Пожарите ка селото Јажинце, Општина Јегуновце, и во повеќенаменското подрачје „Јасен“ се уште се активни, информираат од Центарот за управување со кризи.
За пожарот кај Јажинце утринава информираше и директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, кој вели дека во овој момент изгаснатата лева линија покажува жешки точки и знаци на разгорување.
Поради тоа, вели Ангелов, активиран е полицискиот хеликоптер кој со прецизно фрлање на вода дејствува точка по точка.
-Еден крак од пожарот се движи во насока на селото Дворце кон скопската страна – рече тој.
Ангелов додава дека на лице место се наоѓаат пожарникари со навални возила од територијалните противпожарни единици од Тетово, Гостивар, Велес и Кавадарци, како и локално население.
Вчера попладне пожарот кај Јажинце беше ставен под контрола, но вечерта повторно се разгоре.