Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски утрово со писмо го информирал претседателот на Собранието дека се повлекува од фунцијата, потврдија за „Фокус“ од неговиот кабинет.
Во писмото не се наведени причините за повлекувањето од функцијата која ја вршеше од јуни 2018 година.
Одлуката не сака да ја коментира ни тој, ниту неговите соработници. Неговиот мандат требаше да заврши во 2028 година.
Пред три недели Управата за финансиска полиција (УФП) му поднесе кривична пријава на Бислимоски во која се сомничи за злоупотреба на службената положба и овластување.
Во пријавата поднесена на 29 јануари се наведува дека Бислимоски, наводно, не постапил според Законот за енергетика и не ја одзел навреме лиценцата на компанијата „Тритерол петрол“ ДООЕЛ Скопје, иако не ги исполнувала условите за трговија со нафта и горива. Лиценцата наводно требало да биде одземена во јануари 2024 година, но постапката била прекината со незаконско решение и лиценцата е одземена дури во април 2025 година.
Тоа и овозможило на компанијата да работи уште околу 15 месеци и за тој период остварила промет од над 3,15 милиони евра и противправна имотна корист од околу 229 илјади евра.
Бислимоски на прес-конференција рече дека ќе им ги стави на располагање сите информации на надлежните институции, со цел да докаже дека во постапката за одземање на лиценцата на компанијата не било направено никакво прекршување на законската регулатива.
„Во наредниот период ќе го следам целиот процес и нема да дозволам на ниту еден начин да биде нарушено моето име. Сè што стои на располагање ќе им биде доставено на институциите. Цврсто сум убеден дека ќе докажеме дека немало прекршување ниту на Законот за енергетика, ниту на Правилникот за лиценцирање“, изјави Бислимоски.
Во ноември минатата година, Финансиската полиција поднесе кривична пријава и против двајца управители на „Тритерол Петрол“ и против компанијата, поради сомнеж за фалсификување исправа и злоупотреба во постапка за јавни набавки.
Во неговиот мандат Регулаторната комисија за енергетика повеќе пати беше оценувана како најдобар регулатор од Секретаријатот на енергетска заедница и добиваше пофалби за спроведените реформи, но на домашна сцена беше цел на жестоки критики од опозицијата поради поскапувањето на електричната енергија.
О.К.