Според пресметките од предлог-одлуките објавени на веб-страницата на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), за најголем дел од домаќинствата цената на греењето ќе се зголеми за околу 7,5 проценти.
Поскапувањето од 7,5 проценти се однесува на домаќинствата кои се снабдуваат со топлинска енергија преку „ЕСМ Снабдување“, но и на корисниците приклучени на мрежата на „Скопје Север“, со која сега управува приватната компанија „Енерџи Еколинк“.
Повисоки сметки ќе добиваат и домаќинствата кои се загреваат преку „ЕСМ Енергетика“, односно таканареченото железарско парно. За нив е предвидено зголемување на цената од 7,2 проценти.
Уште поголемо поскапување се предвидува за недомаќинските потрошувачи, односно фирмите и другите правни лица кои користат централно греење. Според предлог-пресметките, за нив цената ќе се зголеми за околу 13 проценти.
Како главна причина за новото поскапување во документите на РКЕ се наведува растот на цената на природниот гас. Доколку бидат усвоени предложените тарифи на главна седница во РКЕ, новите цени ќе се применуваат од 1 јануари 2027 година.
Ова ќе биде трето поскапување на парното во период од една година. Со претходните две корекции, цената на греењето веќе беше зголемена за вкупно околу 11 проценти, а новото поскапување дополнително ќе ги оптовари домашните буџети среде грејната сезона.