Обвинителот Анел Фидоски е избран за нов шеф на скопско јавно обвининителство. За него денеска гласаа 7 од 11-те членови на Советот на јавните обвинители. Двајца од членовите гласаа против, а двајца беа воздржани.
Досегашниот шеф Гаврил Бубевски, и покрај пофалните зборови за својата досегашна работа, доби пет гласови, што беа недоволни за втор мандат.
Дел од членовите на Советот пред гласањето јавно соопштија кому ќе му ја дадат поддршката.
-Бидејќи доаѓам од скопското обвинителство, ги познавам сите пријавени кандидати, но мојата поддршка ја добива Гаврил Бубевски. Може личи субјективно, но зборувам објективно. Пред да дојдам во Советот, бев заменик во скопското обвинителство. Ценам дека Бубевски заслужува уште еден мандат. Кога почна со работа немаше ниту еден истражител, а сега има 13. Од неговата програма се гледа дека оваа обвинителство има над еден милион евра конфискација. Оценета е најдобра транспарентност, откако тој е шеф на обвинителството. Доколку биде избран повторно, обвинителството сигурно ќе се насочи кон финансиски истраги и конфискации, неговото знаење оди во таа насока, рече обвинителот Ермон Незири.
И членката на Советот, Светлана Стојковиќ, рече дека својата поддршка ќе ја даде за Бубевски. Таа истакна дека тој и обвинителката Андонова имаат најголемо искуство.
-Бубевски ужива, углед, почит и авторитет, од своите колеги јавни обвинители, создавајќи одлична атмосфера за работа, рече Стојковиќ.
Марјана Илиеска, пак, истакна дека ќе гласа за Анел Фидоски, и оставил добар впечаток на интервјуто, имал визија за усовршување на работата на Обвинителството.
И Ардијан Демири рече дека е наклонет кон кандидатот Фидоски, бидејќи сметал дека сега било време да се раздвижи обвинителството, а тој бил динамичен.
Членката на Советот, Кети Петкова, истакна дека кандидатите ги ценеле по лична перцепција.
-Бубевски имал најголем простор да се покаже во јавноста, бидејќи бил шеф на скопското обвинителство, а другите немале таква можност. Сметам дека Бубевски досега не покажа дека во вистинска насока го води скопското обвинителство, не работи камо што треба. Има голем број предмети кои се заостанати, а тоа е резултат на менаџирање на обвинителството, рече Петкова, која заклучи дека требало да дадат шанса на друг обвинител.