„Кога Бугарија е обединета, можеме да постигнеме резултати“, напиша претседателот на ГЕРБ и екс-премиер Бојко Борисов на Фејсбук откако се усвои годишниот извештај на Европскиот парламент за напредокот на Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ, но, без термините македонски јазик и идентитет.
Борисов порачува дека „тоа е јасен знак дека кога Бугарија е обединета – кога сите наши европратеници, институции и политички сили дејствуваат заедно, можеме да постигнеме резултати и да го браниме националниот интерес на највисоко ниво во Европа“.
„Повторно им подавам рака на нашите пријатели во Северна Македонија – да продолжиме напред заедно, врз основа на почитување и спроведување на Договорот за пријателство и добрососедство. И европскиот консензус од 2022 година. Во мое лице и во лицето на Бугарија, тие секогаш ќе имаат искрен и близок партнер“, напиша лидерот на ГЕРБ.
Во Извештајот за напредокот на Северна Македонија за 2023 и 2024 година кој денеска беше изгласан во Европскиот Парламент со 461 глас „за“, 121 „против“ и 107 „воздржани“ со амандман избришани се македонски јазик и идентитет.
Амандманите со кои се бараше да се отстрани македонскиот јазик и идентитет од европскиот Извештај за напредокот на Северна Македонија за 2023 и 2024 година добија широка поддршка на пленарната седница на Европскиот Парламент.