Тело на 38-годишник со прострелна рана во ногата е пронајдено изутрината кај селото Смилковци. Како што објавија медиумите, станува збор за Един Ш. од скопското село Љубин.
Телото било пронајдено во близина на неговото возило марка „мерцедес“, со скопски регистарски ознаки.
Причините и околностите за смртта сѐ уште не се утврдени. Телото е предадено на обдукција.
Од МВР соопштија дека случајот бил пријавен рано изутрина.
„На 21.11.2026 во 06:15 чaсот во СВР Скопје е пријавено дека на обиколница „Мајка Тереза“ во близина на с. Смилковци, скопско пронајдено е лице без знаци на живот. Веднаш по пријавата полициски службеници од СВР Скопје се упатени на лице место, при што е утврдено дека лицето е Ш.Е.(38) од с. Љубин, скопско. Во близина на телото е пронајдено патничко возило „мерцедес“ со скопски регистарски ознаки, кое претходно го управувал“, информираат од МВР.
На местото пристигнала и екипа на Итната медицинска помош, која констатирала смрт. При прегледот била забележана прострелна повреда во пределот на ногата.
„Од Итна медицинска помош констатирана е смрт, при што е забележана прострелна повреда во пределот на ногата. Извршен е увид од увидна екипа при СВР Скопје. По наредба на јавен обвинител телото на починатиот е предадено во Судска медицина за обдукција. Се преземаат мерки за целосно расчистување на кривично правниот настан“, соопштија од Министерството.
Засега не е утврдено како настанала прострелната повреда, дали таа е непосредната причина за смртта, ниту под кои околности 38-годишникот се нашол на обиколницата.
Обдукцијата и понатамошната истрага треба да дадат одговор на овие прашања, додека полицијата презема мерки за целосно расчистување на случајот.