Фондацијата „Скопје 2028“ доби над 200 предлози за културната програма, финалната верзија се очекува до крајот на ноември

by irena 19:14
19:14

Повеќе од 200 предлози и препораки пристигнале до Фондацијата „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“ во рамки на јавните расправи за работната верзија на Културната програма за 2028 година.

Од Фондацијата соопштија дека сите предлози ќе бидат анализирани, а оние што се релевантни и придонесуваат за квалитетот на програмата ќе бидат вклучени во нејзината финална верзија.

Четирите јавни расправи се одржаа на 18 и 19 ноември, со цел работната верзија на програмата да се дополни со предлози и искуства од луѓето и организациите што го создаваат културниот живот во Скопје.

На средбите учествуваа претставници на национални и локални културни институции, општините, академската заедница, независната културна сцена, индивидуални уметници, културни работници и млади.

Оперативниот директор на Фондацијата, Звонко Наумоски, ги претстави визијата, концептот, програмските приоритети и предвидените проекти, по што присутните ги изнесоа своите забелешки, предлози и очекувања.

Првиот човек на Фондацијата, Марјан Цветковски, посочи дека работната верзија не е конечен документ и дека јавните расправи се можност програмата да се подобри и да одговори на потребите на граѓаните, уметниците и институциите.

На расправите се разговарало и за посебната законска рамка за реализација на проектот. Согласно предложените законски решенија, Фондацијата во своето оперативно работење ќе го применува Законот за јавни набавки, додека Културната програма ќе се спроведува преку јавни повици, со јасно утврдени правила и евалуација од европски евалуатори врз основа на професионални критериуми.

Од Фондацијата посочуваат дека јавните расправи се дел од поширокиот процес на подготовка на „Скопје 2028“, во кој се вклучени културната заедница, институциите, академскиот сектор и младите.

Финалната верзија на Културната програма се очекува да биде подготвена до крајот на ноември 2026 година, по што ќе биде објавена на веб-страницата на „Скопје 2028“.

Слични вести