Архива: Тренерот по бокс на Груевски „нокаутира“ на Токсикологија со по неколку функции

by Fokus

Текстот е објавен на 31 јануари, 2016 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1060

Пишува: Ирена МУЛАЧКА

„Форман на почетокот удираше и удираше, а Али го допушташе тоа, рунда по рунда. Али пушташе Форман да удира. Роуп а доуп ја нарекоа неговата стратегија. И се случи Форман во осмата рунда да се умори, а Али тогаш почна. И ми се чини дека заврши со нокаут, Форман беше декласиран. Е сега, сите се прашуваа во првите осум рунди, зошто Али така боксува, мислеа дека е наместен мечот, мислеа дека Али е ослабен, но вистината беше дека Али имаше стратегија и се однесуваше различно од тоа што неговиот противник го профилирал за него. Осмата рунда за Заев допрва доаѓа, а финалниот удар ќе дојде на 24 април“, 

Ова е само дел од интервјуто на екс премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски коe во декември го даде за провладиниот портал „Прес24“ при што преку илустрација со боксерскиот меч сакаше да направи споредба меѓу него и првиот човек на опозицискиот СДСМ, Зоран Заев и начинот на кој тој планира да го нокаутира  на предвремените парламентарни избори што треба да се одржат на 24 април 2016 година. Груевски тврдеше дека поради лидерот на СДСМ, тој и неговите сопартијци скоро една година биле жртви на однапред осмислена кампања на лична дискредитација која имала за цел да го симне од тронот, да ги дестабилизира институциите на државата, да внесе немир, силна поделба, омраза, набој во македонското општество.

Во последните десет години колку што е на премиерското столче, лидерот на ДПМНЕ честопати во своите говори и интервјуа на провладините медиуми го користи боксот како редовен израз сакајќи на тој начин да ја докаже својата моќ, но и да покаже дека тоа е негов омилен спорт со кој се занимавал и тренирал на млади години.

За неговата љубов кон овој спорт го „обвинува“ својот вујко Јордан Мијалков, за што раскажува и во едно интервју за Утрински весник направено во 2006 година само неколку месеци пред да дојде на власт. Тој тврди дека неговиот вујко го будел во три часот наутро уште како дете за да ги гледа преносите на телевизија од познатите боксерски мечеви, а неговата мајка Нада постојано му се карала за да не го буди бидејќи изутрина е на училиште. Па, така додава Груевски во интервјуто – „вујко ми зарази со боксот“. Тој почнал да се занимава со овој спорт на 20-годишната возраст и активно тренирал цели пет години. Поради работните обврски морал да се откаже од боксот, но, затоа пак и до ден денес не заборава во своите политички говори да каже кој е следниот што ќе го „нокаутира“. Неговите „боксерски“ способности не ги заборава ниту опозицијата која редовно го потсетува дека се претворил од боксер во лесна до автократ во тешка категорија.

Сепак, во целата приказна ретко се споменува името на првиот тренер на Груевски, односно кој е човекот што го научи екс премиерот на познатите боречките вештини и трикови? Дали тој се појавува во јавност? Колку е близок со поранешниот премиер? Што работи во моментов и со што се занимава неговиот тренер?

ПОРАНЕШНИОТ ТРЕНЕР НА ГРУЕВСКИ ПО БОКС СО ПОВЕЌЕ ФУНКЦИИ НА ТОКСИКОЛОГИЈА

Груевски тренирал бокс во периодот додека студирал на Економскиот факултет во Прилеп, а негов прв тренер бил Миле Смилевски репрезентативец и поранешен боксер во повеќе клубови. Смилевски и е малку познат на јавноста, можеби само на обожавателите на спортот особено на оние кои следат боксерски мечеви. Неговото име досега е споменато во неколку интервјуа на премиерот и тоа уште во времето кога беше во опозиција и кога не избираше за кој медиум ќе даде интервју или изјава за разлика од последните неколку години додека е на власт.

Сепак, на јавноста и е уште помалку познато дека Смилевски не се занимава само со спорт, туку дека скоро 40 години е дел од скопската Клиника за токсикологија каде првично работел како болничар, а дури од таму го преставуваат и како еден од основачите на клиниката. Во 2007 година, само една година по доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт неговата кариера тргнува по нагорна линија. Тој експресно е унапреден и станува раководител на медицинските сестри и техничари. Во меѓувреме добива и друга функција, станува член на Управниот одбор на клиниката каде што тројца надворешни членови се избираат и именуваат по предлог на Владата, додека другите двајца внатрешни членови ги избира клиниката. Но, тука не завршува неговото напредување во кариерата. Според нашите информации, Смилевски како главен медицински техничар тера веќе втор мандат од четири години како член на Управниот одбор на клиниката. Тие имаат за задача да ги средуваат завршните сметки, да одобруваат тендери, да одлучуваат по жалби на вработените и да решаваат спорови….Но, и покрај обемните работни обврски, тој не заборава на спортот, па од таму нашите извори коментираат дека и ден денеска тренира деца попладне и навечер во салата на Факултетот за физичка култура. Неговото име во медиумите се најде и пред две години во септември 2014 година кога го водеше боксерскиот меч во спортскиот центар „Борис Трајковски“ меѓу македонскиот боксер Драгомир Каевиќ и гркот Шарилис Малихудис.

Скоро сите вработени на Токсикологија тврдат дека тренерот по бокс се уште има блиски релации со Груевски, но и дека е личен пријател со министерот за здравство Никола Тодоров. Иако не јавно, сепак тој ги поддржува здравствените реформи што ги спроведува владата.

Дел од вработените таму велат дека поранешниот тренер по бокс на лидерот на ДПМНЕ има големо влијание на клиниката, а таквата моќ ја добил откако Груевски седнал на премиерското столче.

Во денешно време е најлесно да добиеш функција само ако си и близок на партијата. На некои што цел живот учат и се надоградуваат им требаат светлосни години за да постигнат нешто, додека други тие скалила ги поминуваат за само неколку години – велат дел од вработените на клиниката кои сакаа да останат анонимни.

„Фокус“ се потруди да стапи во контакт со Смислевски за да го прашаме за неговото унапредување на работното место во последните неколку години? Колку мандати е член на Управен одбор на клиниката? Дали има блиски контакти со екс премиерот Груевски? Но, до затворањето на бројот не успеавме да го најдеме и да добиеме повратен одговор на нашите прашања.

Исто така, се потрудивме да стапиме во контакт и со новиот директор на клиниката доктор Нестор Поповски, кој на директорското столче седна по заминувањето на стариот директор Андон Чибишев, кој стана пратеник во собранието од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Ниту Поповски не беше достапен на својот телефон за да му поставиме неколку кратки прашања.

СМИЛЕВСКИ ГО ИГНОРИРАШЕ ШТРАЈКОТ НА ЛЕКАРИТЕ

Во 2012 година лекарите излегоа на генерален штрајк поради, според нив лошиот проект плаќање по успешност. Тие штрајкуваа 52 дена, а на бел марш излегоа повеќе од 1.200 лекари специјалисти, медицински сестри, болничари…Меѓу нив не се најде болничарот Смилевски, кој на никој начин не им даде поддршка на своите колеги во борбата за подобро јавно здравство. Тој не се појави на ниту еден од протестите организирани пред Министерството за здравство, а не се појави и на двочасовниот протест пред Владата.

Дури за време на штрајкот на лекарите тогашниот директор Чибишев, а сегашен пратеник од ДПМНЕ неколку пати ги собра новинарите да им објасни зошто лекарите не треба да штрајкуваат и колкава штета на тој начин им се прави на пациентите. Тој тврдеше дека со радикализирање на штрајкот тројно е зголемен обемот на работа на Токсикологија и дека кај нив биле препраќани пациенти со малигни заболувања и тешка клиничка слика.

– Не е во ред тоа што лекарите штрајкуваат. Крајно нечесно е да ги препраќаат пациентите кај нас, а ние да ги враќаме дома. Во последните десетина дена на клиниката се јавуваат пациенти кои биле закажани за прегледи на другите клиники пред еден до три месеци претходно. Покрај тоа враќани се и пациенти кои биле акутно влошени со тешки компликации и животно загрозени – тврдеше Чибишев во тоа време.

Ниту тогашниот прв човек на клиниката кој беше дел од контрапротестот пред ресорното министерство, ниту Смилевски не се соогласуваа со штрајкот на лекарите сметајќи дека овој владин проект може да придонесе само за подобрување на работата на лекарите, односно тие што ќе работат помалку и како што вели Тодоров што се мрзеливи да се ангажираат повеќе оти во спротивно ќе добијат пониски плати.

Неговите колеги од клиниката тврдат дека ретко, односно скоро никогаш болничарот Смислевски не застанал на страна на своите колеги. Според нив, тој во позадина управува со повеќето работи на клиниката сметајќи се како близок човек до врвот на власта. Но, што е најчудно во целата приказна неговото име досега никогаш не било споменато во ниту еден медиум, а малку се знае и за неговата работа на скопската Клиника за токсикологија.

Никој не ја спори неговата работа како болничар и стручњак, но според тврдењата на неговите колеги блискоста со врвот од власта му помогнал полесно да напредува во кариерата и со брзина на светлината да дојде до некоја функција повеќе. Тоа не е ништо ново и чудно со оглед на тоа како се добиваат работните места во Македонија, како се напредува во кариерата и како набрзина се прескокнуваат скалите и се стигнува до врвот. Нормално, само преку партиската книшка на ВМРО-ДПМНЕ и блискоста со првите луѓе во партијата.

Рамка:

ТАШЕВ, НОВ ЕКОНОМСКИ ДИРЕКТОР НА ТОКСИКОЛОГИЈА

Пред одреден период, скопската Клиника за токсикологија добила и нов економски директор, кој претходно истата функција ја извршувал на Клиниката за инфективни болести. Никола Ташев е новиот економски директор, кој според реформата на ВМРО-ДПМНЕ врзан потпис ќе работи заедно со стручниот директор. Во лекарските кругови се зборува дека откако дошол новиот директор им ја преземал собата која била за дежурните лекари и ја направил своја канцеларија.

 

 

Поврзани новости