Белорусија ослободи 250 затвореници во договор со САД

by irena 19:27
19:27

Властите на Белорусија денес ослободија 250 затвореници како дел од договор со САД, додека Вашингтон, пак, ги ублажи санкциите против финансискиот и поташанскиот сектор во земјата, објави амбасадата на САД во Литванија.

Амбасадата на САД во Вилнус прецизираше, објави Ројтерс, дека 235 затвореници се ослободени во Белорусија, додека 15 лица се префрлени во Литванија.

Во исто време, Вашингтон се согласи на ублажување на санкциите врз белорускиот финансиски сектор.

Канцеларијата на претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, објави дека помилувал 250 осудени лица, првенствено од хуманитарни причини, објавува Белта.

Според извештаите, меѓу помилуваните има лица осудени за кривични дела од екстремистичка природа, а одлуката е донесена земајќи ги предвид молбите на семејствата, вклучувајќи мајки, сопруги и роднини на осудените.

Во соопштението се додава дека сите барања претходно биле разгледани од посебна комисија предводена од Генералниот обвинител, и дека претседателот го зел предвид мислењето на нејзините членови при донесувањето на одлуката.

Лукашенко, денес разговараше со американската делегација предводена од специјалниот претставник на Соединетите Американски Држави, Џон Кол, во Палатата на независноста во Минск, истакнувајќи дека, и покрај „одредени грешки направени од САД“, тој сè уште го поддржува американскиот претседател Доналд Трамп.

Слични вести