(АРХИВА) Статистичка или политичка операција: Се отвора врата за електронски попис, но недостига политички консензус!

Власта најави можност за спроведување нередовен попис откако Уставниот суд укина делови од методологијата, која овозможи, покрај попишувањето на луѓе што најмалку една година престојувале во земјава, да се евидентираат и нерезиденти, односно наши иселеници во странство, што предизвика конфузија и различни интерпретации на пописните резултати, зависно од етничкиот диоптер.

by vlatko 20:14
20:14

Текстот е објавен на 03 јули 2025 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1.552.

Откако требаше да минат цели 2 децении за да се спроведе нов попис на населението по оној фамозниот во повоената 2002 година, сега се најавува можност веќе следната 2026 да се спроведе вонреден попис, кој би се одржал само 5 години по последниот од 2021 година. Имено, власта најави можност за спроведување нередовен попис откако Уставниот суд укина делови од методологијата, која овозможи, покрај попишувањето на луѓе што најмалку една година престојувале во земјава, да се евидентираат и нерезиденти, односно наши иселеници во странство, што предизвика конфузија и различни интерпретации на пописните резултати, зависно од етничкиот диоптер. Но, за разлика од претходните теренски пописи, сега се навестува спроведување на електронски или дигитален попис, по пат на вкрстување на постоечките бази на податоци. Сепак, тоа предизвика разни забелешки од страна на опозицијата, поради што веќе во старт се компромитира целата идеја и се дискредитираат потенцијалните пописни резултати.

Пишувал: Влатко СТОЈАНОВСКИ

Одлуката на Уставниот суд да укинe делови од методологијата за пописот од 2021 година, кои се однесуваат на „резидентно“ и „нерезидентно“население, бидејќи не биле во согласност со начелото на владеење на правото, отвори политичка дебата во земјава дали е потребно да се спроведе нова операција за попишување на населението и домаќинстава?

Со оглед дека највисокиот суд одлучи да укине делови од методологијата како подзаконски акт, а не да ги поништи, произлегува заклучок дека оваа одлука нема да има реперкусии врз пописот и пописните резултати од операцијата спроведена пред 3 години. Но, тоа јасно упатува на потребата да се избегне попис на нерезиденти во дијаспората на следниот попис.

Сепак, главното прашање што се наметна е кога да се одржи следниот попис, односно дали да се чека редовен термин или, пак, да се спроведе брз вонреден попис, кој би дал поточни и поверодостојни податоци за населението? Дека можна е втората варијанта, деновиве најави премиерот Христијан Мицкоски, кој навести можност за спроведување електронски попис.

–Ќе треба нова методологија на следниот попис. Статистички од почетокот на декадата, односно во 2031-2032 година би требало да се одржи редовниот попис, но ако некој се сомнева и има политичка волја можеме сега да направиме вонреден попис, оти некој се обидува да ги злоупотребува граѓаните– изјави Мицкоски.

Претходно, тој на собраниска седница за пратенички прашања предложи следната 2026 годинагодина да се спроведе вонреден електронски попис на населението, со тоа што истовремено додаде дека тоа треба да биде во пакет со воведување на една наместо сегашните 6 изборни единици, во чии рамки би гласала и дијаспората.

Всушност, премиерот ова го кажа во одговор на прашање на пратеникот Халил Снопче од Алијанса на Албанците на Арбен Таравари. Поточно, Снопче го праша дали владата има намера да ја промени одлуката за бројот на советници во општините по одлуката на уставните судии за укинување на категориите резидентно и нерезидентно население од Методологијата за попис на населението од 2021 година?

Во одговор на прашањето, Мицкоски нагласи дека кај нерезидентното население во последниот попис немало адреса, туку било класифицирано како нерезидентно население. Тој посочи и дека разликите во бројот на население кај општините меѓу двата пописа биле големи, при што го наведе примерот на Општина Гостивар, каде што од 85 илјади бројот на жители бил намален на 59 илјади население кое е резидентно.

– Уставниот суд вели не може да има графа нерезидентно и графа резидентно население, за што ние зборувавме уште во време на пописот, дека тоа не го препознава Евростат…– одговори Мицкоски, кој во таа насока предложи идната 2026 година да се спроведе вонреден електронски попис, истакнувајќи: „Ви гарантирам дека со вкрстување на базите 90 отсто од населението ќе го попишеме преку електронскиот попис, а само отприлика 10 проценти ќе треба теренски“.

ДИГИТАЛЕН ПОПИС ИЛИ ИНЖЕНЕРИНГ?

За потсетување, уште пред минатогодишните избори,актуелниот премиер Мицкоски, тогаш во својство на опозициски лидер, најавуваше спроведување на електронски попис веднаш по политичките промени. Од промената на власта помина точно една година, во која ваква операција не беше спроведена, меѓутоа периодов беше најавена како можност во блиска иднина.

Во тој контекст, министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновскиизјави дека државата има капацитет да спроведе дигитален попис веќе следната 2026 година. Како што рече, владата е свесна за потребата од ревизија на методологијата од 2021 година, поради што уште во април годинава е формирана широка работна група со цел да се создадат услови за спроведување на дигитален попис следната година.

–Имаме капацитет за спроведување дигитален попис и тоа е дел од владината програма. Имаме одлична алатка во нашето министерство – централен регистар на население, кој ги собира податоците од Министерството за внатрешни работи, Управата за водење матични книги и Централниот регистар. Во овој период активно ќе работиме на прочистување на податоците и дополнување на базите за да бидеме подготвени за процесот, без разлика дали политичките институции ќе решат тоа да биде во 2026 или редовно во 2031 година– рече Андоновски.

Арно ама, треба да се разграничи дека овие најави за електронски или дигитален попис следната година главно ги испорачува водечката владејачка партија ВМРО-ДПМНЕ, која доби поддршка од постизборниот партнер ЗНАМ на Максим Димитриевски. И покрај критиките што ги упатува кон поранешната влада на СДСМ и ДУИ за пописот во 2021 година, сепак, засега вториот владејачки партнер ВЛЕН изразува резервираност за вонреден попис.

„Не сме разговарале за попис пред редовниот рок и нема да има друг попис следната година. Секој иден попис мора да биде резултат на длабинска анализа и политички консензус, кој ќе ја исправи измамата на ДУИ и СДСМ и ќе обезбеди фер, инклузивен и прифатен процес од сите страни. ВЛЕН останува цврсто во одбрана на албанската дијаспора, која со децении е главен столб на економскиот, социјалниот и националниот опстанок на Албанците во Македонија“, велат од владејачката коалиција предводена од Изет Меџити и Биљал Касами.

Воедно, од таму најавија дека ќе бараат кривична одговорност за бришење на дијаспората од последниот попис, при што побараа одговор од ДУИ по која цена биле продадени Албанците во овие валкани зделки? Во меѓувреме, реагираше опозициската партија на Али Ахмети, од каде пак ја обвинија власта дека се обидува да направи дигитален инженеринг со најавите за електронски попис.

„Уште во 2022 година лидерот на опозицијата Мицкоски јавно одби да ги прифати резултатите од пописот на населението, алудирајќи особено на фактот дека Албанците сочинуваат 29,5 отсто од вкупната популација. Тој тогаш вети дека, штом ќе дојде на власт, ќе организира електронски попис за да ги коригира резултатите. Ова не е изолиран случај, туку дел од серија националистички ветувања собрани под слоганот да им се покаже местото на Албанците“, соопштија од Мала Речица.

Во таа насока, од таму додадоа дека најавата за дигитален попис е чекор од обидите на власта за заробување на институциите, кои, според нив, активно работат на спроведувањето на изборната програма на ВМРО-ДПМНЕза укинување на балансерот, уривање на механизмите за заштита од мајоризација, отстранување на албанскиот јазик од институциите, како и исклучување на Албанците од повисоките позиции во администрацијата, безбедносните служби, одбраната итн.

ТЕХНИЧКИ ПРОБЛЕМИ И ПРЕДИЗВИЦИ

Исто така, се огласи и лидерот на СДСМ,Венко Филипче, кој смета дека спроведувањето електронски попис не е едноставен предизвик. Меѓутоа, тој изнесе исклучиво технички забелешки, без да проблематизира од политички аспект.Според него, ако на луѓето не им се даде можност да се регистрираат како нерезиденти, тогаш тие ќе направат напор да се регистрираат како резиденти за да можат да остварат права.

– Ако на луѓето не им се даде можност да се регистрираат како нерезиденти, а не се резиденти, односно се смета дека се нерезиденти затоа што живеат во друга земја, ако живеат повеќе од една година и тоа важи како критериум во цел свет, тогаш тие ќе направат се да се регистрираат тука поради тоа што не сакаат да си ги скратат своите права. И тоа е зошто има резиденти и нерезиденти– рече Филипче.

Потоа, тој образложи зошто смета дека спроведувањето електронски попис би било „предизвик“, но и„проблем“. Според него, првиот предизвик е што процентот на луѓе што се водат на друга адреса изнесува над 25-26 проценти. Тоа, како што рече, значи дека нема да има вистинска мапа на населението, односно нема да бидат луѓето регистрирани вистински каде што живеат,туку само ќе бидат попишани по личната карта каде што впрочем реално не е нивното живеалиште.

Понатаму, втората работа што ја наведе е тоа што во ниту една од базите на податоците што се вкрстуваат не фигурира категоријата националност. Појаснувајќи го ова, тој се повика на искуството од последниот попис, посочувајќи: „Кога се вкрстуваат податоците со базите на ФЗОМ, ПИОМ, УЈП, како за време на пописот во наше време кога се вкрстуваа податоците од 6електронски бази за да се провери каде е работното место, име, презиме, ја нема графата за националност“.

Инаку, темата за електронски попис се отвори откако Уставниот суд информираше дека одредени делови од методологијата не се во согласност со темелната вредност на македонскиот уставен поредок – владеењето на правото, во согласност со уставната обврска сите прописи да се усогласат со законите и Уставот, како и во согласност со делови од Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Северна Македонија во 2021 година.

Според судот, директорот на Државниот завод за статистика (Апостол Симовски) ги пречекорил своите надлежности и со подзаконски акт извршил категоризирање на резидентно и нерезидентно население. Врз база на тоа, власта ја отвори дилемата дали треба да има кривична одговорност за неуставната методологија, но исто толку битен сегмент е што тие резултати станаа предмет на различна интерпретација, додека сега отворија и дилема дали е потребен нов (електронски) попис?

Како што е познато, на пописот во 2021 годинабеа попишани 1.836.713 жители, што е за 185 илјади лица помалку во споредба со пописот спроведен во 2002 година, врз основа на кој Албанците ги остварија колективните права од Рамковниот договор со кој се оконча воениот конфликт во 2001 година. Притоа, на последниот попис 58,44 проценти од граѓаните се изјасниле како Македонци, а 24,3 отсто како Албанци, што е отприлика ист сооднос како и на пописот пред 2 децении.

Но, на последниот попис се попишаа и 258.932 лица како нерезидентно население, од кои 24,55 отстосе изјасниле како Македонци, а 66,42 отсто како Албанци. Па, така, албанскиот политички фактор гокалкулираше и овој податок за да тврди дека процентот на албанско население сумирано е скоро 30 проценти, иако тој процент во земјава е под 25 отсто. Патем, мора да се потенцира дека во странство се вршеше евиденција на наши иселеници, додека во земјава се вршеше типичен попис на население врз основа на кој треба да се проектира идниот развој.

ПРИПАДНАТИ И ОСПОРУВАНИ ОПЕРАЦИИ

Во однос на тој аспект, „Фокус“ во неодамнешното интервју го праша лидерот на Алијанса на Албанците, која е дел од Европскиот фронт –Зијадин Села, зошто цело време тој и албанскиот фактор оперираат со 30 проценти кога говорат за бројот на Албанците во земјава, бидејќи нели некоректно е да се сметааат и лицата во дијаспората, кои не се попишани како резидентно население, туку само се евидентирани?

–Друг поим е дијаспората. Овие наши граѓани што имаат куќи тука, имаат имот, си плаќаат данок, доаѓаат два-три пати годишно и трошат пари тука не се дијаспора. Дијаспора е некој иселен пред стотина години и има чувство дека неговите по потекло се Македонци или Албанци.Политичките системи се градат од страна на гласачите преку изборот на нивни претставници што се викаат пратеници. Тие имаат право на глас и не можеш да ги исклучиш од вкупниот број население – одговори Села.

Дополнително, забележавме дека гласачкото право се остварува врз основа на државјанство и сите државјани имаат право на глас без разлика каде живејат, но правилата за попишување налагаат да бидат попишани тие што се една година тука, а ако не се тогаш ќе бидат попишани во таа држава каде што се затекнати, за да нема двојно попишување. „Ние што правиме и како ги третираме нашите граѓани, дали ги гледаме како синови на мајка или на маќеа, зависи од нас, е ти налага Евростат ништо“, одговори Села.

Како и да е, факт е дека меѓународните норми налагаат во една држава да се попишат граѓаните што се присутни во период од една година. Теоретски, македонски државјанин ако најмалку една година престојува во друга држава тој ќе биде попишан во таа држава и тоа нема да влијае врз неговите права како македонски државјанин во земјава, особено не врз гласачкото право. Конечно, пописот се врши за да се добие слика за резидентно население со цел да се проектира развој, иако, за волја на вистината, во економијата на државата удел имаат и девизните дознаки од иселениците.

Оттука, главниот проблем е што секој попис се политизира, од причина што политичкиот систем препознава бројки за остварување на колективни права, а секоја политизација на статистичката операција јавува сомнеж за нејзината веродостојност. За потсетување, уште пописот во 2002 година го оспоруваше ВМРО-ДПМНЕ, чии функционери велеа дека тогашната влада на СДСМ и ДУИ на чело со Бранко Црвенковски вештачки го набилдала бројот на Албанци на над 20 отсто, за да може да ги ползуваат правата во делот на употреба на јазикот, вработувања во јавниот сектор итн…

Откако ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт, како дел од Влада со ДУИ се обиде да споведе попис во 2011 година, но неговата судбина е позната. Тој пропадна откако попишувачите попишуваа се и сешто, па на крајот ќе испаднеше дека во Македонија живејат 3 милиони жители?! Неколку години подоцна, пак, СЈО отвори истрага против Ахмети и Никола Груевски за пропаднатиот попис кој чинеше 2,8 милиони евра, меѓутоа истрагата беше прекината и никогаш не дојде во степен на обвинение пред суд.

Дури една деценија подоцна, т.е. во 2021 година, беше спроведен успешен попис од страна на владата на СДСМ и ДУИ предводена од Зоран Заев, но повторно беше доведен во прашање неговиот кредибилитет. Тогаш опозициската ВМРО-ДПМНЕ играше топло-ладно околу пописот, се додека на крај не постигна политички договор и ја поддржа операцијата. Но, до крај на опцијата за бојкот опстана Левица на Димитар Апасиев, што можеби немаше голем ефект во земјава, но сето тоа дефинитивно се одрази врз пописот во дијаспората, каде албанската етничка заедница се организираше и излезе како големо мнозинство.

Сега, токму овој попис, или поточно евиденцијата на нерезиденти паѓа во вода со одлука на Уставниот суд, што следува набргу откогановата Влада одлучипри вработување во јавниот сектор да се има во предвид само структурата на резидентното население. Во цел овој амбиент, македонскиот дел од власта ги реафирмите најавите за дигитален попис, кој технички може да се спроведе, па дури и да се извлече податок за националноста од документи каде таа се декларира. Но, сепак, доколку нема политички консензус, повторно резултатите ќе бидат предмет на сомнеж и ќе се користат за меѓупартиски и меѓуетнички пресметки.

Слични вести