Наставниците во март ќе добијат зголемување на платите од најмалку 7,5 отсто, а средствата за оваа намена се веќе предвидени во буџетот, изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска.
„Тоа што го ветивме, го остваруваме“, порача министерката пред почетокот на конференцијата посветена на образованието на возрасните и доживотното учење во Скопје.
Во однос на намалувањето на блок-дотациите за основните и средните училишта, Јаневска посочи дека се воведува нова формула за поправедна распределба на средствата и оптимизација на училишната мрежа.
Таа информираше дека досега се споени 433 паралелки, а наставниците кои поради тоа ќе останат со помал фонд часови ќе бидат ангажирани во дневен престој и дополнителни училишни активности.
Министерката нагласи дека во овој период не може да има нови вработувања на наставници, бидејќи, како што рече, образовниот систем со години се користел како социјална мерка. Според неа, реформите треба да завршат во наредните четири до пет години, без да се наруши квалитетот на наставата.