На бебе му бил повреден прст на Гинекологија при вадење инфузија – ГАК отвора дисциплинска постапка

by irena 13:42
13:42

Новороденче на Клиниката за гинекологија и акушерство (ГАК) се здоби со повреда на дел од прст, по што било префрлено на Клиниката за детска хирургија. Неофицијално, медицинска сестра која работи повеќе од 20 години и за која немало никаква поплака досега, го засекла при вадење на инфузија, пишува „Скопје1“.

Информациите се дека за случајот е закажана седница на Дисциплинската комисија, која треба да утврди како настанала повредата и дали постои индивидуална одговорност, потврдија од ГАК.

Повредата била констатирана на 16 ноември, по што веднаш бил повикан детски хирург.

„Во врска со случајот во кој дошло до повреда на дел од прст на новороденче, информираме дека на 16 ноември, веднаш по констатирањето на повредата, бил повикан детски хирург, по чија индикација новороденчето било префрлено на Клиниката за детска хирургија за понатамошно медицинско згрижување“, соопштија од ГАК.

Настанот официјално бил евидентиран и пријавен како несакан настан, а случајот веќе бил разгледан и од Комисијата за квалитет.

„Дополнително, за случајот е закажана седница на Дисциплинската комисија, со цел целосно и објективно утврдување на фактичката состојба, околностите под кои настанала повредата и утврдување на индивидуална одговорност“, наведуваат од ГАК.

Од здравствената установа уверуваат дека нема да има толеранција доколку се утврдат пропусти во постапувањето со новороденчето.

Слични вести