АВМУ: Изворниот сигнал на „арените“ не се емитува во Македонија, затоа се третираат како странски  програмски сервиси

by irena 18:30
18:30

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ги отфрла како неточни и неосновани наводите на ММА и МРТ за погрешно третирање на програмските сервиси Arena M1, Arena M2 и Arena M3 Premium како странски програмски сервиси кои се реемитуваат во Република Северна Македонија, соопштија попладнево од регулаторното тело.

Оттаму велат дека Агенцијата постапува исклучиво во рамките на своите законски надлежности согласно Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Според нив, постапувањето на Агенцијата во конкретниот случај се заснова на релевантна доставена документација, како и на информации и податоци добиени од надлежни институции во Република Северна Македонија и од релевантни странски субјекти.

„Врз основа на расположливата документација и добиените информации, предметните програмски сервиси се третираат како странски програмски сервиси кои се реемитуваат, а не како домашни телевизиски сервиси што емитуваат програма на територијата на државата, имајќи предвид дека нивниот изворен сигнал не се емитува на територијата на Република Северна Македонија.

Агенцијата особено ги отфрла инсинуациите дека со своето постапување овозможува заобиколување на законските обврски или дека постои каква било незаконитост во постапувањето на Агенцијата и нејзините службени лица.

Доколку ММА и МРТ располагаат со наводни докази за незаконско постапување на Агенцијата ги повикуваме истите да ги достават до надлежните институции. Во меѓувреме, посочуваме дека е недозволиво исклучиво поради сопствени интереси да се шират неосновани квалификации и инсинуации кои создаваат впечаток за незаконито или произволно постапување на регулаторот“ се наведува во писменото соопштение од АВМУ.

Петте национални македонски телевизии, здружени во Македонската медиумска асоцијација (ММА), заедно со јавниот сервис МРТ, обвинуваат дека преку нови телевизиски сервиси српски компании ги заобиколуваат и злоупотребуваат македонските закони.

Од ММА и МРТ тврдат дека располагаат со материјални докази според кои спортските канали „Арена М1“, „М2“ и „М3 Премиум“ подолг период работат без домашна дозвола, додека Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) ги третира како странски програмски сервиси што се реемитуваат во земјава.

Според нив, проблематично е тоа што продукцијата, новинарите, коментаторите и гостите се во Скопје, студиските емисии се произведуваат во Македонија, а програмата се емитува на македонски јазик.

– Дополнително, во евиденцијата на српскиот регулатор РЕМ каналите „Арена М1“, „М2“ и „М3 Премиум“ не постојат, што значи дека не се домицилни српски канали – наведуваат од ММА и МРТ.

Истовремено, посочуваат дека во операторските евиденции одобрени од АВМУ овие канали се водат како странски сервиси што емитуваат програма на српски јазик.

Поради тоа, ММА и МРТ бараат истражните органи и надлежните институции да утврдат дали на овој начин е заобиколена законската обврска за поседување дозвола, дали е предизвикана штета на државниот буџет поради неплаќање лиценца и дали постои одговорност кај сопствениците и одговорните лица на телевизиските сервиси, како и кај службеници во АВМУ.

– Бараме да се провери и евентуалното неовластено користење на премиум спортски ТВ-права, познато како ТВ-пиратерија. За жал, долгогодишното незаконско реемитување на одредени канали од регионот, како Хрватска, Албанија, Босна и Србија, бараме конечно да влезе во радарот на македонскиот регулатор – се наведува во реакцијата.

Од ММА и МРТ предупредуваат дека нема да дозволат истиот модел на, како што велат, евентуално изигрување на законите да биде применет и во случајот со најавениот „Еуроњуз Македонија“. Тие се противат на можноста АВМУ да го третира овој канал како странски сервис, слично како каналите на „Арена Премиум“.

О.К.

Слични вести