(АРХИВА) Пешак завршил под неговото возило, но возачот не бил виновен?!

by Фокус

Текстот е објавен на 14 јули 2021 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1345.

Пред неколку дена, возач на Цитроен удри во две лица на пешачки премин кај „Сити Мол“, по што едно лице почина, а возачот доби притвор. Ова е една од многуте сообраќајни несреќи каде пешаците го извлекуваат поделебиот крај, додека возачите често добиваат условни казни, па дури и целосно се ослободувани од кривична одговорност. За еден таков случај Фокус пишуваше лани – возач движејќи се наназад усмртил жена во Дебар Маало, но вештите лица и првостепениот суд сметале дека тој не е виновен…

Пишувала: Гордана ДУВЊАК

Тој топол августовски ден пред неполни четири години, по ништо не навестувал дека на само неколку метри пред Министерството за култура во Дебар маало ќе се случи страотна и, по многу нешта, грозоморна сообраќајна несреќа. Уште помалку дека тоа ќе биде фатален крај за скопјанката Марика Попева, која во раните утрински часови, поточно во 8.30 тргнала на пазарење, за да ги избегне гужвите и топлото време.

Нејзиниот живот трагично завршил откако била прегазена од товарно моторно возило „ивеко“ управувано од скопјанецот Тони Насковски, кој носел дотур на стока. Враќајќи се наназад за да му отстапи пат на возилото што му доаѓало во пресрет, возачот не ја видел жртвата и буквално ја прегазил жената, влечејќи ја неколку метри.

Жената починала на самото место, а на Бригадата за противпожарна заштита, тој критичен ден на 17 август 2017 година, ѝ биле потребни речиси четири часа да ја извлечат несреќната жена од под тркалата на возилото.

ШТО ТОЧНО СЕ СЛУЧИЛО?

Сообраќајната несреќа се случила на улицата Антоние Грубишиќ точно пред Министерството за култура. Улицата на местото на незгодата е права и прегледна со широчина од околу 7 метри, а во близина има кафуле пред кое постои кривина, која води во споредна уличка.

Од двете страни на улицата постојат тротоари, наменети за движење на пешаци, но во моментот на несреќата биле преполни со паркирани возила. Неколку дена по несреќата, по протестот на стотината жители од тој крај, по налог на градоначалникот на Општина Центар се поставени заштитни столбови.

За да се размине со другото возило, „ивекото“ морало да се врати назад неколку метри и очигледно не ја видело жената и ја прегазило. Во моментот на несреќата, возачот до себе имал и сопатник. Незгодата се случила дење при добра видливост и чист коловоз.

По повеќе од една година, скопското јавно обвинителство поднело обвинителен предлог против обвинетиот Тони Насковски за кривично дело „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“.

Обвинителката Сања Бурјаковска Китановска сметала дека обвинетиот Насковски не се придржувал кон сообраќајните прописи и го загрозил јавниот сообраќај постапувајќи спротивно на Законот за безбедност на сообраќајот.

Таа тврди дека тој почнал да вози наназад без претходно да се увери дека тоа може да се направи без опасност по другите учесници во сообраќајот. Не водејќи сметка за положбата на движењето на возилото, со задниот дел од возилото удрил во десната страна од телото на оштетената, која како пешак почнала да го поминува коловозот на место каде што не постои обележан пешачки премин.

Возачот Насковски во својата изјава пред увидната група кажал дека за да се размине со другото возило, се вратил назад неколку метри и откако другото возило поминало, почнал да оди напред, по што забележал дека возилото тешко се движи. Откако излегол од возилото, видел дека под него има женско тело.

Неговиот сопатник во возилото, Марио Пешевски, во исказот пред судот тврдел дека обвинетиот погледнал во ретровизорите на возилото и откако се уверил дека нема пешаци и возила, почнал да се враќа назад, па дури и дека возилото имало вграден систем кој испуштал силен звук.

Што останува нејасно?

Симптоматично е зошто возачот на камионот не излегол од возилото за да помогне враќањето да биде безбедно. Како е можно жртвата да не го слушнала звукот на сирената, ако тој бил навистина толку продорен, што дури се жалеле и од околните објекти.

И конечно, дали таа паднала од ударот, како што тврди ОЈО, или пак, претходно ѝ испаднале работите од чантата, како што претпоставуваат вештите лица, па се наведнала да ги земе, па затоа не била во видното поле на возачот.

ЖРТВАТА САМА ЈА ПРЕДИЗВИКАЛА НЕСРЕЌАТА?!

Семејството на жртвата доживеало уште поголем шок и неверица, кога по речиси 3,5 години од трагичниот настан ја слушнале изречена првостепена судска пресуда во Кривичниот суд во Скопје.

Кривичната судијка Лидија Зимбовска, која го водела овој предмет како судија поединец, а од лани е унапредена во повисокиот Апелационен суд во Скопје , го ослободила од вина обвинетиот Насковски, бидејќи сметала дека жртвата самата ја предизвикала својата несреќа.

Судијката во носењето на пресудата во целост се повикува на експертизата направена од тричлен тим од Техничкиот факултет во Битола, чиј генерален заклучок се сведува на тоа дека „пешакот не смеел да се најде на коловозот“ и „има целосен придонес за случувањето и избегнувањето на незгодата“.

Со ваквата одлука не се согласува Скопското јавно обвинителство, кое ја обжали првостепената пресуда пред повисокиот суд. Обвинителството бара од Апелациониот суд во Скопје да ја уважи жалбата и да го укине предметот. Предметот да го врати на повторно одлучување, или да ја преиначи одлуката, со која обвинетиот ќе го огласи за виновен за кривичното дело.

„Обвинителството во жалбените наводи потенцира дека Судот фактичката состојба во предметот ја утврдил од извршеното супер вештачење – Експертиза од Технички факултет Битола односно од мислењето дадено во него од тимот од вешти лица, како и на главната расправа во исказот од вештите лица.

При тоа, вештите лица во своите изјави и дадени мислења се контрадикторни и нејасни, а заклучокот кој го даваат за фактичката состојба на лице место, правците на движења на учесниците во моментот на незгода, дејствијата кои истите ги презел па оттука и пропустите кои ги направиле, не соодветствува со целокупната нивна анализа, а најбитно, ни со прописите кои ги определил законодавецот во Законот за безбедност во сообраќајот“, се вели во одговорот на ОЈО до „Фокус“.

Според обвинителството, несомнена е обврската од чл. 25 ст. 1 од ЗБСП, која без исклучоци се однесува на сите учесници во сообраќајот, а каде што е предвидено дека дејствијата на возилата во сообраќајот, конкретно во овој предмет – дејствието на возење наназад , возачот смеел да го почне само ако претходно се уверил дека тоа може да го направи без опасност по другите учесници во сообраќајот или по имотот, а при тоа водејќи сметка за положбата на возилото и за правецот и брзината на движење на возилото.

„Фокус“ се обиде да ја исконтактира и судијката Зимбовска, за да побара коментар околу овој случај, но и да ја праша дали смета дека донела правилна и аргументирана пресуда. Но, до затварањето на весникот таа не одговори на нашите пораки.

Се обративме и до бранителот на Тони Насковски, скопскиот адвокат Љупчо Мицевски со намера да ни овозможи контакт со својот клиент. Но, тој одби да го коментира случајот, ниту, пак, сакаше да одговори какви се нивните очекувања од повисокиот суд . Адвокатот Мицевски само кусо и одговори „додека предметот е во процедура не би сакал да коментирам“.

Писмено со имејл се обративме и до тројцата вештаци што ја подготвиле експертизата. Но, од тројцата потпишани вешти лица: Стоимко Златковски, Верица Данчевска и Златко Совревски, само еден од нив одговори на нашата покана за разговор.

Во телефонскиот разговор, Златковски вели дека останува на ставот дека вештачењето го направиле „најсовесно и најреално“, а за себе вели дека има 40-годишен работен стаж и направено над 1000 вештачења за сообраќајки.

„Не гледам никаква вина кај возачот, ниту пак, небрежност, бидејќи жената не му била во видното поле. Едноставно, пешакот не смеел да се најде на коловозот, кога на 10-15 метри имало пешачки премин. Возачот треба да застане само ако излегува од гаража, тунел, а во конкретниот случај тој бил во движење“, вели Златковски.

Нема одговор зошто немало звучен сигнал (кој е продорен) и дали возачот погледнал на ретровизор.

„Чудно и необјасниво е како не го слушнала свирежот. Немам одговор. Можеби имала здравствени проблеми, можеби ѝ паднале работите, па се наведнала. Но, факт е дека се нашла зад возилото и зад видокот на ретровизорот. Трагите беа во ниска положба.“

На нашето прашање дали сопатникот на возачот требало да слезе од возилото, за да биде побезбедно разминувањето, Златковски тврди дека тој немал таква обврска.

Неофицијално дознаваме дека обвинителот доставил и снимка од камерата на Министерството за култура, но таа не била прифатена од судот, бидејќи била прибавена на незаконски начин и не било доставено официјално барање.

МНОГУ ПРЕТПОСТАВКИ ВО ЕКСПЕРТИЗАТА

Сопругот на починатата, Гоце Попев, пак, не може да се помири од ваквиот исход на судската постапка и уверен е дека не е точно утврдена фактичката состојба, бидејќи смета дека експертизата се темели на многу претпоставки.

Тој поднел и пријава до Министерството за правда поради сомневање во непристрасноста на вештите лица, како и дисциплинска пријава до Комората на вештаци.

Но, по нашите проверки, добивме одговор од Правда дека мандатот на Управниот одбор на Комората на вештаци е истечен уште пред околу две години и на последното Собрание и поради законската одредба од постојниот Закон од член 32 став 4 не се избрани нови органи на комората на вештаци.

Сепак, Министерството нема официјално добиена информација дека вештачењата од областа на сообраќајот се необјективни и подложни на влијание, но оценуваат дека настанатиот јаз со истекот на мандатот на органите на Комората секако создава простор за послободно однесување на вештаците што се надеваме многу скоро ќе биде надминато.

Попев вели дека решил да ја раскаже својата приказна пред медиумите, незадоволен од судската пресуда, а мотивиран од жената од Тетово чиј сопруг загина на мотор кај Млечен ресторан.

„Да не беше жената толку упорна да се дознае вистината за она што се случило, можеби никогаш немаше да се свести повисокиот суд да ја коригира пресудата“, ни изјави Попев, кој не крие дека има верба во повисокиот суд дека ќе ја исправи неправдата и во нивниот случај.

„Последиците се огромни и ненадоместливи. Тагата и болката нема да престанат до крајот на мојот живот како за мене, така и за ќерка ми и внуците. Сакам да напоменам дека со оваа срамна, бескрупулозна, безобразна и, според мене, нестручна пресуда, по втор пат ја убија Маре. Првиот пат, Насковски, а вториот пат, судијата Зимбовска со ваквата ослободителна пресуда, ѝ изрече смртна казна.

Вели дека не може да верува на вакво срамно судство и на Зимбовска, којажи е добро позната на јавноста по предметот во кој го осуди бизнисменот Сеад Кочан во „Труст“ , кога доби метеорско унапредување и беше наградена со избор во повисок суд, иако лани при рангирањето, како што објавија медиумите, била десетто рангирана.

Сепак, на нашето прашање дали очекува дека повисокиот суд ќе ја коригира пресудата, тој е дециден:

„Во секое жито има и какол. И покрај сѐ, верувам во судството и очекувам дека ќе се промени одлуката. Постојат чесни, објективни судии и, пред сѐ, стручни судии. Мене никој не може да ми ја врати сопругата. Без оглед дали обвинетиот ќе добие казна, мене ми е важно судството да пресуди правилно, бидејќи денес човечкиот живот е најевтин во ова општество, додава Попев.

И покрај тоа што жена му го поминала целиот работен век во судската зграда, а таму работи и ќерка му, вели дека никогаш не се дрзнал да го злоупотреби нивното име, ниту, пак, сметал дека е потребно да побара помош од некој негов познаник од судството, за да влијае или да ја забрза постапката.

„Се надевам дека сѐ ќе оди во една нормална процедура и ќе се ценат сите факти. Но, она што го гледам, длабоко ме загрижува и ме вознемирува како човек. Излегува дека поголема казна може да добие некој џепарош, а без казна ќе помине некој што одзел човечки живот“, разочарано на крајот додава Попев.

 

СКОПСКА АПЕЛАЦИЈА: ПРЕДМЕТОТ НАСКОРО ЌЕ БИДЕ РЕШЕН

Од Апелациониот суд во Скопје ни рекоа дека предметот е земен во работа и распределен кај судија известител.

„Очекувам дека во скоро време предметот ќе биде решен. Судијата беше подолго време на боледување (Јани Нича) и верувам дека и овој предмет наскоро ќе биде решен“, ни изјави портпаролката на овој суд, апелационата судијка Татјана Дуковска.

На нашето прашање дали е закажано судење, таа појасни дека доколку не е побарана јавна седница, може да се одлучи на нејавна седница.

 

ЖИВОТОТ НА СЕМЕЈСТВОТО ПОПЕВИ ПОВРЗАН СО СУДСТВОТО И СУДЕЊЕ

Животот на семејството Попеви како да е судбински предодредено и поврзано со судењето и пресудувањето.

Да биде иронијата поголема, починатата Марика (Маре како што ја знаеја колегите), целиот свој работен век го помина како секретарка во највисокиот суд во државата и беше „десна рака“ до своето пензионирање пред 2,5 години на дури пет претседатели на Врховниот суд . Во своето работно секојдневие, така секој ден била упатена да контактира со судии, адвокати и обвинители, но и странки кои барале прием кај нејзините шефови.

Нејзиниот сопруг, пак, Гоце Попев е добро познат во спортските кругови како поранешен фудбалер и еден од најуспешните македонски фудбалски судии, кој имал и завидна меѓународна кариера. Познат по својата чесност и праведност како судија, тој имал чест да дели правда и во фудбалски натпревари од рангот на шпански Реал. Во текст во „Нова Македонија“, познатиот спортски новинар Зоран Михајлов, за него ќе напише дека е „Фудбалски судија со блескаво минато“.

За својата сопруга, Попев ќе рече иако била цел живот поврзана со судството, никогаш не го коментирала дома она што се случувало во третата власт, што зборува за нејзината професионалност и деловност.

 

УРКО СО УСЛОВНА КАЗНА, ВОЗАЧОТ ШТО ЈА УСМРТИ БЕЛЧОВСКА – 15 МЕСЕЦИ ЗАТВОР

Судската пракса е полна со контроверзни, па дури и зачудувачки пресуди, кога се во прашање сообраќајни незгоди со фатален исход. Почнувајќи од последниот случај, кога Основниот суд во Струмица му досуди казна од 15 месеци затвор на возачот што ја прегази Верица Белчовска, чии органи беа донирани на неколку лица.

Јавноста се сеќава и на случајот пред четири години на поранешниот телохранител на екс премиерот Никола Груевски. Обвинетиот Дејан Митровски Урко доби условна пресуда за страотната сообраќајка што се случи на Рампа, кога во директен судир беше усмртено 20-годишно момче.

На една година затвор беше осуден и Живко Бојковски (65) од Куманово, кој ја предизвика сообраќајната несреќа во која загина директорот на македонската фудбалска репрезентација и поранешен голман Петар Милошевски (41). Сообраќајката во која животот го загуби Милошевски се случи на 13 март 2014 година во 23.15 часот, кога со службеното возило на ФФМ, кое го управувал претседателот на ФФМ Илчо Ѓорѓиоски, се враќале од еден кумановски ресторан. Овој случај го следеа многу контроверзии.

Наташа Димитриевска, пак, која во 2018 година остана без својот 32-годишен сопруг и плодот во неа, откако возачот на џип „ситроен“ удри во нив по сторен сообраќаен прекршок, јавно алармираше во медиумите зошто виновникот е осуден само на условна казна. По бурната реакција во јавноста, второстепениот суд ја смени одлуката и ја замени со затворска.

Ова го отвори прашањето во јавноста околу одмерувањето на казните во вакви случаи, а од Судскиот совет беше побарано за тоа да се изјасни и Врховниот суд, па дури и да се иницираат законски измени. Ама, излезе дека секое чудо трае три дена!

Поврзани новости