По предлог на Министерството за енергетика, владата го донесе годишниот план за изградба на енергетски објекти за 2026 година. Од вкупно 284 иницијативи, прифатени се 67 иницијативи со инсталирана моќност поголема од 1 мегават. Доколку сите инвестиции се реализираат, ќе имаат вкупно инсталирана моќност од 4.416 мегавати, а вкупната проценета инвестиција ќе биде 3,74 милијарди евра.
Од овие 67 иницијативи, 59 се за изградба на фотоволтаици, со проценета вредност од 2,11 милијарди евра, 7 иницијативи за ветерни паркови, чија вредност е проценета на 1,2 милијарди евра, а вкупната моќност ќе биде 907,7 мегавати. Ќе се гради и една Когенеративна гасна централа со моќност од 495 мегавати, вредна 445.500.000 евра.
Интересот е толку голем кај бизнисот, посебно оној што е поврзан со политичките елити. Но, голем интерес има и кај политичките функционери за инвестирање во обновливи извори.
До пред некоја година, партиите го користеа секој момент за политичка борба и дневни обвинувања кој повеќе изградил и кој повеќе ги искористил врските со власта, партијата или во самите институции, но сега мудро молчат затоа што нивните функционери се најголеми инвеститори во енергетскиот бизнис.
„Фокус“ во сторија за неделникот објавен на 26 февруари го анализираше годишниот план за изградба на енергетски објекти за производство на електрична и топлинска енергија и складирање електрична енергија за 2026 година, односно провери кој сè ќе инвестира во енергетски објекти во земјава со капацитет над 1 мегават. Во овој дел ги објавуваме фирмите блиски на политичките елити.
ФИРМИ БЛИСКИ НА ПОЛИТИЧКИТЕ ЕЛИТИ
Друштвото за производство на електрична енергија ФОНКО ХИДРО ДОО Скопје ќе ја гради фотоволтаичната централа во скопскиот регион од 157,5 мегавати. Сопственици на компанијата, основана во 2010 година, се Љупче Трајкоски и Стефан Трајкоски. Последниот од нив, Стефан е коосновач на Фонко заедно со премиерот Христијан Мицкоски.
Основна дејност на компанијата била проектирање, инженеринг и изведба на енергетски објекти. Премиерот, пак, компанијата целосно ја напушта и уделот го продава првата година откако станал претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
Фотонапонска централа од 9,5 мегавати ќе гради и СОЛИС ЕНЕРЏИ ДОО Скопје регистрирана на адресата „Златко Шнајдер“ во Центар, Скопје. Ова е компанија на Бранко Георгиевски, кој е брат на Ивица Георгиевски Фреди, поранешен функционер на ВМРО-ДПМНЕ и ексдиректор на Агенцијата за млади и спорт, близок човек со вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски.
Газдата на градежната компанија БИ-СИ, Ивица Георгиевски Фреди, со својата МБ-ИГ СОЛАР ДООЕЛ Скопје планира да инвестира во две фотонапонски централи од по 7,8 мегавати.
Брат му Бранко Георгиевски е директор и на ВИЕНТО ЕНЕРГЕТИКО ДООЕЛ Скопје, која ќе гради ветерен парк од 57,6 мегавати инсталирана моќност. Оваа компанија без приходи и без вработени е основана од 17 февруари 2025 година. Ова е првата македонска фирма што се амбицира да изгради ветерен парк.
На листата на компании е и Дифрент енерџи ДОО Скопје, компанија која ќе гради фотоволтаична централа со инсталирана моќност од 9,8 мегавати. Фирмата е основана во 2021 година и по загубата од 1 милион денари во 2023 година остварила добивка од 25.000 евра во 2024 година. Поранешниот градоначалник на Кисела Вода од редовите на СДСМ, Филип Темелковски е содружник во компанијата каде што поседува 49,92 отсто од содружничкиот удел. Фирмата се занимава со проектирање, монтажа на фотопанели и производство на електрична енергија, со што Темелковски го проширува својот бизнис во секторот на обновливи извори.
Фотонапонска централа од 70 мегавати ќе гради фирмата ДПТУ ХЕК СОЛАР МК ДОО ПЕХЧЕВО.
Во кочанскиот регион ќе се гради фотоволтаична централа од 420 мегавати. Инвеститор е БАЛКАН СОЛАР ГРОУП ДОО Кочани, фирма која нема приходи и вработени, а работи од почетокот на 2023 година. Не може да се најдат податоци кој е управител на друштвото.
СКАЈ СОЛАР ДОО Скопје планира да изгради две фотоволтаични централи од 110 и 78 мегавати. Оваа фирма работи од 2022 година и актуелен директор е Алон Баргиора.
Оваа е една од централите кои фудбалскиот тренер од Македонија, Александар Влахо и поранешниот фудбалер Бесим Речи му ги продадоа на израелскиот гигант БИГ Енергиа Холдингс, кој купува недвижнини на Балканот и поседува трговски молови во регионот.
БИГ Енергиа Холдингс ги купи централите на Влахо и Речи познати како Бака Енерџи, Чашица Солар и Скај Солар. Сите три се во околината на Пробиштип.
Но, фудбалскиот тренер Александар Влахо повторно ќе инвестира во бизнисот со енергија од обновливи извори. Тој е директор на компанијата ДАМ ЕНЕРЏИ ДООЕЛ Скопје, која ќе изгради фотонапонска централа од 108 мегавати.
Израелци ќе градат фотонапонска централа од 129 мегавати се гради и во југоисточниот регион: ФЕЦ СУШЕВО 1, која е во сопственост на СУШЕВО 1 ДООЕЛ Скопје. Фирмата лани на 7 август добила Овластување за изградба на енергетски објект од страна на владата. Ова е заедничка инвестиција (SPV) меѓу TLF Prospect и EL-MOR и е усогласен со „зеленото сценарио“ на владата.
Фирмата ГЕРМАН ЕНЕРГО СОЛУШН ДОО од Пехчево ќе гради 2,1 мегават во тој регион. Основана е во 2023 година и актуелен директор е Дарко Ќурчиски. Тој е косопственик со Панче Тодоровски.
Дарко Ќурчиски беше еден од обвинетите во случајот „Делчевски ниви“ заедно со Орце Тодоровски, кој е поранешен партнер во бизнисот со хидроцентрали со премиерот Христијан Мицкоски. Случајот „Делчевски ниви“, кој скандалозно пропадна со промена на исказ на сведок, претставува црна дамка на македонското правосудство, каде што беа ослободени од прогон бизнис-партнери и соработници на Мицкоски.
Партијата Левица лани излезе со обвинување дека Ќурчиски, кој е сопственик на фирмата Ал Дарив, добил тендер од 600.000 евра за прозорци во МРТВ, а адвокат на фирмата кога поднела тужба пред Управниот суд во 2020 година, бил сегашниот министер за внатрешни работи, Панче Тошковски.
Најголемата фотоволтаична централа од 550 мегавати ќе се гради во близина на Штип. Фирмата што го пријавила проектот е ХРОНОС СУМ ДООЕЛ од Скопје, каде што актуелен директор на компанијата е Десанка Давидовиќ. Ова е ќерка-фирма на компанијата Нексан ДОО од Никшиќ, која, пак, е во сопственост на контроверзниот бизнисмен Миодраг Давидовиќ-Дака.
Катастарските податоци на Агенцијата за катастар покажуваат дека Алба Енерги Груп, заедно со контроверзниот црногорски бизнисмен Миодраг Давидовиќ-Дака, поседуваат по половина од двете села. Во напуштените штипски села Јамуларци и Скандалци, фирмата на Давидовиќ поседува над 9 милиони квадратни метри земјиште, односно над 900 хектари.
МЕЈ ЕНЕРЏИ ДОО СКОПЈЕ ќе изгради три фотоцентрали од 5,95 мегавати, 3,85 мегавати и 9,1 мегавати. Сопственик на оваа компанија е турската БСЕМ Инвестмент на бизнисменот Ахмет Каган Јилдирим, кој во август 2024 година од контроверзниот бизнисмен Шефшет Демировски ја презеде големата фотоцентрала во Новаци.
Фотонапонска централа од 120 мегавати ќе гради и БАЛКАН РЕНЕВАБКЕ ИНВЕСТМЕНТС, која ѝ е добро позната на македонската јавност и работи во Македонија од 2021 година.
Кон крајот на декември 2022 година, тогашната влада, предводена од СДСМ и ДУИ, прогласи неколку стратешки инвеститори, меѓу кои и фотоволтаичната централа Балдовенци, на Друштвото за производство, трговија и услуги Балкан Реневабле Инвестментс ДОО Скопје. Против овие стратешки инвеститори жестоко реагираше тогашната опозиција ВМРО-ДПМНЕ, но сега од позиција од власт се чини не ѝ пречи што оваа компанија ќе биде инвеститор во енергетиката.
ВИАН ЕНЕРЏИ ДООЕЛ во Пелагонија ќе гради фотоволтаична централа од 19,75 мегавати, а сопственик на оваа компанија е Јордан Димитровски, сопственик и генерален директор на „Аитоникс“, воедно и прв човек на Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии МАСИТ. Се работи за една од најголемите компании за ИТ дистрибуција и изработка на софтвер, која оперира на македонскиот пазар и на пазарите во соседните балкански држави (Албанија, Косово, Бугарија), а годишно во просек има обрт од околу 10 милиони евра.
Аитоникс АД Скопје, за 15 милиони евра, во 2020 година, во конзорциум со операторот Крејон Македонија доби јавна набавка за софтверски лиценци за владата, вклучувајќи и други државни органи, јавната администрација и едукативните институции по склучениот тригодишен договор со Генералниот секретаријат.
Фотоволтаична централа ќе прави и синот на поранешниот пратеник и функционер Хари Локвенец, Илија Локвенец. Фирмата што ќе ја гради централата од 2,99 мегавати е ПП ГРЕЕН ЕНЕРГИЈА ДОО ПРИЛЕП.
Меѓу компаниите што ќе инвестираат во фотоволтаични централи се и Градежен институт (50 мегавати), ГРАНД СОЛАР ДОЛНЕНИ (310 мегавати), Електрани на Македонија (100 мегавати, 47 мегавати и 60 мегавати. (продолжува…)
ДЕМАНТ
До редакцијата на „Фокус“ стигна демант со барање за јавно извинување од страна на Адвокатското друштво БОНА ФИДЕ Скопје во име на нивниот клиент Орце Тодоровски кој е спомнат во новинарскатата анализа. Демантот го објавуваме во целост на крајот од новинарскиот текст.
Редакцијата „Фокус“ се извинува на Орце Тодоровски за објавените неточни информации во анализата од 03.04.2026 година. Објавените наводи се резултат на ненамерна грешка во новинарската анализа.
„Предмет: Барање за јавно извинување и демант
Почитувани,
Ви се обраќаме во име на нашиот клиент, Орце Тодоровски, а во врска со вашата анализа дадена преку средства за јавно информирање, односно објавена на вашиот веб портал на 03.04.2026 година во 10:30 часот, под наслов: „Анализа на ‘Фокус’: Бизнис партнери на Мицкоски и функционери на ССМ влегуваат во бизнисот со производство на струја“.
Имено, во анализата го истакнувате следното:
„Дарко Ќурчиски беше еден од обвинетите во случајот „Делчевски ниви“ заедно со Орце Тодоровски, кој е поранешен партнер во бизнисот со хидроцентрали со премиерот Христијан Мицкоски. Случајот „Делчевски ниви“, кој скандалозно пропадна со промена на исказ на сведок, претставува црна дамка на македонското правосудство, каде што беа ослободени од прогон бизнис партнери и соработници на Мицкоски.“
Притоа, изнесувате невистини и навредливи и погрешно ја наведувате пошироката маса на луѓе да заклучи дека постоел случај против Орце Тодоровски кој пропаднал со промена на исказ на сведок, односно дека Орце Тодоровски е криминалец.
Вистината е дека против Орце Тодоровски никогаш не е поднесен обвинителен предлог или обвинителен акт, ниту пак е водена судска постапка за ваков случај. Дополнително, вашата анализа само манипулативно наведува дека „случајот… скандалозно пропаднал со промена на исказ на сведок“. Дали тоа е навистина така односно причините за непокренување на судска постапка компетентно е да ги утврдува единствено Основното јавно обвинителство, кое не утврдило одговорност кај Орце Тодоровски.
Следствено, вашата објава содржи невистинити и навредливи факти изнесени пред пошироката јавност, со кои на нашиот клиент директно му се нанесува штета по честа и угледот.
Имајќи го предвид сето наведено, БАРАМЕ, согласно член 12 и 13 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, јавно да се извините и да ги демантирате изнесените невистини и навредливи факти, на истото место и во ист обем, најдоцна во рок од 48 часа од денот на доставувањето на ова писмено.
Понатаму, доколку се одлучите да постапите по однос на нашето барање, бараме да ни доставите писмено известување на нашата адреса: ул. Ј.Х. Џинот бр. 3, Скопје или на нашата официјална e-mail адреса: [email protected]
Во спротивно, ќе бидеме приморани да иницираме судска постапка за утврдување на одговорност за клевета и навреда, како и да бараме надомест
на штета, со што ќе бидете изложени на дополнителни судски и адвокатски трошоци поврзани со самата постапка.
Со почит,
Адвокатско друштво БОНА ФИДЕ Скопје“.