АНБ пријавила дека незаконски биле обработувани политички лидер, министер, обвинител и новинари!

Агенцијата за национална безбедност го известила Јавното обвинителство за индиции за незаконско, непрофесионално и неетичко постапување на поранешен директор и група вработени. Внатрешната истрага довела до сознанија за оформување предмети за оперативни обработки за лидер на опозициска партија и група новинари и медиуми, чија цел била уривање на власта. Цел на друга обработка, пак, биле јавен обвинител и министер во тогашната влада, а во овие случаи противправно биле користени материјално-техничките ресурси и незаконски се спроведувало следење на комуникациите. На почетокот на годинава, „Фокус“ пишуваше дека покрај политичари, биле следени и новинари...

by vlatko 20:31
20:31

Агенцијата за национална безбедност, на чело со директорот Бојан Христовски, доставила 3 известувања до Јавното обвинителство за поранешен директор и група вработени, бидејќи се сомничат оти во периодот од 2019 до 2024 година следеле тогашен опозициски лидер, поранешен министер, јавен обвинител, како и неколку медиуми и новинари.

Како што велат од АНБ, спроведената внатрешна истрага по смената на власта и раководството на Агенцијата утврдила дека биле оформени предмети за оперативни обработки на група новинари и медиуми чија цел била уривање на власта, а предмет на обработка биле и контактите на медиумите од редовите на тогашната опозиција. Цел на друга обработка, пак, биле јавен обвинител и министер во тогашната влада.

Воедно, според информации од АНБ, биле затекнати и намерни одолговлекување на безбедносни проверки, како што на пример било случај со еден пратеник на тогашната опозиција при постапка за добивање безбедносен сертификат. Патем, незаконски биле користени материјално-техничките ресурси на Агенцијата, па дури незаконски се спроведувало и следење на комуникациите.

Инаку, во посочениот период на власт беа СДСМ и ДУИ, во опозиција беше ВМРО-ДПМНЕ, а Агенцијата имаше двајца директори – Виктор Димовски и Заре Милошевски. Поточно, Димовски стана директор АНБ во 2019 година, кога всушност се формираше Агенцијата во рамки на реформата во безбедносниот сектор. Тој остана на оваа функција се до 2022 година, кога на негово место беше назначен Милошевски.

За потсетување, „Фокус“ уште на почетокот на годинава објави текст со наслов „Освен политичари биле следени и новинари – на повидок ли е нова афера со злоупотреба на службите?!“. Во тој период, премиерот Христијан Мицкоски прво на брифинг со новинари рече дека бил обработуван од службите за безбедност додека тој и неговата ВМРО-ДПМНЕ биле во опозиција.

–Во белешките има основ дека јас сум ја загрозувал и безбедноста на директорот – рече Мицкоски одговарајќи на прашање на „Фокус“, при што додаде дека една од овие агенции требало да ја заврши истрагата и да брифира на затворена владина седница, додека истовремено побара декласификација и на белешките на другата агенција, со цел, како што рече, содржината да биде обелоденета.

Во меѓувреме, тој и на собраниска седница посветена на пратенички прашања откри дека тој, заедно со неговата сопруга и малолетниот син, бил следен додека бил лидер на опозицијата во изборната 2020 година, откако бил означен како инспиратор и организатор на параполициска воена формација составена од радикални националисти.

–Параполициско воена вооружена формација, составена од, внимавајте – македонски, радикални, екстремни и националистички настроени државјани, кои имаат за цел во предизборието да вршат заплашување и закани… Некаде во втората половина на годината, четвртиот квартал истиот извор „Цилиндар“ вели дека јас сум виден со 2 женски особи на Водно, како пешачам и, замислете, тие ми презентирале информации кои биле од мој политички интерес …

Исто така, пред локалните избори во 2021 година изворот е „Џокер“, кој вели дека во манастирот Свети Јован Бигорски сум имал средби со припадници на ова патриотско друштво за да ја нарушиме безбедноста на Македонија. Ова нема никаква врска со реалноста. Дали ова се европските вредности на кои се повикуваше претходната власт – рече Мицкоски, откривајќи дел од содржината на белешките.

Еден ден подоцна, одговарајќи на новинарско прашање, премиерот изјави дека овие списи, извештаи или дебрифинзи дека тој инспирирал, финансирал и организирал терористички структури се креирани на почетокот на 2020 година, но, како што истакна, една од безбедносните агенции притоа не го информирала МВР.

–Овие списи, извештаи или како да ги наречам дебрифинзи, се креирани на почетокот на 2020 година, кога е изборна година. Замислете, една од безбедносните агенции, од оправдани причини нема да кажам која е, располага со вакви информации во кои што јас инспирирам, финансирам и организирам вакви терористички структури вооружени, а притоа не го информирала МВР. И се поставува прашањето зошто не го информирала?

Одговорот е јасен, затоа што тоа беше техничкиот период и тогаш технички министер беше Наќе Чулев, зборувам во 2020 година. Ова било само начин преку монтажа да се обезбеди физичко покривање на лидерот на најголемата политичка партија во тој момент-ВМРО-ДПМНЕ. Останатото, еве, оставам до обвинителството, да видиме дали овој глас ќе допре до нив и дали тие ќе преземат некакви мерки – рече Мицкоски.

Во однос на истата тема, премиерот говореше и на гостување во „360 Степени“, каде беше прашан како стигнал до документи од Агенцијата за разузнавање, која не е под надлежност на Владата, туку на Претседателот на државата? Тогаш, Мицкоски рече дека во ниту еден момент не споменал дека станува збор за АР, туку посочи дека рекол оти „дека една од државните агенции коишто се занимаваат со оваа проблематика, ова го документира“.

–Вие ме прашавте за Агенцијата за разузнавање и јас ви кажав, дека АР, односно лицата од АР ги поканивме на затворена владина средница и тие ги задолживме, а имаме право на тоа, врз основа на индициите со коишто располагаме, да направат внатрешна истрага. А од која агенција се овие информации коишто јас ги споделив со јавноста, тоа оставам Обвинителството коешто самото рече дека постапува по допрен глас, да ме повика, да дадам исказ и така натаму, па да направи истрага – рече тој.

Потоа, Мицкоски додаде дека врз основа на тоа што успеал да го види и да го слушне од луѓето со коишто комуницирал, а тие се вработени во агенциите коишто се занимаваат со безбедност, тогаш може да заклучи дека станува збор за внатрешна процедура, во којашто се користат ресурси на овие агенции, коишто најчесто постапуваат по принципот на добиена информација, без да има материјални докази.

–Не може без тоа да биде документирано да бидам јас покриван физички. Мора да има трага. Инаку, како јас би бил покриван? Како, на кој начин јас би бил покриван? Што е разликата меѓу злоупотреба на државните ресурси и прислушкување и физичко покривање исто така со злоупотреба на државните ресурси? Претседател на најголема политичка партија во опозиција, во тој момент. Што е разликата? Нема разлика. За ова луѓе се во затвор – истакна тој.

По овие настапи на Мицкоски, „Фокус“, врз основа на сознанија од добро упатени безбедносни извори, објави дека актуелниот премиер како опозиционер бил објект на обработка од страна на АНБ, додека освен него и други политичари во истиот период биле следени и новинари. Меѓутоа, нашите извори велеа дека не треба да се откриваат повеќе информации околу бројот и идентитетот на следените, бидејќи целиот процес е во сензитивна фаза.

Во меѓувреме, дознавме дека и еден министер и вицепремиер во поранешната влада, кој си даде оставка по несогласувања со новото раководство на тогаш водечката владејачка партија СДСМ, добил дојава дека бил предмет на обработка, што добива одредена потврда по денешниот брифинг дека меѓу следените имало и ексминистер. Како и да е, сите одговори треба да ги даде истрагата од страна на ЈО, кое одамна информираше дека е оформен предмет по допрен глас.

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Слични вести