Портпаролот на Европската комисија, Томас Рејниер денеска изјави дека Европската комисија била цел на сајбер-напад.
„Европската комисија ги презеде неопходните чекори како одговор на откриената сајбер-кампања. Нападнати се одделни системи, а во согласност со нашата стандардна практика, ги известивме засегнатите страни“, рече Рејниер, пренесува Ројтерс.
Претставник на Европската унија изјави за „Политико“ дека Европската комисија била цел на сајбер-напад при што можеби се компромитирани голем број лични податоци.
Претставникот наведе дека Европската комисија смета оти успеала да ги сузбие повеќето напади, но дека целосниот обем на потенцијалната штета сè уште не е познат.
За време на прекинот, кој траеше десет дена, беа исклучени неколку системи, вклучително и системите за човечки ресурси за пресметка на плати и евиденција на работното време, како и системот за надомест на медицински трошоци.
Комисијата го свика своето највисоко внатрешно тело за управување со кризи на итен состанок во врска со овие сајбер-инциденти, а комесарката за технологија, Хена Виркунен, ги информираше останатите комесари за ситуацијата.