(АРХИВА) Дали ВМРО ќе прифати вонредни парламентарни избори, ако ДУИ го победи ВЛЕН на локалните избори?

Што би значел „поволен резултат“ или „убедлива победа“? Дали би се сметале гласовите на советничките листи, бројот на градоначалнички места, пред сè во големите општини, или и едното и другото? И, кој е тој исход што би го принудило парламентарното мнозинство, спротивно на декларираната волја, да распише вонредни избори?

by vlatko 20:10
20:10

Текстот е објавен на 31 јули 2025 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1.556-1.557.

Доколку ВЛЕН освои повеќе гласови на советничките листи и поголем број градоначалнички места, тогаш актуелната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да функционира мирно и стабилно сè до следните редовни парламентарни избори. Но, ако ДУИ постигне чиста и недвосмислена победа, која би подразбирала и победа во општините каде што директно ќе се судри со фронтмените на ВЛЕН (Чаир и Тетово), тогаш ВМРО ќе биде пред избор дали да прифати брзи вонредни избори по кои би можеле да се доведат во ситуација да коалицираат со ДУИ, и тоа само една година откако бараа доверба од граѓаните за да ја пратат оваа партија во опозиција, со цел да се декриминализира и да се реформира? Или, пак, и покрај поразот на ВЛЕН, ВМРО ќе одлучи да го продолжи векот на актуелната владејачка гарнитура, со ризик во таква атмосфера и констелација најмногу да страда токму ВЛЕН, но со надеж дека во тој период ќе дојде до одредени потреси во ДУИ и нивната коалиција? И, што доколку на изборите има нејасна слика, односно ДУИ победи на советничките листи, а ВЛЕН да освои повеќе градоначалници?

Пишувал: Влатко СТОЈАНОВСКИ

Претстојните локални избори, секоја политичка партија ги гледа и доживува на специфичен начин. Додека едни сакаат да ги потврдат промените настанати по последните двојни избори и да го продолжат владеењето, други посакуваат да се рехабилитираат и да застанат на нозе, трети се стремат кон победа со цел што побрзо враќање на власт.

Имено, владејачката ВМРО-ДПМНЕ се обидува на локалните избори да ја повтори убедливата победа од последните парламентарни и претседателски избори, што автоматски би значело и дека ќе го подобри резултатот од локалните избори пред 4 години, кога освои околу 40 градоначалници.

Од друга страна, пак, опозицискиот СДСМ не проектира очекување дека ќе ги задржи сегашните петнаесетина градоначалници, но се надева дека на овие локални избори на советничките листи ќе освои барем глас повеќе од оние на последните парламентарни избори, кога претрпе дебакл со само 150 илјади гласови.

Истовремено, „помалите“ парламентарни субјекти- ЗНАМ и Левица, ќе се обидат на претстојните избори дополнително да се факторизираатна политичката сцена, што во превод би значело да го подобрат резултатот од минатогодишните избори и, по можност, да освојат некој градоначалник.

Оттука, ако ситуацијата во македонскиот блок е прилично јасна и детерминирана, тогаш далеку понеизвесно и непредвидливо се очекува да биде во рамки на албанскиот кампус, каде што албанските партии, групирани во две големи коалиции, ќе видат битка безмалку да се биде или не.

Односно, владејачката коалиција ВЛЕН, која тврди дека функционира како една партија, има минимална цел да постигне резултат што би го оценила и толкувала како поволен, со цел да не биде доведен во прашање нивниот легитимитет, а посредно и стабилноста на цела влада.

Наспроти тоа, фронтот предводен од ДУИ поставува цел за јасна, недвосмислена и убедлива победа, која владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ нема да може да ја игнорира и би го прифатила нивното барање за брзи предвремени парламентарни избори по кои би можеле да се вратат на власт.

Но, тука се поставува прашањето што би значел „поволен резултат“ или „убедлива победа“? Дали би се сметале гласовите на советничките листи, бројот на градоначалнички места, пред сè во големите општини, или и едното и другото? И, кој е тој исход што би го принудило парламентарното мнозинство, спротивно на декларираната волја, да распише вонредни избори?

НАЦИОНАЛНИ ПАРТИИ

Досега, на политичката сцена, две партии се наметнале и профилирале како национални партии, кои успеале да создадат доминантна перцепција дека се главни борци и заштитници на националните права и интереси на двете најголеми етнички заедници во земјава – Македонците и Албанците. Тоа се ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.

Во тој контекст, треба само да се потсетиме како ДУИ двапати успеа да го „изгори“ СДСМ, кој плати голема политичка цена поради соработката со ДУИ во периодите од 2002 до 2006 и од 2017 до 2024 година. А, како што ДУИ го „јадеше“ СДСМ, сега очигледно е дека и ВМРО-ДПМНЕ го „јаде“ ВЛЕН, односно соработката со ВМРО-ДПМНЕ негативно влијае врз рејтингот на ВЛЕН.

Меѓу другото, ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт со наратив дека ДУИ се главниот играч во претходната Влада, а СДСМ се нивниот измеќар, кој го аминува нивниот криминал поради пуста желба за власт. Нешто слично се случува и по промената на власта, откога ДУИ почна да гради наратив дека ВМРО поништува стекнати национални права на Албанците, а ВЛЕН е сервилен партнер, кој не прави ништо тоа да го спречи.

Па, нема дилеми дека, како што во значителна мера помина наративот на ВМРО-ДПМНЕ против ДУИ и СДСМ меѓу етничките Македонци, така поминува и ќе помине истиот наратив на ДУИ против ВМРО и ВЛЕН меѓу етничките Албанци. Единствено, нејасно е колкава точно штета ќе му предизвика овој наратив на ВЛЕН. Тоа ќе стане кристално јасно на денот на гласањето.

Неминовно, двата национални наративи на ВМРО и ДУИ заемно коегзистираат. Поточно, тие најчесто се насочени еден наспроти друг и притоа се хранат еден со друг. На тој начин, политички профитираат двете партии што ги произведуваат и пласираат овие наративи, и тоа на штета на другите партии од, условно, големата четворка, кои всушност се или може да бидат нивни партнери.

Со други зборови, ВМРО-ДПМНЕ апсолутно профитираше од анти-ДУИ наративот, преку кој успеа да создаде гледиште дека СДСМ е подреден актер во таа влада со „интегративците“. Меѓутоа, продолжувањето на овој наратив, во комбинација со контранаративот на ДУИ, го прават ранлив ВЛЕН, бидејќи во ваква атмосфера и констелација им се стеснува простор за политичко дејствување.

Иако ВЛЕН се позиционира како десна конзервативна опција на идеолошката оска, и од таа гледна точка се компатибилни со ВМРО, сепак, во пракса ВЛЕН многу малку практикува конзервативни политики, туку главно зборува и се залага за економски напредок и работнички права, за борба против криминал и корупција и слични прашања. Со тоа, тие избегнуваат внатревладин судир со ВМРО, но стануваат лесна мета за нападите од ДУИ.

Патем, нападот кон ВЛЕН истовремено претставува напад и обид за уривање на владата во целост, барем во моменталниот формат. Како што е познато, ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт со ветување дека ДУИ ќе го испрати во опозиција и тоа го оствари. Но, доколку ВЛЕН на овие избори катастрофално загуби, тогаш драстично ќе се зголеми притисокот за вонредни избори, со цел да дојде до ротација во власта.

ДОМИНАНТНИ НАРАТИВИ

Она што, колку-толку, оди во прилог на ВЛЕН во овој сегмент, е фактот што од претходните до следните избори ќе мине околу една година, што не е предолг период за еден политички наратив да фати силен корен и широко да се дисперзира во јавноста и низ граѓанството, без оглед колку тој е втемелен и структуран на едноставна црно-бела слика. Покрај тоа, мора се земат во предвид и други аспекти.

Во меѓувреме, и ВЛЕН изгради наратив против ДУИ, кој се потпира на премисата е ДУИ е партијата која длабоко се криминализирала, а нејзини функционери се осомничени и обвинети за финансиски малверзации и се наоѓаат на „црна листа“. Се разбира, секогаш попродорни се наративите за предавства на националниот статус и кауза, но, исто така, силен печат остава и наративот дека, додека граѓаните, народски кажано, едвај врзуваат крај со крај, нивните претставници ги товарат магарињата.

Воедно, не треба да се занемарува и фактот дека ДУИ за првпат по 2 децении падна во опозиција. Тоа и дозволува голема слобода и комоција да ги напаѓа противниците дека ги газат правата на Албанците и сакаат власт по секоја цена, иако вистината е сосема поинаква, бидејќи ДУИ е партијата која прави се за да биде дел од власта. А, кога тоа ќе се случи, сите знаат дека веднаш ќе престанат приказните што ги раскажуваат во опозиција и ќе се преобразат во конструктивен партнер на ВМРО, како некогаш.

Нејсе, падот во опозиција ја оневозможува ДУИ да ги користи привилегиите и ресурсите што ги нуди власта, како што се вработувања во државниот апарат, делење на тендери на блиски лица и субјекти итн. Арно ама, останува да видиме колку ВМРО и ВЛЕН успеале за овој период да го демонтираат режимот граден од ДУИ, бидејќи, независно што партијата падна во опозиција, многу нивни инсталации во институциите останаа да делуваат во интерес на Мала Речица.

Освен неможноста да вршат притисок врз постоечките административци и да вработуваат нови, освен неможноста преку јавни пари да вршат алиментирање на партиски потреби и сл., ДУИ ќе има проблем плус од причина што ВМРО-ДПМНЕ целосно и конкретно ќе го поддржи и ќе му помогне на ВЛЕН на овие избори. Се работи за голема помош, бидејќи ВМРО е доминантна во македонскиот блок, што особено важи меѓу Македонците во мнозински албанските општини, каде тесна битка ќе водат ДУИ и ВЛЕН.

Впрочем, ВМРО веќе најави дека во доминантно албанските општини ќе немаат кандидати за градоначалници, што е јасен сигнал дека сакаат да му помогнат на ВЛЕН уште во првиот круг, особено откако коалицијата претрпе удар со одлуката на Арбен Таравари да ја напушти власта и да се пресели во опозиција. Првично, Таравари најавуваше самостоен настап, но на крај заврши во официјална коалиција со ДУИ.

Како и да е, сите овие лупинзи на Таравари го компромитираа неговиот авторитет, но сигурно е дека неговата одлука да ја напушти ВЛЕН ја оштети коалицијата, дотолку повеќе што имаше најголем индивидуален рејтинг по лидерот на ДУИ Али Ахмети. Истовремено, неспорно е и дека импактот на Таравари нема биде голем колку што беше пред изборите, кога тој јавна на природниот анти-ДУИ бран со Алијанса за Албанците, формирана токму на анти-ДУИ основа.

Со оглед на сето тоа, Ахмети во оваа битка влегува засилен со Таравари и со пронационален наратив, додека Изет Меџити и Биљал Касами влегуваат со целосна поддршка од ВМРО и со антикорупциски наратив. Како на крај ќе изгледа политичката мапа ќе стане јасно по изборите, на кои многу лесно може да се случи коалицијата на ДУИ да има повеќе гласови на советничките листи, но ВЛЕН да има повеќе (битни) градоначалнички позиции. Како тоа би го толкувала ВМРО-ДПМНЕ, од чија политичка волја зависи дали ќе има предвремени парламентарни избори?

МОЖНИ СЦЕНАРИЈА

Едно можно сценарио, кое би било најповолно за ВМРО-ДПМНЕ, е ВЛЕН да го победи ДУИ и на советничките листи и во трката за градоначалници. Во таква претпоставена ситуација, владејачката коалиција би продолжила да функционира без никаков проблем до следните редовни парламентарни избори за 3 години, а дотогаш може да се отворат многу внатрешни процеси во ДУИ, кои би значеле и посериозни кадровски резови.

Спротивно сценарио на тоа би било ДУИ да победи на изборите, со тоа што има разлика од победа до победа, според размерот и пропорциите во кои таа би била изразена. Ако ДУИ освои глас повеќе на советничките листи и најмалку еден градоначалник повеќе, тогаш тоа ќе остави простор за различни толкувања од страна на власта, која би можела да рече дека ДУИ одвај мининално победила со коалиција од 10 партии и 4 етнички заедници, поради што не успеала да ја делегитимира власта.

Во таа насока, ваквата аргументација на ВМРО и на ВЛЕН уште повеќе би важела ако ДУИ освои повеќе гласови на советничките листи, и следствено на тоа – повеќе советници, но помалку градоначалници, пред се во големите општини како Чаир, Сарај, Тетово, Гостивар, Струга, Дебар…, каде од големо значење ќе бидат гласовите на етничките заедници под контрола на ВМРО. Но, што доколку „интегративците“ освојат значително повеќе советници и градоначалници во споредба со ВЛЕН, а особено ако победат и во Тетово и Чаир, каде ќе имаат директна битка со челниците на ВЛЕН?

Во таква ситуација, ВМРО-ДПМНЕ ќе биде исправен пред тежок избор – дали да го испочитува изборниот резултат со тоа што ќе прифати и распише предвремени парламентарни избори, или, пак, да го игнорира исходот на локалните избори, велејќи дека тоа е изјаснување на граѓаните за локални теми и прашања, а актуелната Влада има легитимитет да продолжи да ја води државата врз основа на резултатите од последните парламентарни избори?

Ако ВМРО избере проверка на легитимитетот на предвремени парламентарни избори, тогаш партијата може да атакува самостојно и на 61 пратеник, но и ДУИ ќе биде во налет со реални шанси да достигне бројка од дваесетина пратеници, ако не и повеќе. Така, би се создале услови за коалициска влада меѓу два јасни победници во двата етнички блока. Но, како ВМРО ќе ја објасни соработката со ДУИ пред своите гласачи, кога не така одамна бараше доверба да ја прати партијата во опозиција, со цел таа да се декриминализира и реформира?

И покрај комплексот на кратко паметење, сепак, тешко ќе му биде на ВМРО-ДПМНЕ да објасни пакт со ДУИ толку брзо, особено откако во ДУИ не се случија драстични промени. Точно е дека држи тезата оти Ахмети може да го изведе истиот трик како со СДСМ, со тоа што ќе делегира нови министри, но тоа не го менува фактот дека пак станува збор за ДУИ. Сосема друга приказна би била ако Ахмети се повлече од лидерската позиција и дојде нов лидер.

Но, ако тоа не се случи и ДУИ продолжи да се персонализира преку Ахмети, чие потесно семејство за прв пат и директно беше инволвирано во контроверзни случаи како „Соравиа“, партијата многу тешко може да најде партнер во ВМРО, па и во СДСМ. Затоа, дури и да победи на локалните и евентуалните парламентарни избори, многу веројатно е ВМРО-ДПМНЕ, како апсолутен победник, да ги собере во Влада сите албански партии освен ДУИ. Судејќи според досегашното искуство, нема да му биде тешко веднаш да го откине и привлече Таравари.

Сепак, доколку реши воопшто да не ризикува со предвремени парламентарни избори и да продолжи да владее со ВЛЕН, макар и ВЛЕН да загуби на локалните избори, тогаш ВМРО-ДПМНЕ дополнително ќе се промовира како доследна партија и ќе создаде екстра политички капитал, со надеж дека во меѓувреме ќе дојде до потреси во ДУИ и нивната коалиција. Меѓутоа, нус-ефектот од тоа ќе биде падот на ВЛЕН, кој ќе страда доколку како изборен губитник продолжи да биде дел од владата. Па така, за евентуални вонредни избори можеби ќе се прашува и ВЛЕН, која ќе треба да процени дали за нив е подобро сами да отстапат од Илинденска доколку загубат на изборите.

Слични вести