Ангелов: Истече 30-дневната кризна состојба во Гостивар, водата повторно безбедна за пиење

by irena 18:25
18:25

По 30 дена од прогласувањето на кризна состојба, Гостивар повторно има безбедна вода за пиење. Со истекот на кризата, одговорноста за натамошното следење на квалитетот на водоснабдувањето преминува во рацете на локалната власт.

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, денеска информираше дека последните анализи покажале оти водата е чиста и безбедна за пиење. Кризната состојба во Општина Гостивар истече синоќа на полноќ.

Со завршувањето на кризата, институциите од централната власт, меѓу кои и ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, се повлекуваат од контролата на квалитетот на водата. Одговорноста сега е кај локалната самоуправа, која треба континуирано да го следи системот и да обезбеди безбедно водоснабдување за граѓаните.

 

Кризната состојба беше прогласена во јули, откако беше утврдена контаминација на водата во гостиварскиот водовод, по што граѓани пријавуваа и здравствени проблеми. Владата ја донесе одлуката со цел да се овозможи побрза координација меѓу надлежните институции и водоснабдителниот систем да се врати во безбедна функција.

По преземените мерки, последователните анализи покажале дека водата повторно ги исполнува условите за пиење. Во процесот биле вклучени акредитирани лаборатории и повеќе надлежни институции.

Со истекот на кризата, локалните институции остануваат со обврска редовно да го контролираат квалитетот на водата и да реагираат навреме доколку повторно се појави проблем.

 

Слични вести