Фокус

Откако власта и опозицијата ја засилија реториката кој бил за ЕУ, а кој за Русија, кој е поголем патриот, а кој предавник, кој е чесен, а кој криминалец, стигна поразителна демографска статистика, врз основа на која се направија проекции дека Македонија до 2070 година може да остане со преполовено население?! Практично, многумина граѓани веќе се преселиле во ЕУ без да чекаат да се интегрира државата, а ваквиот тренд очигледно нема да сопре.

Пишува: Влатко СТОЈАНОВСКИ

Помина уште една година, која слободно може да ја оцениме како незадоволителна и неуспешна во поглед на државните интереси и приоритети, се разбира, гледано низ една реална и објективна диоптрија, а не низ партиските призми и резони. Во таков амбиент на генерална апатичност и неизвесност, ја дочекавме оваа 2024 година, кога нѐ очекуваат двојни избори.

Имено, граѓаните ќе гласаат за претседател на државата и за нов парламентарен состав, од кој треба да произлезе и идниот владин кабинет. Во меѓувреме, секој ги анализира и интерпретира анкетите како што му одговара, меѓутоа меѓу многубројните варијабли има една константа, а тоа е генералната незаинтересираност на граѓанството за политиката, што упатува на заклучокот дека излезноста на следните избори ќе биде исклучително ниска.

Всушност, судејќи според минатото искуство, поларизацијата меѓу двете водечки политички табори е единствениот начин како да се обезбеди што поголема мобилизација на електоратот. На некој начин, сѐ поголема поларизација веќе се случува, додека власта и опозицијата ги исцртуваат контурите на платформите со кои ќе настапат на изборите и го градат наративот со кој ќе ловат што поголема поддршка од граѓаните.

Од една страна, СДСМ и ДУИ силно се потпираат на евроинтеграциската агенда, претставувајќи ја како магично решение за сите домашни проблеми и предизвици. Практично, тие ја бранат тезата дека само преку преговарачкиот процес нашиот систем може да се реформира, односно да се трансформира според западноевропските вредности. Но, тоа не е целата вистина.

Не дека преговорите, пристапниот процес, па и самото полноправно членство во ЕУ нема да влијае врз македонската држава, меѓутоа сосема легитимни се прашањата и дилемите на дел од водечките европски држави, како Холандија на пример, чиј амбасадор во земјава неколкупати јасно ни предочува дека голем дел од домашната задача може и треба да ја завршиме независно од патот кон Брисел. Како што вели тој, трупаме изговори, а реформи нема!

Главно, се мисли на сферата, која е најголемата рак-рана на земјава – владеење со правото, состојбите во правосудството, феноменот на (не)казнивоста. Впрочем, не само што нема напредок, туку на овој план не ни стагнираме. Едноставно, се движиме наназад, сѐ повеќе тонеме во дното, кое кога сме помислиле дека сме го достигнале и конечно ќе почнеме да пливаме нагоре, сфаќаме дека сме можеле да одиме уште подлабоко.

Ако ја прифатиме перспективата дека опозицијата е виновна за блокадата на уставните промени и со тоа од внатре предизвикала нова блокада кон ЕУ, иако опозицијата има поинаква перцепција за тоа, тогаш што ја тераше власта и владејачкото парламентарно мнозинство да извршат инстант измени на Кривичниот законик, безмалку на шверцерски начин, со цел намалување на казните за злоупотреба на службена положба и овластување?

Што предизвика тоа, освен прекин на кривичниот прогон и судските постапки за многумина функционери? Зар со помали казни за тие што преку несовесно и незаконско работење ги злоупотребиле средствата на граѓаните ќе се бориме против криминалот и корупцијата? Напротив, тоа само засекогаш поништи многу активни предмети, кои точно е дека се влечеа во правосудните лавиринти, но барем имаше теоретска можност да добијат соодветен епилог.

Кога се работи за борбата против криминалот и корупцијата, дали вистинскиот рецепт за тоа е да се влезе во фаза на дискредитација на Антикорупциската комисија, која беше една од ретките светли точки во извештајот на Европската комисија? Ајде што државата не ѝ овозможи просторни и кадровски ресурси за работа, ајде што не им доставуваа податоци и што не ги почитуваа нивните упатства и решенија, туку мораа и да ги дисквалификуваат со зборовите „не ги бива“.

Дали вистинскиот начин за демонстрација на политичка волја за борба против криминалот и корупцијата е постојаното оградување и од состојбите во правосудството, со образложение дека тие се посебна власт и посебни самостојни институции и органи со законски дефинирани надлежности? Ваков став и аргументација би држел во развиени демократии, но во земјава, која била квалификувана како „заробена држава“, „хибриден режим“ итн., тоа укажува на избегнување на одговорност.

Дури и ако гледаме од формален аспект, власта може, а веројатно и треба целосно да се огради од  судството, бидејќи уставно-правно тоа е посебна власт, а во еден демократски систем, за главна вредност се смета токму поделбата и рамнотежата меѓу различните власти. Еве да речеме дека ќе ги заборавиме и најавите на власта дека ќе разгледува опции како да го залечи судскиот систем преку одредени законски измени за ветинг на судии.

Но, зошто власта го занемарува фактот дека значаен фактор во перформансот на правосудството има обвинителството, кое е самостојна институција, но не е посебна власт, туку истурен орган на извршната власт? Згора на тоа, ако владата и собранието немаат директен допир со изборот и разрешувањето на судиите, тогаш власта преку пратениците го избира републичкиот јавен обвинител, кој во систем на хиерархија и субординација е безмалку папа во обвинителскиот систем.

Притоа, да не говориме дека има многу пропусти и во работата на истражните органи, кои се директно под капа на извршната власт и на владините институции. Па, кога целиот овој систем не дава резултат, тогаш жедта за правда на народот мора да се задоволува и да се гасне со „црната листа“ што постојано ја прошируваат САД со ликови од Македонија. Но, иако најголемата светска сила ги означува како коруптивни елементи, сепак ни влакно не им фали во земјава. Мува не ги лази.

Додека се чека санкциите од САД да влезат во македонското законодавство, како што најавува власта, (власта со години најавува Законот за потекло и Закон за висока раководна служба, но тие сѐ уште не се изгласани, а во меѓувреме претрпеа суштински модификации), „поцрнетите“ политичари непречено учествуваат во политичките процеси, јавно или заткулисно, сеедно. „Поцрнетите“ бизнисмени, пак, сѐ уште си тераат бизниси, па дури и спроведуваат крупни бизнис-операции за целосно преземање комбинати.

И како да сето тоа беше малку, па добивме и дипломатска шлаканица директно од американската амбасадорка во земјава, која ни порача дека неказнивоста го охрабрува криминалот. Таа, ова го кажа во контекст на Љупчо Палевски, кој низ годините успевал да извлече жива глава од серија кривични пријави, за на крајот да се претвори во монструм, кој сурово егзекутираше беспомошен старец и малолетно девојче.

Од друга страна, пак, токму состојбите во оваа сфера ќе земат главно место во настапот на опозицијата. И тука нема ништо чудно и спорно, бидејќи секоја опозиција се обидува да ги искористи слабите точки на власта за политички да профитира. Сосема е легитимно опозицијата да критикува и за промашени владини политики во делот на економијата, дека мерките биле недоволни, дека можело повеќе итн.

Сепак, кога опозицијата се обидува да ја напаѓа актуелната власт дека е недемократска или еднакво (не) демократска како поранешната владејачка гарнитура на ВМРО-ДПМНЕ, тогаш мора да се каже дека тоа е надвор од здравата логика. Ако има нешто драстично различно и променето во смисла на подобро, тоа е општиот демократски амбиент, кој се рефлектираше и во медиумската сцена.

Не беше така одамна времето на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, кога сите мејнстрим медиуми беа буквално поклопени. За тоа најдобро сведочеа и „бомбите“, кои открија како се прават „куртон-вести“, како се селектираат подобни и неподобни соговорници. Патем, опозицијата, не само што немаше пристап до медиумите, туку беше континуирано сатанизирана како предавничка.

Наспроти тоа, сега опозицијата никој не ја штеди, но никој не ја анатемисува и демонизира. Нивни претставници речиси рамноправно учествуваат во телевизиски програми и ги изнесуваат своите ставови и размислувања. Во таква ситуација, да се каже дека медиумската слика била иста сега и порано, е малку потценувачки, но донекаде и индикативно. Дали тоа значи новата власт планира да го промени овој амбиент, се разбира, според своја мерка?

И, откако власта и опозицијата ја засилија реториката кој бил за ЕУ, а кој за Русија, кој е поголем патриот, а кој предавник, кој е чесен, а кој криминалец, стигна поразителна демографска статистика, врз основа на која се направија проекции дека Македонија до 2070 година може да остане со преполовено население?! Оттука, многумина граѓани се интегрирале во ЕУ пред тоа да го направи државата. Додека декларативно ја браниме државата и ја бркаме Европа, реално го губиме народот!

Поврзани новости