АД „Државна лотарија“ не приредувала ВЛТ игри од 2013 година, затоа што целокупното право согласно процените од тоа време во целост било пренесено како влог во друго друштво, „Државна видеолотарија“, изјави актуелниот генерален директор на АД „Државна лотарија“, Александар Климовски, на денешното рочиште во Основниот кривичен суд во Скопје каде продолжи доказната постапка за предметот „Државна лотарија“, во кој покрај поранешниот вицепремиер Артан Груби, обвинети се и поранешниот директор на АД „Државна лотарија“, Перпарим Бајрами, и уште шест лица.
Климовски, кој е сведок на Обвинителството, појасни дека на функцијата генерален директор, односно претседател на Управниот одбор, бил избран на 5 август 2024 година со одлука на Надзорниот одбор.
Одговарајќи на прашања за дејноста на друштвото, тој посочи дека АД „Државна лотарија“, согласно Законот за игрите на среќа и за забавните игри, ги приредува сите игри на среќа (општи, електронски и интернет игри), освен игрите на видео-лотариски терминали (ВЛТ).
– АД „Државна лотарија“ не приредува ВЛТ игри од 2013 година, затоа што целокупното право согласно процените од тоа време во целост било пренесено како влог во друго друштво, „Државна видеолотарија“ – рече Климовски.
Тој појасни дека тоа друштво било основано пред неговото доаѓање на функцијата од два содружници – „Државна лотарија“ и фирма основана од групацијата „Новоматик“, но по носењето на автентично толкување на Законот за игри на среќа, тие пристапиле кон статусна промена на раздружување, со што друштвото „Ново ВЛТ“ престанало да постои.
Прашан во која фаза била набавката на ВЛТ апаратите кога стапил на функцијата, Климовски изјави дека договорите веќе биле склучени и во целост реализирани, освен со едно друштво, а апаратите биле примени и ставени во магацин.
– Приемот и евиденцијата во имотот на друштвото се направени во целост и тие се ставени во магацин. Во поглед на плаќањата, тие се фактурирани во целост, а во поглед на исплатата, 97-98 проценти биле претходно исплатени. За дел од придружните столици беа направени исплати по мојот избор, затоа што се работи за веќе склучена и фактурирана набавка и обврска на АД „Државна лотарија“ да ја доплати таа разлика од три проценти, под закана од евентуален процес на извршување – рече Климовски.
Тој нагласи дека ниту во тоа време, ниту сега, не постои судска одлука за запирање на тој договор или за заплена на набавката.
– „Државна лотарија“ во секој момент има контрола врз овие ВЛТ терминали и точно знае каде се согласно направениот попис – изјави Климовски.
Во однос на процедурата за ставање во функција на терминалите, сведокот појасни дека се потребни дозволи од две институции – решение од Управата за јавни приходи (УЈП) за просторот каде треба да се постават и одобрение од Министерството за финансии за пуштање во употреба.
– За конкретните ВЛТ терминали фактичката состојба, колку што знам, е дека има одобрение од УЈП само за просторот, а од Министерството за финансии нема решение за употреба – изјави Климовски, додавајќи дека тие постапки биле пред тој да стане директор и оти тој нема испратено барања.
Како претставник на оштетеното друштво, Климовски изјави дека АД „Државна лотарија“ се приклучува кон кривичниот прогон, додека за евентуалното имотно-правно побарување и неговиот износ ќе се произнесат дополнително во текот на постапката или во граѓанска постапка, по донесена одлука од органите на друштвото.
Следното рочиште е на 11 декември и продолжува со вкрстени прашања од одбраната за Александар Климовски.
Претходно на денешното рочиште заврши дополнителното испитување на вештото лице Анита Поповска, кое беше сослушано и на претходните две рочишта. На прашања од Обвинителството во врска со последното извршено плаќање од рамковната спогодба за набавка на видеоапарати, Поповска појасни дека станува збор за две транши од по 9.625.968 денари, кои биле исплатени во ист ден, на 26 септември 2025 година.
Обвинението го застапуваат јавните обвинители Даниел Коцев и Александар Давчевски, а судската постапка ја води судијката Билјана Шуплиновска-Јовевски.
Во предметот, покрај Груби и Бајрами, обвинети се и Башким Авди, Методија Димовски, Скендер Мехмети, Бојан Јанев, Фатмир Рамадановски и Александар Димитриоски. Според обвинението, со пречекорување на службените овластувања предизвикале штета на АД „Државна лотарија“ во износ од 596.125.511 денари. Сите обвинети во досегашниот тек на постапката се изјаснија дека не се чувствуваат виновни.