АРХИВА Зошто Верушевски го затвори казиното во Струга по упадот на МВР и УЈП?

by Фокус

Текстот е објавен на 03 јуни 2020 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1287

Синот на екс разузнавачот Зоран Верушевски – Александар Верушевски, кој беше посочен од страна на лидерот на СДСМ Зоран Заев дека стои зад дел од снимките што се објавуваат на интернет, во изминатиов период влегол во бизнисот со градежништво и игри на среќа. Имено, тој лани ја основал градежната компанија „Корп Инженеринг“, која е регистрирана на иста адреса со „Генезис 2016“, каде што пред Верушевски сопственици биле двајца струшки бизнисмени. Исто така, тој ги поседува и фирмите „Кинг Еагле“ и „Сент Ѓорѓ“, преку кои отворил казино во Струга, но по инспекциска контрола на УЈП и МВР го раскинува договорот за изнајмување на ВЛТ апарати и го затвора објектот! Што поточно се случило?

Пишувал: Влатко СТОЈАНОВСКИ

Изјавата на лидерот на СДСМ Зоран Заев дека Александар Верушевски го снимал пред неколку години за време на ручек во Струмица одекна како своевидна бомба слична на оние што ги детонираше самиот Заев во рамки на проектот „Вистината за Македонија“, со оглед дека тајно го снимал синот на неговиот близок соработник Зоран Верушевски.

Додека јавноста сѐ уште бараше одговор на прашањето зошто Верушевски воопшто го снимал Заев и зошто дури по неколку години одлучил да објави дел од разговорите, како и дали тоа го прави на своја рака или, пак, во координација со неговиот татко, одекна друга „бомба“, ама овојпат од Белата палата.

Имено, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски потврди дека го познава Верушевски и притоа го опиша како „грижлив родител, посветен сопруг и голем патриот“, што изгледаше крајно збунувачки, ако се има  предвид дека екс-разузнавачот Верушевски стоеше зад операцијата за обелоденување на аферата со масовното прислушување, по што практично почна падот на децениската власт на ВМРО-ДПМНЕ на чело со Никола Груевски.

Во однос на ваквите епитети на Мицкоски кон помладиот Верушевски, претпоставките одеа во две насоки – или тие биле израз на благодарност за објавувањето, па можеби и доставувањето на снимениот материјал, или, пак, биле во функција да се стимулира одреден раздор на релација Заев -фамилија Верушевски.

Како и да е, основното прашање е што му замерил Верушевски на Заев до таа мера да го нарече „јадник“, откако веќе разговорите допреа до пошироката публика? „Фокус“ открива дека причините за раздорот можеби барем делумно се од бизнис природа!

КАКО ДЕЛ ОД „БОМБИТЕ ЗАВРШИЈА КАЈ „НИКОЛА ТЕСЛА“

Според една од теориите што струјат во политичките кулоари, Александар Верушевски бил револтиран поради  тоа што бил таргет во предмет на обвинителството за нелегално објавување на дел од прислушувани разговори, заедно со поранешниот шеф на градската организација на СДСМ Љупчо Палевски – Палчо, кој, пак, целосно исчезна од македонската политичка сцена, откако беше уапсен во странство.

Веќе е познато дека Палески беше приведен на аеродром во Белград по барање од потерница од Хрватска. Како што изјави тогаш неговиот адвокат, Палевски патувал за Москва за да склучи деловен договор за испорака на котли за пелети, меѓутоа бил приведен заради обезбедување на присуство пред суд во Хрватска за долг од 2.500 евра во врска со испорака на произведен котел на пелети.

Тој требало да се појави како странка, за која не е докажана вина – информираше неговиот адвокат Васко Стојков. Истиот тој Стојков, откако беа објавени разговорите меѓу Заев и Верушевски, преку фејсбук праша:Кога ќе го објавите делот од истиот разговор за да слушниме дека Никола Груевски и Али Ахмети оделе кај Заев и барале амнестија за себе?“.

Дел од медиумите пишуваа дека токму Палчо стоел зад јутјуб-каналот Никола Тесла, каде што беа објавувани прислушувани разговори меѓу политичари, бизнисмени, новинари, откако сдсмовскиот лидер Заев веќе ги предаде материјали во СЈО. Иако повеќе од јасно беше дека овие разговори беа дел од истите материјали кои беа извлечени од МВР и предадени на Бихаќка, сепак, остана нејасно како успеале да завршат кај „Никола Тесла“?

Како што е познато, по наредба на СЈО, Палчо на средината на 2017 година беше уапсен, а истражителите од неговиот дом одзедоа компјутери и мобилни телефони. Арно ама, по само дваесетина часа поминати во полициска станица и четири часа во просториите на СЈО, тој беше пуштен на слобода. Но, неговиот престој на слобода заврши лани во септември, кога беше уапсен под мистериозни околности во странство.

АКЦИЈА ПРЕДВОДЕНА ОД СОВЕТНИК НА ЕКС МИНИСТЕРОТ?

Дека Љупчо Палевски и Александар Верушевски се во пријателски односи, потврди самиот Палевски, кога во март 2018 година објави заедничка фотографија во друштво со него, како и со новинарот Васко Ефтов. Притоа, Палчо за Верушевски јуниор напиша дека токму тој го направил Заев премиер со, како што рече, оружјето што му го дал в раце, алудирајќи, се разбира, на „бомбите“.

Александар Верушевски, некој ќе го плука, некој ќе го фали, но, она што малку се знае, тоа дете, со алфа ромео турбо спорт 166, со цела УДБА на врат, самиот контра сите, го натовари Зајко со оружје, го направи човек. Од „сарадник“ премиер го стори“, напиша тогаш Палчо.

Инаку, поводот за оваа негова реакција беше еден настан што се случил неколку дена претходно. Односно, Палевски напиша дека Управата за јавни приходи и Министерството за внатрешни работи упаднале во казино во Струга во сопственост на Верушевски. Патем, тој спомена низа имиња кои, според него, стоеле за акцијата.

Акцијата ја предводеше лично Даме Лозанкоски на Оливер (Спасовски) советникот, со логистика од УЈП организирана од Арменд Кадриески, лева рака на градоначалникот Рамиз Мерко. Операцијата ја смислиле директорот на УЈП Битола и неговата омилена помошничка. Ова е екипата за супер тајни работни акции, ова е екипата која бараше се, само жетони не“, напиша Палчо.

Паралелно со тоа, на јутјуб беше објавено 36-минутно видео од повеќе камери од казиното, од кое се гледа како инспектори на УЈП во придружба на припадници на МВР влегуваат во објектот, вршат инспекција и прават записник. Гоце Цветков, кој најверојатно бил вработен во казиното, напишал дека овластените лица се однесувале дрско, недолично и непристојно, иако, како што посочи, објектот работел со апарати од Државна видеолотарија, каде што удел има државата.

ПО УПАДОТ, РАСКИНУВАЊЕ НА ДОГОВОРОТ ЗА ВЛТ АПАРАТИ

Според информации што ги добивме од МВР, акцијата се спровела ноќта на 24 февруари 2018 година и траела цели 4 часа (22 до 02 часот), според план изготвен од охридската полиција, во содејство со службени лица од УЈП. Од таму посочуваат дека немало никакви проблеми од аспект на полицијата, но не можат да кажат дали даночните инспектори констатирале одредени неправилности.

И од УЈП не откриваат детали во врска со инспекциската контрола, бидејќи, како што велат од таму, „сите документи, информации, податоци или други факти за даночниот обврзник до кои дошле даночните службеници во даночна, прекршочна или судска постапка претставуваат даночна тајна“. Од Управата додаваат дека вакви податоци може да достават само за потребите на постапка која би се водела пред суд или друг државен орган.

Според Централниот регистар, Верушевски од 2010 година ја поседува компанијата „Сент Ѓорѓ Интернешнел“, која во април 2018 година ја менува основната дејност од трговија на мало во коцка и обложување. Како дел од компанијата функционираат две подружници, од кои едната е за угостителска дејност и носи назив „Муко“, според управителот Марко Мукоски. И, втората подружница се однесува за коцкање и обложување и носи назив „Кинг Еагле“, а управител е Верушевски.

Официјалните податоци со кои располагаме покажуваат дека тој во март 2018 година формирал уште една компанија која го носи називот на подружницата во рамки на „Сенр Ѓорѓ“. Станува збор за компанијата „Кинг Еагле Корпоратион“, која првично била регистрирана за „зачински, ароматини, лековити растенија за употреба во медицината“, или со други зборови – одгледување и производство на медицинска марихуана. Но, од март ланската 2019 година друштвото ја менува дејноста во коцкање и обложување.

Во првата половина на 2018 година, Верушевски учествува на повик за деловна соработка со Државна видеолотарија, во чии рамки склучил договор за видеолотариски терминали (ВЛТ), откако ги исполнил предвидените услови за регистрирана дејност, регулирано користење на деловниот простор, надмирување на јавните давачки итн. Меѓутоа, како што велат од видеолотарија, договорот бил раскинат на почетокот на минатата 2019 година, и тоа по негово лично барање. Моментално, нашите сознанија говорат дека објектот не работи.

ПРЕЗЕМЕНА КОМПАНИЈА ОД СТРУШКИ БИЗНИСМЕНИ

За цел тој период, и двете компании на Александар Верушевски не обезбедиле лиценца за приредување на игри на среќа. Од надлежното Министерството за финансии нѐ известија дека тие никогаш не поднеле барање за доделување дозвола. Сепак, упатените со кои разговаравме објаснуваат дека ваква дозвола не претставува елиминаторски услов за компанијата да може учествува во постапка за видеолотариски терминали.

Покрај тоа, Верушевски поседува уште 2 компании со седиште во Струга. Една од нив е градежната компанија „Корп Инженеринг“, формирана на самиот почеток на минатата 2019 година со основачки влог од 5.000 евра. Конкретно, оваа компанија е регистрирана за изградба на станбени и нестанбени згради, но се уште не прикажала одредена деловна и финансиска активност.

На иста адреса со „Корп Инжинеринг“ е регистрирана и „Генезис 2016“, која е во постапка на бришење од регистарот согласно член 552-а и 552-б од Законот за трговски друштва. Според овие законски одредби, бришење на правно лице настанува ако навреме не достави годишна сметка и финансиски извештаи за изминатата година.

За разлика од другите компании, „Генезис 2016“ не е формирана од Верушевски, туку тој станува сопственик и управител во втората половина на 2018 година. Претходно, сопственик на друштвото бил струшкиот бизнисмен Златко Шурдоски, кој своевремено бил и советник во Општина Струга од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Исто така, дел од оваа компанија бил и неговиот брат Жарко Шурдоски.

Што се однесува до браќата Шурдоски, тие се коосновачи на Здружението Меѓународен ден на витези „Св. Константин Големиот и Елена“, формирано во 2019 година. Згора на тоа, Жарко Шурдоски е косопственик и на „КП Македонија експорт“ заедно со Калин Бабушку и Петар Лазаров, кои се сопственици и на „КП Македонија Консалтинг“ (еден од нивните главни продукти е брендот „Мамас). Плус, Шурдоски заедно со Благоја Јаковчески ја поседува ИТ компанијата „Бизи-Груп“.

КООРДИНИРАНА ИЛИ СОЛО-ИГРА?

Врз основа на сето тоа, Верушевски имал сериозни бизнис-амбиции, штом формирал неколку компании, особено во секторот со игрите на среќа, каде што припаѓаат две од неговите фирми. Арно ама, неговите амбиции пропаднале, случајно или не, по контролата на УЈП и МВР во казиното во Струга. Веднаш потоа, пак, тој го раскинува договорот и со видеолотарија за ВЛТ апарати, така што сега неговата компанија постои само на хартија.

Во врска со тоа, Верушевски одлучи да не го изнесе својот став, но факт е дека контролата во казиното предизвика револт кај него, неговите соработници и пријатели, кои тоа јавно го манифестираа на социјалните мрежи. Дури, тие отворено обвинија дека зад операцијата стоел близок соработник на тогашниот министер, а сегашен технички премиер Спасовски. Она што останува како дилема, е дали и каква улога во сето тоа има Верушевски сениор?

Дел од неофицијалните информации одат во насока дека Верушевски е незадоволен поради тоа што извиси од сите кадровски комбинаторики. Прво се споменуваше како можен министер за внатрешни работи или директор на тајната полиција, но овие функции ги зазедоа токму Спасовски и Горан Николовски. Потоа, неговото име циркулираше и како можен технички премиер, но на крајот и тоа остана само во доменот на гласините.

Други информации, пак, одат во насока дека помладиот Верушевски делува целосно надвор од контрола на неговиот татко. Односно, тој бил револтиран поради тоа што тој и неговите компании биле мета на надлежните органи, бидејќи сметал дека многу сторил и жртвувал за да дојде Заев на власт. Наводно, постариот Верушевски се заложил во врвот на власта за неговиот син, ветувајќи дека нема, условно кажано, повеќе да прави проблеми.

Што ќе се испостави како точно, ќе покаже блиската иднина, кога ќе стане појасна сликата за овие испреплетени односи на политичка и семејна линија. Во меѓувреме, сите го чекаат моментот кога на интернет ќе осамнат нови снимани или прислушувани разговори, што е само прашање на време. Кога ќе се случи тоа, во голема мера зависи од факторот избори.


Испадите на синот го чинеа кариера таткото
АМНЕСТИЈА НА ПОМЛАДИОТ, ДИСКОЛАЦИЈА НА ПОСТАРИОТ ВЕРУШЕВСКИ

Александар Верушевски во минатото често беше во фокусот на јавноста поради проблемите со законот, што се одразуваше врз репутацијата и кариерата на неговиот татко Зоран Верушевски.

Имено, младиот Верушевски беше осудуван за обид за изнуда во едно струшко кафуле, а меѓу кривичните дела му се запишани и обид за убиство, газење човек со автомобил и носење пиштол.

Притоа, постариот Верушевски постојано повторуваше дека син му го местат структури во МВР и ги оспоруваше судските одлуки како неосновани, а за него лично велеше дека му се подготвува атентат од структурите што шверцуваат нафта, цигари и акцизна стока.

Тоа се случува во време кога тој е шеф на тајната полиција, функција на која беше назначен во 2002 година од страна на новата власт на СДСМ, бидејќи, како што многумина тврдеа, Бранко Црвенковски морал да му се оддолжи што своевремено ја обелодени аферата „Големото уво“.

Колку за потсетување, експремиерот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Љубчо Георгиевски директно го обвини Верушевски дека стои зад оваа афера, додека во една прилика дури рече дека лично Верушевски му пуштал компромитирачки снимки за други луѓе.

Сепак, по низата случувања со Александар Верушевски, тој беше осуден на двегодишна затворска казна, но Црвенковски, кој во меѓувреме стана претседател на државата, го амнестираше. Постариот Верушевски, пак, беше испратен на служба во амбасадата во Рим.


Инвестиција
ВЕРУШЕВСКИ КУПИЛ СТАН ВО ПАРК РЕЗИДЕНС ВРЕДЕН 165.000 ЕВРА

Поранешниот шеф на тајната полиција Зоран Верушевски, кој моментално му е советник на премиерот Зоран Заев и ја води партиската комисија на СДСМ за безбедност, купил стан од 140 квадратни метри во Скопје за над 160.000 евра.

Како што веќе објавивме, повикувајќи се на Службен весник (број 223), Верушевски и неговата сопруга подигнале кредит од Шпаркасе банка во износ од 165.500 евра, за што под хипотека бил ставен недвижен имот во рамки на комплекс во сопственост на „Имморект Македонија“ во сопственост на бизнисменот Енвер Малиќи, заменик-градоначалник на Скопје.

Според податоците од Катастарот на недвижности, Верушевски се јавува како носител на сопственост со имотен лист број 112853 на стан од 139 метри квадратни (плус 13) во комплекс кој се наоѓа на катастарска парцела со број 5106/2.

Всушност, станува збор за комплексот Парк Резиденс лоциран покрај реката Вардар, веднаш до Градскиот стадион, чија намена официјално не е станбено домување, туку е означена со Б5-1, која се однесува на хотелски комплекси.

Како главен инвеститор на овој објект се јавува токму „Имморекс“, која, според Централниот регистар, е формирана во 2004 година, чии сопственици се заменик-градоначалникот на Скопје Малиќи и германскиот државјанин Абдилгафар Рамадани.

Поврзани новости