Анкетните листови на македонските функционери откриваат вложувања во домашни банки и компании, но и во светски технолошки гиганти, како „Нвидиа“, „Мајкрософт“ и „Амазон“. Дел од пратениците и министрите поседуваат и удели во инвестициски фондови и државни обврзници, додека во некои случаи инвестиции имаат и членовите на нивните семејства. Кои се најинтересните инвестициски портфолија и колку транспарентно функционерите го пријавуваат својот имот?
Текстот е објавен на 15 октомври 2026 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1.619
Пишувал: Орце КОСТОВ
Додека граѓаните ги следат и чекаат на економските одлуки на своите влади, дел од политичките елити на власт истовремено инвестираат во компании чија вредност може да зависи токму од тие одлуки.
Во Соединетите Американски Држави, тргувањето со акции од страна на избраните и именуваните владини функционери, иако е законско, со години отвора прашања за потенцијален судир на интереси, за транспарентноста во работењето и евентуалната можност политичката моќ да им донесе финансиска предност.
Во САД, повеќе од 40 отсто од членовите на Конгресот или повеќе од 220 конгресмени, но и сенатори, поседуваат индивидуални акции со вкупна вредност од стотици милиони долари.
Политичарите најчесто инвестираат во технолошките гиганти. На врвот на нивните портфолија се наоѓаат „Епл“, „Мајкрософт“, „Нвидиа“, „Амазон“ и „Гугл“.
Политичари од Демократската партија и од Републиканската партија, како Ненси Пелоси, Ричард Блументал и други, редовно пријавуваат милионски трансакции на берзата.
Граѓанските здруженија во САД, кои се занимаваат со оваа проблематика, покажуваат дека и претседателот Доналд Трамп поседува и тргува со финансиски средства во вредност од повеќе милијарди долари преку своите финансиски извештаи.
Поради критиките дека политичарите имаат пристап до доверливи информации и можат да влијаат врз законите што ги засегаат тие компании, во САД постојано се прават обиди за забрана.
Во јули 2026 година, Претставничкиот дом го изгласа предлог-законот „Stop Insider Trading Act“ (SITA), со цел да им се забрани на пратениците и нивните семејства да купуваат нови индивидуални акции, но законот сè уште наидува на пречки во Сенатот и не предвидува целосна продажба на веќе купените акции.
Во меѓувреме, додека траеше процедурата на носење на предлог-законот, се појавија информации дека американскиот претседател Трамп тргувал со акции на технолошкиот гигант „Нвидиа“ во август 2026 година.
Тоа го поставува прашањето: каде завршува правото на политичарите да управуваат со сопствените пари, а каде почнува ризикот од злоупотреба на јавната функција? И, дали постојните механизми за пријавување на инвестициите се доволни за да се спречи судирот меѓу приватниот интерес и јавната одговорност?
ПОМАЛКУ АКЦИИ, ПОВЕЌЕ ИМОТ
И во Македонија, политичарите и нивните семејства инвестираат на берзите. И тоа не е никаква тајна, затоа што тоа не е незаконско дејствие.
Но, секој од нив, кога ќе стапи на функција, било да е избран од граѓаните, било да е именуван или изгласан од владата или собранието, мора да ги пријави и своите акции и удели во компании во анкетниот лист, кој е јавно достапен документ на Државната комисија за спречување на корупцијата.
Според официјалните анкетни листови што ги провери „Фокус“, дел од македонските пратеници и членови на владата, како и именувани директори поседуваат хартии од вредност, како во големите глобални фирми како „Нвидиа“, „Амазон“ и „Мајкрософт“, така и во домашни компании, пред сè во големите македонски банки и во некои моќни компании како „Гранит“ и „Макстил“.
Најголемиот дел од политичките функционери, своите средства ги вложуваат во недвижности и банкарски депозити, но има и значителна бројка на политичари што имаат вложувања на пазарите на капитал.
ПОРТФОЛИО НА АНТОНИЈО МИЛОШОСКИ
Анализата на анкетните листови, односно на пријавениот имот на членовите на владата и на пратениците во Собранието, во регистарот на ДКСК покажа дека инвестирањето во акциии во фондови може да стане вообичаена практика меѓу носителите на јавни функции.
Голем дел од оние што имаат акции, поседуваат хартии од вредност во домашни компании, а во одделни случаи има и вложувања во најголемите светски технолошки корпорации. Најбогато инвестициско портфолио има семејството на пратеникот Антонијо Милошоски.
Тој поседува 230 акции во Комерцијална банка, кои ги стекнал во 2024 година по основ на подарок. Во 2023 година, една акција на оваа банка имала просечна цена од околу 14 илјади денари, но во 2024 година, акциите доживеале огромен скок и банката ја завршила годината со просечна цена на акција од 28 илјади денари, за што беше исплатена просечна бруто-дивиденда по акција од 20 евра.
За разлика од Милошоски, неговата сопруга, во последните години значително го проширила инвестициското портфолио. Таа има над 120 акции во домашни банки, како Комерцијална банка и НЛБ банка, стекнати во 2022 и во 2024 година со трговска трансакција.
Во 2025 година, таа купува 1.430 акции во „Македонски телеком Скопје“, кои во тоа време имаа просечна цена од 460 денари. Дивидендата што Телеком ја исплати за 2025 година беше нецели 29 денари бруто по акција.
Но, таа инвестирала и во акции на глобални компании, како „Енвидија“, „Мајкрософт“ и „Амазон“, кои се вбројуваат меѓу највлијателните технолошки компании во светот.
Во 2024 година вложила во 98 акции на „Енвидија“, кои тогаш имале просечна вредност од 134 долари, додека вредноста во моментов изнесува во просек 324,20 долари. Финансиските аналичари очекуваат понатамошен раст од над 43 отсто во однос на сегашното пазарно ниво.
Во „Мајкрософт“, пак, купила 68 акции во 2024 година, кои тогаш достигнале просечна цена од 420 долари. Во моментов, акцијата на „Мајкрософт“ се тргува на ниво од околу 542 долари.
Во март годинава, сопругата на Милошоски купила 51 акција во „Амазон“. Во март годинава, акциите на оваа компанија се движеле во опсег меѓу 200 и 220 долари.
Покрај поединечните акции, дел од инвестициите на семејството на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ се насочени и кон и фонд специјализиран за американскиот енергетски сектор.
АКЦИИ ВО „ЕРБАС“ И НАФТЕНИ КОМПАНИИ
Податоците од ДКСК покажуваат постепено појавување на поразновидни инвестициски стратегии. Особено се издвојуваат вложувањата во глобални технолошки компании и индексни фондови, но и во големи компании што се занимаваат со производство.
Таков е случајот со пратеникот Влатко Ѓорчев, кој во својот анкетен лист пријавил дека поседува 74 акции од авиопроизводителот „Ербас“, тргувани во Германија на берзата во Франкфурт.
Во 2020 година, кога е направена трансакцијата, „Ербас“ претрпе голем пад на берзата поради мерките со пандемијата на Ковид-19. Акцијата на оваа компанија беше околу 133 евра на почетокот на 2020 година, падна на 52,3 евра, па се стабилизираше или успеа да заздрави на 31 декември истата година, со вредност од речиси 90 евра.
Ѓорчев вложил во 480 акции во „SPDR S&P 500 ETF Trust“, кој е најголемиот и најстар инвестициски фонд, со кој се тргува на берза (ETF) во светот. Купувајќи ги овие акции, Ѓорчев купил и мал дел од најмоќните американски корпорации затоа што во портфолиото на фондот доминираат гиганти, како „Енвидија“, „Епл“ и „Мајкрософт“.
Ѓорчев, на свое име има мал број акции уште во три фондови во САД, како и 50 акции во „Occidental Petroleum Corporation“. Ова е голема американска нафтена компанија со седиште во Хјустон, Тексас, која добива инвестициска поддршка од милијардерот Ворен Бафет.
Пратеникот од редовите на СДСМ, кој беше премиер во претходниот владин состав, Димитар Ковачевски, е еден од народните избраници што имаат акции во странство, но на име на брачниот другар. Неговата сопруга поседува 51 акција во „Дојче телеком АГ“ стекнати во октомври 2025 година. Во тој период, една акција се тргувала во опсег меѓу 27 и 30 евра.
Ковачевски, пак, во анкетниот лист пријавил сопствени 466 акции во „Македонски телеком АД“ стекнати во 2006 година. Тогаш една акција вредеше од 250 до 300 денари, додека во моментов акциите на Телеком се тргуваат по цена од околу 500 денари за акција.
И пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки пријавил дека има по една акција во Словенија на име на сопругата и на децата стекнати во трговска трансакција во 2025, односно во 2026 година.
На домашен терен, неговите сопруга и деца имат удели во инвестициските фондови на „КБ Публикум инвест АД Скопје“. Неговиот личен влог е 3.000 удели, стекнати во 2024 година, кои сега имаат просечна цена од 220 до 400 денари.
БАНКАРСКИОТ СЕКТОР Е ТАРГЕТ НА ПРАТЕНИЦИТЕ
Најголем интерес меѓу политичарите и нивните семејства има за банкарскиот сектор. Акции во Комерцијална банка, НЛБ банка и Стопанска банка се појавуваат во повеќе имотни листови. Покрај банките, чести се вложувањата во компании, како „Гранит“, „Алкалоид“ „Макстил“, „Макпетрол“ и „Македонски телеком“.
Пратеникот Зоран Коцевски од ВМРО-ДПМНЕ поседува 320 акции во „Алкалоид“, кои ги стекнал во 2023 година преку наследство. Акциите на оваа компанија, во моментов, вредат 22.600 денари по акција.
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, во својот анкетен лист има пријавено акции во неколку домашни компании, меѓу кои „Макпетрол“, „Макстил“, Стопанска банка и „Гранит“, сите стекнати во 2008 година.
Во „Гранит“, Филипче има 40 акции, кои имаат вредност од 1.470 денари, 55 акции во Стопанска банка, кои вредат околу 1.900 денари по акција и 215 акции во „Макстил“. Една акција во оваа фирма вреди 112 денари.
Акции во „Гранит“ поседува и пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Љупчо Пренџов.
Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Каролина Наскоска од Велес на свое име, на име на сопругот и на децата пријавила дека поседуваат акции во Комерцијална банка. Нејзините деца имаат 810 акции во Македонски телеком АД стекнати оваа година.
Претседателката на ЛДП, Моника Зајкова, пак, пријавила 55 акции во сопственост на нејзините родители во „ЖАС Скопје“ стекнати во 1996 по основа на наследство.
МИНИСТРИТЕ КУПУВААТ И ОБВРЗНИЦИ ОД ДРЖАВАТА
Некои функционери се определиле за инвестициски фондови наместо за директно купување акции. Така, членови на семејствата на неколку пратеници и министри поседуваат удели во домашни инвестициски фондови, што претставува поедноставен начин за учество на финансиските пазари.
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска пријавила личен удел во „WVP Found Management“ стекнат во 2017 година. Номиналната вредност на секој од 2.085 удели во фондот е 379 денари.
Покрај акциите и фондовите, кај дел од функционерите се појавуваат и државни обврзници. Министерот за јавна администрација, Горан Минчев пријавил сопственост на граѓански обврзници купени во рамки на државната емисија од 2023 година.
Тој купил 85 обврзници од Министерството за финансии по номинална вредност од 10.000 денари. За овие обврзници, министерот Минчев заработил профит од 85.000 денари за две години.
Кај градоначалниците немало голем интерес за вложување во хартии од вредност. Првиот човек на Општина Карпош, Сотир Лукровски има 65 акции во „Алкалоид“ стекнати во 2023 година, кога вределе во просек по 300 евра за акција.
Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска има свои акции во „Макстил“ и во Стопанска банка стекнати во далечната 2005 година, а пријавила и акции од нејзините родители, кои ги стекнале преку наследство.
Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски пријавил 20 акции во компанија од Бугарија, „МБС ГЛОБАЛ ООД Македонија“ стекнати во 2015 година, чија номинална вредност е 200 евра за секоја. Тоа е, всушност, неговиот удел во компанијата.
Димитриевски пријавил и акции во компанијата „МБ ИНЦ ДОО“ Куманово, а на име на сопругата пријаил акции во фирмата „АЈФИКС ДОО увоз-извоз“. Неговата фирма е основана во 2001 година.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, во 2020 година вложил пари во 178 акции на „Инво брокер“ друштвото, кои имаат номинална вредност од околу 300 денари за акција.
Директорот на ЈПДП, Коце Трајановски, во својот анкетен лист пријавил акции што ги поседува неговата сопруга. Сто и дваесет акции од „Европа“ по цена од 51 евро, таа ги добила како наследство оваа година.
А, новиот директор на Фондот за здравствено осигурување, Златко Перински пријавил 7 акции на свое име во „Топлификација“ стекнати во 2007 година.
Ова акционерско друштво отиде во стечај, па со оглед на тоа дека Перински поседува мал број обични акции, ќе добие исплата за своите акции ако преостанат пари по исплаќањето на долговите кон банките и државата од стечајната маса.
Перински има 167 акции и во „Гранит“, купени во 2007 година, а неговите родители се акционери со 201 акција во „Цементарница Усје“ од 1998 година.
ФУНКЦИОНЕРИ ВООРУЖЕНИ ДО ЗАБИ
Пребарувањето во анкетните листови низ Регистарот на ДКСК исфрли на површина многу итнересна пазарна и социјална појава на домашната политичка сцена.
Значителен број пратеници, владини функционери, градоначалници и директори имаат пријавно дека поседуваат парчиња огнено оружје.
Најголемиот дел од пријавеното оружје кај политичарите е, всушност, оружје за лов или колекционерско оружје, кое го добивале на подарок или со наследство.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Коцевски поседува оружје на лично име од 25.000 денари, кое му е наследство.
Неговиот колега Павле Арсоски од ЗНАМ, кој е пензиониран генерал-мајор, пријавил дека поседува пет парчиња оружје стекнати преку договор за купување.
Пратеникот Муса Џафери од ДУИ пријавил лично оружје вредно 52 илјади денари, додека неговиот колега од Алијанса за Албанците, Ријад Шаќири пријавил три парчиња лично оружје вредни вкупно 2.500 евра за кои поседува дозвола од МВР.
Пратеникот Никола Коњановски од Социјалистичката партија пријавил оружје во сопственост на родителите вредно 25.000 денари. Неговиот колега Илир Хасани од ДУИ пријавил парче оружје вредно 55.350 денари.
Поранешниот министер за култура, Зоран Љутков, кој сега е национален координатор за култура, има две парчиња оружје вредни по 600 евра.
Павле Трајанов, координатор за спречување екстремизам и борба против тероризам, пријавил седум парчиња оружје во својот имотен лист, вредни од 6.000 денари, па сè до 30.000 денари или вкупно околу 120.000 денари. Четири од нив ги купил, а три ги добил како награда од МВР.
Директорот на Управата за извршување санкции, Александар Пандов, исто така, пријавил дека поседува оружје, и тоа четири парчиња. Едно од нив е за самозаштита и вреди 2.000 евра, додека останатите три вредни над 3.000 евра се наменети за лов.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, во својот анкетен лист пријавил три парчиња оружје од по 1.000 евра добиени како награда.
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски пријавил дека поседува лично оружје од 100.000 денари, кое го добил како подарок.
Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев има една од најголемите колекции на оружје. Во анкетниот лист пријавил осум парчиња оружје на свое име со вкупна вредност од 30.000 евра.