Два дена трпела физичко насилство од сопругот, гостиварка во критична состојба пренесена на КАРИЛ

by irena 09:22
09:22

Четириесет и двегодишна жена од Гостивар се бори за живот на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ) во Скопје, откако два дена била изложена на физичко насилство од нејзиниот сопруг. Случајот во полиција го пријавил таткото на повредената жена, по што осомничениот сопруг е лишен од слобода.

Екипа на Итната медицинска помош интервенирала по пријавата од таткото на 42-годишната гостиварка и ја затекнала жената во бесознание. Таа најпрво била пренесена во гостиварската болница, каде што ѝ била укажана првична медицинска помош.

Поради сериозноста на повредите, жената веднаш била транспортирана кон скопските клиники. Во Ургентниот хируршки центар при Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје била примена вчера во 18:08 часот, од каде што е префрлена на интензивно лекување на КАРИЛ.

Според информациите од болнички извори, пациентката има тешки телесни повреди на главата и градниот кош, вклучувајќи скршени ребра, парцијален пнеумоторакс, отоци и крварење во главата. Нејзината здравствена состојба е критична и животозагрозувачка, а во текот на денешниот ден се предвидени дополнителни контролни прегледи.

На лекарите и на полициските службеници жената им кажала дека сопругот физички ја напаѓал два дена. Од Секторот за внатрешни работи (СВР) Тетово го потврдија настанот и информираа дека сопругот е лишен од слобода и задржан во полициска станица.

Слични вести