Митовски: Ќе истраеме додека и последното грло добиток не биде отстрането од Крива Паланка

by jadranka 17:54
17:54

Градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, порача дека нема да се откаже од барањата за решавање на долгогодишниот проблем со добитокот што неконтролирано се движи низ градот, предизвикувајќи штети на приватните имоти и загриженост кај жителите.

По денешниот протест на граѓаните, Митовски преку социјалните мрежи истакна дека институциите мора да застанат зад граѓаните и да обезбедат конкретни решенија за заштита на нивната безбедност и имот, објави 4news.mk

„Зад секој оштетен имот стои семејство. Зад секој уништен насад – нечиј труд. Зад секое загрижено дете – родител што сака да го заштити. А зад сите нив мора да стојат институциите“, напиша градоначалникот.

Митовски нагласи дека на протестот заедно со жителите побарале почитување и спроведување на законите, поголема безбедност и заштита на имотот од штетите што ги предизвикува добитокот.

Тој истакна дека проблемот не смее да остане само на ветувања и најави, туку дека е неопходна конкретна реакција од надлежните институции.

„Дадов збор дека ќе бидам со вас до крај. Ќе истраеме, додека решенијата не се спроведат и последното грло добиток не биде изнесено од градот“, порача Митовски.

Жителите на Крива Паланка подолг период се соочуваат со проблемот со кравите кои слободно се движат низ населените места, уништуваат земјоделски посеви и предизвикуваат материјална штета.

Со денешниот протест граѓаните повторно побараа итно постапување од институциите и трајно решение што ќе спречи понатамошни штети и ќе ја гарантира нивната безбедност.

Градоначалникот порача дека ќе продолжи да ги поддржува барањата на жителите сè додека проблемот целосно не биде решен.

Слични вести