Основното јавно обвинителство Крива Паланка постапува по кривична пријава против татко и неговите две ќерки, осомничени за тешка телесна повреда на 67-годишна жена од селото Дрење.
Според пријавата, нападот се случил по расправија околу добитокот, при што жената била влечена и туркана, а паднала на земја и се здобила со скршеница на левиот скочен зглоб.
Инцидентот се случил на 21 ноември, околу 9 часот, додека жената го напасувала добитокот. По вербалната расправија, тројцата пријавени физички ја нападнале, нанесувајќи ѝ тешки телесни повреди.
Според информациите од Обвинителството, против тројцата е поднесена кривична пријава за тешка телесна повреда по член 131 став 1 од Кривичниот законик. Наредено е медицинско вештачење за видот и карактерот на повредите, а се обезбедуваат и други докази. Обвинителството проценува и дали има потреба од изрекување мерки за претпазливост, имајќи го предвид претходното однесување на пријавените и другите постапки што се водени или се во тек против нив.
Според претходно објавените податоци од МВР, за семејството во Крива Паланка биле евидентирани вкупно 104 пријави. Од нив, 43 се однесувале на упатени лица, 18 биле поплаки, шест за нарушување на јавниот ред и мир, 16 за кривични дела што се гонат по приватна тужба, а 21 за кривични дела што се гонат по службена должност.