По случајот со смртта на поранешниот атлетичар Кристијан Јосип Периш во психијатриска клиника во Хрватска, кој предизвика бурни реакции во јавноста, нов случај на сомнеж за насилство врз пациент е регистриран во Босна и Херцеговина. Полицијата во Зеница уапсила петмина вработени во Кантоналната болница, по пријава за инцидент со млад пациент на Одделението за психијатрија.
Како што пренесува N1 Сараево, станува збор за пациент роден во 2002 година, а случајот бил пријавен на 10 ноември, и тоа од самата здравствена установа. По добивањето на пријавата, полициските службеници од Одделението за криминалистичка полиција започнале истрага, при што биле приведени пет лица вработени во болницата.
За настанот веднаш било известено Кантоналното обвинителство, а осомничените, заедно со извештајот за сторено кривично дело, треба да бидат предадени на надлежниот обвинител.
Според првичните информации, кај пациентот се споменуваат полесни телесни повреди, но точните околности под кои настанале, како и евентуалната одговорност на вработените, допрва треба да бидат утврдени во текот на истрагата.
По апсењата, раководството на Кантоналната болница во Зеница излезе со официјално соопштение, во кое нагласи дека токму болницата го пријавила случајот откако биле забележани сомнителни околности.
Од здравствената установа информираат дека веднаш бил спроведен внатрешен преглед на случувањата, по што биле контактирани полицијата и истражните органи. На надлежните им биле доставени сите расположливи докази, вклучувајќи ги и снимките од безбедносните камери.
„Раководството на Кантоналната болница во Зеница сака да ја информира јавноста дека се преземени сите неопходни законски и институционални мерки за утврдување на сите факти“, соопштија од болницата.
Оттаму нагласуваат дека заштитата на правата, безбедноста и достоинството на пациентите е нивен основен приоритет и дека нема да толерираат никаква форма на насилство или непрофесионално однесување.
„КБЗ има нулта толеранција за каква било форма на насилство, непрофесионално однесување или нарушување на медицинската етика. Остро го осудуваме секој чин што ја загрозува довербата на граѓаните во нашата установа“, се наведува во соопштението.
Болницата најави целосна соработка со истражните органи, со цел да се утврдат сите факти и евентуално одговорните лица да бидат санкционирани.
Случајот во Зеница доаѓа само неколку недели по трагедијата во Хрватска, каде што 32-годишниот поранешен атлетичар Кристијан Јосип Периш почина на 21 октомври во Клиниката за психијатрија „Свети Иван“ во Загреб.
Во врска со неговата смрт, четворица медицински техничари се осомничени за тешко убиство и се наоѓаат во истражен притвор. Дел од доказниот материјал во тој случај е и снимка од надзорна камера во болничка соба, која подоцна се појави во јавноста.
Надлежните органи во Босна и Херцеговина продолжуваат со истрагата за инцидентот во Зеница, додека од болницата уверуваат дека ќе ги преземат сите неопходни мерки за заштита на пациентите и зачувување на довербата во здравствената установа.