Левица: ДПМНЕ ќе решавале големи државни прашања, а не можат ни со кравите и Стојна да се справат

by irena 16:12
16:12

„Македонија под власта на ДПМНЕ станува светска атракција по немоќ да се решат проблеми од елементарен цивилизациски карактер. Додека Мицкоски и неговите министри држат лекции за геополитика, инвестиции и историски победи, во Крива Паланка над илјада крави пустошат низ градот, а во Куклица туристите, наместо со природното чудо на Камените кукли, се запознаваат со Стојна и нејзиниот приватен ценовник“ соопштија денеска од Левица.

Од партијата велат „Кривопаланечките крави веќе добија меѓународна слава. За нив известуваат светските медиуми, а државата со целокупниот свој инспекциски, административен и полициски апарат со години не успева да спроведе сопствени решенија. Додека Мицкоски најавува крупни државни потфати, неговата власт не може ни кравите од улица да ги тргне“.

„Во меѓувреме, во Куклица, Стојна изгради речиси посебен туристички режим. Додека посетителите се расправаат за пристапот, наплатата и фискалните сметки, надлежните не успеваат да воспостават ред. Стојна јавно порачува дека наплаќала и ќе наплаќа, а државата сè уште не успева да обезбеди јасно и доследно спроведување на правилата… дури ни при Министерство за туризам. Туристите доаѓаат да ги видат Камените кукли, а добиваат дополнителна атракција – жив музеј на срамот на македонските институции. Власт што не може да спроведе решение за одземање добиток и да воспостави ред на еден туристички локалитет, очекува граѓаните да ѝ веруваат дека ќе ја реформира целата држава. На ДПМНЕ устата им е полна со државотворност, а државата им е немоќна пред стадо и еден туристички пункт. Светот веќе ни ги знае кравите, туристите ја запознаваат Стојна, останува уште само Владата да се запознае со сопствените надлежности“ е ставот на Левица.

 

Слични вести