(АРХИВА) Ако Латас биде осуден, ќе му биде одземена и викендичката од 317 квадрати во Зелениково!

by fokus

Текстот е обвјавен на 6 јуни 2019 година, во неделникот „Фокус“, во број 1235.

Пишува: Валентина ВУРМО

Новинарот Драган Павловиќ – Латас поседува викендичка во скопско Зелениково. Објектот е со големина од 317 квадратни метри, односно се состои од подрум, приземје и кат. Викендички на истата локација поседуваат и неговите двајца браќа, Срѓан Павловиќ и Звездан Павловиќ. Објектот на Срѓан е со големина од 130 квадратни метри, а на Звездан од 104 квадратни метри.

Овие детали за имотот на браќата Павловиќ јавноста ги дозна од случајот на СЈО, „Тревник“, според кој тројцата браќа викендичките почнале да ги градат на диво, без да добијат одобрение за градба, а дури подоцна, кога објектите биле во финална фаза, ја извадиле потребната документација.

Случајот е пред самиот крај, со закажани завршни зборови, по што ќе следува и првостепената пресуда. Во случај Латас и неговите браќа да бидат прогласени за виновни, освен изречените казни, можно е да останат и без своите викендички, вредни стотина илјади евра!

ОДБРАНАТА НА ЛАТАС СИ ДАДЕ АВТОГОЛ

Додека во СЈО ги прислушувале „бомбите“ наишле и на телефонски разговори на Латас со соговорници, кои им го привлекле вниманието.

Наслушнале дека уште во 2011 година почнал да гради викендичка, а одобрението за градба го добил дури на почетокот на 2013 година.

Обвинетите Латас и Срѓан почнале да градат во јули 2011 година, а Звездан во ноември истата година. Во тој период ниту еден од обвинетите немал одобрение за градење. Потоа, тројцата обвинети во декември 2012 година до Општина Зелениково поднеле барање за издавање одобренија за градење за изградба на викенд-куќи. Во барањата и приложената документација го прикриле фактот дека градбата на објектите веќе била започната уште претходната 2011 година и дека била во напредната фаза, појаснуваат од СЈО.

Еден ден пред да ги добијат одобренијата за градење, односно на 23 јануари 2013 година, СЈО обезбедило сателитска снимка на која се забележуваат три поголеми градежни објекти, од кои на два се гледа и веќе изграден покрив.

Истата динамика на градење, според СЈО, се забележува од телефонските разговори, но и со извршените плаќања кон дел од компаниите од кои бил набавуван материјал.

Доколку се спореди содржината на разговорите во кои се зборува за плаќање кон изведувачот и сумите на износите за кои се плаќало со датумите на извршените трансакции од сметката на обвинетиот Драган Павловиќ Латас, се потврдува автентичноста на содржината на незаконски прислушуваните разговори, рече во својот воведен збор обвинителката Елизабета Јосифовска.

До крајот на доказната постапка, обвинителката Јосифовска успеа да обезбеди дополнителни докази, кои во раце ѝ ги „ставија“ адвокатите на Латас.

Според законот, обвинителката немаше право да предлага нови докази, но бидејќи одбраната постојано дополнувала нови и нови докази, обвинителката го искористи законското право на реплика на нивните докази, со цел да ги оспори. Па, токму затоа обезбеди нови 33 „бомби“, кои ги открила по поднесувањето на обвинението, а обезбедила и дополнителни фактури од фирми.

Против новите докази веднаш скокнаа адвокатите Светлана Савиќ и Анита Бегова, кои приговараа дека обвинителката во оваа фаза на постапката нема такво право. Крајниот збор го имаше судијката Марија Клетничка, која дозволи доказите да се изведат. Тогаш адвокатките се заканија дека и тие со месеци ќе предлагаат нови и нови докази, со што постапката ќе се одолжува, коментирајќи дека требало да се води сметка за економичноста на постапката.

Повикан се најде и Латас, па и тој загрижен дека на овој начин постапката ќе се одолжувала, искоментира дека некој не водел сметка за судските трошоци, кои, како што рече, ги плаќал народот.

НОВИНАРОТ НАМЕСТИЛ ПОКРИВ, ПА ДОБИЛ ОДОБРЕНИЕ ЗА ГРАДБА

Од новите „бомби“, покрај тоа како Латас ја уредил викендичката, односно дека секој плафон на првиот кат му е покриен со дрво, а и дека нарачал квалитетни прозорци, се слушна и како поставил покрив на викендичката во Зелениково, и тоа во 2012 година, со што се докажува тезата на СЈО дека градел пред да го добие одобрението за градба, во 2013 година.

Во април 2012 година, Латас разговара со соговорникот Христијан, за да се намести покривот. Се договараат за цената, а по неколку месеци, во ноември се слушаат повторно.

Касните три месеци, зошто не се наредени ќерамидите, еве врне“, му вели Латас на соговорникот, при што се договараат неделата да почнат со работа.

Од другите разговори меѓу соговорниците се дознава дека покривот е наместен во декември.

Во септември 2012 година, Латас разговара со соговорникот Благоја, за фасадата на викендичката.

За фасадата, дали ќе може пола да платиме, а пола да компензираме со реклама?“, прашува Латас.

Во истиот период Латас прави нарачка и за изолација на објектот, а во декември почнува монтирањето на прозорците.

Во разговор со својот брат Звездан, воден во август 2012 година, Латас нервозно коментира дека документите не се средени, и дека може да ги срушат. Истакнува дека набргу ќе има избори, па да ја средат работата навреме.

„…Ние немаме Одобрение за градба, еве идат избори, може да дојде некој да нѐ руши… Да ти го срамни со нула и после кој ќе биде крив“, нервозно вели Латас.

За средување на документацијата, двајцата браќа разговараат и во септември 2012 година. Истиот ден Латас разговара и со другиот брат, Срѓан.

Прозорите кај мене се договорени… Ќе одам и денес во општина кај Дејан да видам што папири ќе треба“, му вели Срѓан на Латас.

Покрај „бомбите“, обвинителката Јосифовска презентираше и нови материјални докази, односно договори и фактури, за набавени материјали и изведени работи, од 2012 година, со кои, како што рече, ги побива доказите изведени од одбраната, кои приложиле фактури од 2013 година.

Адвокатката Светлана Савиќ, откако бомбите беа преслушани, истакна дека ги оспорува доказите, потенцирајќи дека СЈО немало право да доставува нови докази, а се повика и на начелното правно мислење на Врховниот суд, со кое се забранува користење на „бомбите“. Сепак, обвинителката ја потсети дека ова мислење не се однесува на предметите за кои обвиненијата биле поднесени до 30 јуни 2017 година.

ЛАТАС И БРАЌАТА ТВРДАТ ДЕКА СЕ НЕВИНИ

Латас и неговите браќа пред судот се изјаснија дека не се виновни. При давањето исказ, новинарот рече дека земјиштето во Зелениково, заедно со браќата, го купиле од четири семејства и таму планирале да градат викендички. Појасни дека ги поднеле сите потребни документи за пренамена на земјиштето за да можат да градат, а во два наврати поднеле барање за градба до општината, еднаш во март 2012 година, а потоа и во декември. Како што рече, платиле и комуналии, а добиле и имотни листови.

На прашањето на обвинителката, зошто во два наврати поднеле барања, тој одговори дека првиот пат не добиле одговор и дека градоначалникот му појаснил дека немале стручен кадар, па да се стрпеле. На прашањето, пак, дали со барањето за градба доставил и проект за градба, Латас рече дека не се сеќава, и дека тоа било одамна.

Тој во воведниот говор рече и дека шест месеци барале литература за вакви предмети и не успеале да најдат. Спомна случај „Цареви кули“, каде што обвинителството не покренало обвинение зашто немало записник од градежен инспектор.

Неговата адвокатка Бегова, пак, во воведниот говор рече дека нејзиниот клиент платил уредно комуналии за објектите, и тоа по повисока цена од 1 евро за квадратен метар. Во бомбите, според Бегова, има разговори на мајстори што работеле на објектите, а нема содржина за бесправно градење.

Според СЈО, пак, иако Латас и браќата граделе без одобрение за градба, сепак успеале дополнително да ги завршат сите процедури во Општина Зелениково, а потоа и во Агенцијата за катастар да се впишат како сопственици на викендичките. Како што неофицијално дознаваме, од обвинителството сакале да ги гонат и надлежните во овие институции, но делата веќе биле застарени.

Латас и неговите браќа се гонат за кривичното дело Бесправно градење од член 244-а став 1 од Кривичниот законик. За ова кривично дело е предвидена затворска казна од три до осум години.

Тој што гради или изведува градба или врши надзор над градба на сопствено или туѓо земјиште без одобрение за градење или спротивно на одобрението за градење издадено од надлежен орган, ќе се казни со затвор од три до осум години“, пишува во Член 244-а, став 1.

Во став 6, пак, е предвидено дека нелегално изградениот објект ќе се одземе.

„Изградените недвижности се одземаат“, децидно предвидел законодавецот.

Според законските прописи, неопходен услов за почеток на легална изградба на објекти од втора категорија, во која припаѓаат и објектите за индивидуално домување и викенд-куќите, е постоење на одобрение за градење издадено од надлежен орган. Инвеститорот може да почне со изградба само врз основа на правосилно одобрение за градење, од што произлегува дека фазата на добивање на одобрение за градење претходи на почетокот на градбата.

Според изречената законска одредба од член 56 став 2 од Законот за градење, градбите и деловите од градби изградени без одобрение за градење се бесправни градби.

Дали викендичките на Латас и на неговите браќа ќе бидат прогласени за дивоградби, останува да се почека пресудата на Кривичниот суд. Дотогаш на обвинетите им е надвиснат стравот дека нивните куќи може да ги „лапне“ државата.

Поврзани новости