(АУДИО) „Преголемиот адреналин му пресуди на Илчо, носел на раце и живи и починати од дискотеката“

Сведоштво за „Фокус“ на сопругата на починатиот возач од кочанската Брза Помош Илчо Гоцевски, за последните часови од неговиот живот

by jadranka 20:00
20:00

 

Вие сте сопруга на возачот на Брза Помош Илчо Гоцевски. Тој е практично првата жртва после големата трагедија кој почина непосредно нецели 24 часа по пожарот во „Пулс“. Што се случи, како ја видовте целата таа ноќ…?

– Јас само знам дека си дојде дома. Иле беше цел 16-ти беше на повик, така им се смените… Ги носат пациентите, во Скопје или во другите центри каде што има потреба, им пружаат помош и од 19 часот вечерта беше дежурен, до 7 часот изутрина другиот ден. Пред 19 часот беше на повик и пракtично цел ден беше на работа. Се до моментот кога се случи трагедијата.

Информациите ги знам од него – не сум била таму. Ми раскажа се кога си дојде дома – кога добиле повик во Брза Помош дека треба да одат во дискотеката „Пулс“, прво помислиле дека на некого му се слошило и затоа треба да инервенираат. Сакам да кажам дека тие одат неподгтовени таму, бидејќи воопшто не знаат дека во тој момент таму се случува нешто од огромни размери.

И, кога одат таму имале што да видат. Очекувале да помогнат на еден-двајца, а наидуваат на стампедо… буквално на врескање, викање. И, не се збуниле. Тој работеше 18 години во болница и заедно со екипата постапиле максимално професионално. Реагирале максимално брзо – ги носеле и жртвите и повредените. Сите. Луѓето сами почнале да влегуваат во возилото, Во еден момент одеднаш влегле 20-тина и бараат помош.

Колку пати ноќта Илчо возеше со повредени од дискотеката?

– Да, кружеше некоја бројка дека таа вечер возел 11 пати до Скопје. Потоа видов коментари дека тоа не било возможно толку пати да се отиде до Скопје и да се врати. Мислам дека зборуваме за целиот ден. И, пред 19 часот кога бил на повик дежурен тој одел за Скопје за други итни случаи. По се изгледа пред трагедијата веќе возел 3-4 пати на релација Кочани – Скопје. И, затоа овде се врзува некоја бројка како што се слуша дека бил многу пати.

Кога добил повик, тој буквално носел по 20 луѓе. А, како што реков, ги земал и жртвите и нив да ги превозува. Ги носел заедно со повредените.  Може да замислите како тоа изгледало. Имале огромни болки, барале нешто за смирување на таквите болки, а Илчо брзал за да стигне и до некоја медицинска установа – болница, независно во Кочани, Штип, Скопје… Оделе и по боци со кислород во Скопје. Едноставно, болницата не очекувала такво нешто. Ниту една болница во Македонија не е подготвена веднаш, ако се случи таква трагедија. Такво нешто немаме доживеано досега. Ние сме мала држава, а ова е голема трагедија за Македонија – да изгуби одеднаш толку многу луѓе. Самиот Иле, кажуваше дека им давал на децата кислород… многу пати… после ми кажуваше кога пристигна дома „мене не ми текна во тој метеж ниту еднаш самиот на себе да си ставам малку кислород, затоа што влегував внатре“. А, влегувал внатре неколку пати за да ги преземе жртвите и дел од повредените кои ги носел со возилото.

Дојде дома вечертва дури после 19 часот. Значи, трагедијата се случува пред три часот изутрина, а тој ги носи повредените и жртвите цел ден .

Затоа ви велам, во рок од 24 до 48 часа, тој возел, споменуваат некоја бројка како што реков и не е невозможно, да бил толку пати на релација Кочани со други градови затоа што тој, по завршувањето на смената не се вратил дома .

Тоа била значи, вонредна ситуација?

– Да, тоа била вонредна ситуација и морал да продолжи да работи. И, дома дојде буквално преморен. Рекол дека ќе отиде малку да се одмори, а почувствувал слабост во болницата и затоа рекол сакал малку да легне – барем да поспие 3-4 часа, па да се врати пак на работа и со екипите да дадат се од себе. Веќе во тие моменти има и екипи од Скопје, но ситуацијата била таква. Практично, тој со неговата екипа е прв таму. Затоа и бил толку чувствителен за трагедијата што ја гледал. Рекол „јас на филм вакви работи не сум видел, не пак да ми се случи на мене – јас да спасувам животи на луѓе, на толку луѓе одеднаш.

И, кога дојде – дојде целиот црн во лицето, многу модар и прво што ни кажа кога влезе дома – „се случи огромна трагедија“ – да, му велам, слушнав хеликоптери како надлетуваат, но тогаш веќе беше мобилизирана целата држава. Кажа само дека барале сите да им се намалат болките што ги трпеле – не сум медицинско лице, тие знаат како оди тој процес на намалување на болките, некого ставаат во индуцирана кома. “Буквално во раце носев деца како мојот син“ – нашиот син беше 17-годишен тогаш, “ги носев негови другари и пријатели на раце – ги носев починати. Повредените пак што ги носев – имаа изгореници, крв им течеше“…

 

Значи, Илчо се соочил и со емотивен шок, покрај физичкиот напор?

– Да, тој прв се соочил со таквата страшна слика. И, не знам колку луѓе носел на раце. Не луѓе, туку деца. Затоа овој случај е малку поинаков. И, нормално, и тој самиот има син дома. Инаку, нема кој не го знае Иле во градот.

Тоа сакав да ве прашам – како човек како го гледаа неговите сограѓани – кочанчани?

– И, пред трагедијата Иле беше човек – хуманист. Човек што помага и беше највреден работник во кочанската болница. Тоа ќе ви го потврди секој вработен во болницата. Затоа што тој остануваше и прекувремено честопати. Тој им помагаше на сите, го бараа и пријатели од цел источен дел на Македонија – знаете дека потекнува од Делчево. Им помагаше на сите. Телефонот не престануваше да ѕвони. Знаев во шега да му кажам – “тебе ти треба секретарка за повици“. Знаете како тоа функционира кај нас. Го знаеше и распоредот на лекарите и ги упатуваше и носеше луѓето таму каде што имаа потреба. И, затоа велам – нема кој не го знае во Кочани.

Каков ви односот со сограѓаните, имате ли поддршка од нив како семејство?

– Да… сите сожалуваат. Но, тоа не е доволно. Најважен момент за мене е синот. Тој прв го видел по тие четири часа…. Јас бев во дневната соба, сум гледала некој филм и сум заспала. И, се будам некое време. Затоа ви велам поминал полноќ, а можеби и тој на 16-ти да починал и најверојатно било така. Се будам и отидов да проверам дали заминал. Видов дека униформата му стои Се зачудив и си реков „зарем не заминал веќе“, затоа што заминуваше во болница да помогне и за најобична настинка кај некого – сакаше да им помага на луѓето.

Влегов во спалната – му го видов ликот – целиот модар – веднаш ми беше јасно, дека нема да се разбуди – викав по него – воопшто не се помести, ниту со рацете со ништо и почнав да врискам, викнав Брза помош – и дојде токму неговата екипа со која тој работеше.  Кога го видоа – на луѓето им се слоши – тој починат, а заедно биле претходната ноќ, беа шокирани. Еден од колегите се онесвести. Викнавме втора екипа од Брза Помош, бидејќи првата не можеше да ја поднесе глетката дека Иле е починат.

И, сето тоа беше многу жално и трагично, нашиот син тогаш 17 години сето ова го преживуваше. Со Иле планиравме за неговиот 18-ти роденден да му направиме една забава бидејќи тој ни е син единец… За жал, не го дочека тоа – роденденот помина само јас и синот. Тој сега се соочува со психички проблеми –

Дали одите на советување, добивте ли помош од Општината од државата за тоа?

– Од Општината – да. Имаше психолози, психијатри доволно. Синот се уште ги посетува нив понекогаш, бидејќи нему му починаа и другари и татко муво трагедијата. И, го виде татко му во тие моменти – дури сакаше и да го реанимира… и се уште е во шок. Се уште не може да се помири со тоа. И, симпатијата негова – не знам која, знаете машките деца се позатворени – и таа починала… на тие години да го доживеете тоа – навистина е шок.

Не посетува настава, не оди на училиште оваа година. Може да замислите колкава е таа несреќа, ги погодила и луѓето што не биле таму. Се уште страдаат луѓе што не биле таму, што воопшто не се поврзани со таа ноќ. Ние овде во градот имаме по некој настрадан со некои сме роднини, со некои пријатели, соседи. Еден од соседите беше на лекување во Истанбул, се врати од болница дури во октомври.

Сите го доживеавме тој шок. Кочани е многу мало место за толкау повредени вп таа несреќа.

Имавте ли доволно поддршка од државата?

– Од државата – не… не.. Тоа што само Црвен крст ни помогна со финансиски средства што се собираа донации. Имавме поддршка и од „Кочани Сапорт“ – од нив имавме секаква поддршка. Иле имаше многу признанија за хуманост, не би ги споменала конкретно за да не испуштам некое. Дури има и од претседателката на државата. Значи неколку признанија и плакети – и ќе го кажам јасно тоа – најверојатно некои луѓе се родени да бидат херои. Затоа што тој цел живот го помина во помгање на некого… и можам да замислам како таа ноќ дал се од себе.

Во една реченица – на годишнината од оваа трагедија – каква порака сакате да испратите?

– Сакам едно да порачам – да бидеме сплотени. Да постапуваме хумано, во било кој случај – независно дали некого познаваме или не. Треба да помогнеме. Како што правеше Иле претходноИ, тоа ни го покажа. Ни покажа дека еден обичен човек кој беше анонимец кој никој не го знаеше, ни покажа дека треба да бидеме хумани, да си помагаме еден на друг, па дури и ставајќи го нашиот живот во опасност спасувајќи други

Докторите ни рекоа – дека починал од срцев удар, бидејќи работел под висок адреналин. И, затоа не требал да легне – прво требало да се смири. Буквално, тој е жртва од тој настан – не бил на забавата, бил на должност – и од самата тежина што ја дала таа голема трагедија, на крајот тој самиот заврши. Ме прашавте за пораката – таа би била пораката – да бидеме хумани. За жал постхумно ги прима плакетите, јас би сакала да беше жив и така да ги прими…. Тоа ќе кажам – беше хуман, сите го знаат во источниот дел од Македонија, кого и да прашате – го знаат Иле како добар човек што секогаш помагал и таа кобна ноќ била премногу за него. А, тој беше преемотивен човек. Помагајте си луѓе меѓусебно, мора да бидеме заедно..А, исто така и државата треба да помогне за некои потешки случаи.

 

Подготвија:

Зоран Фиданоски и Орце Костов

 

 

 

 

 

Слични вести