СДСМ го обвинува премиерот Христијан Мицкоски дека се обидува да го заташка случајот со Алта банка и да ја заштити, како што велат од партијата, „банката на Вучиќ“. На денешната прес-конференција, членот на Извршниот одбор на СДСМ, Јон Фрчкоски, побара Обвинителството итно да постапи по поднесените кривични пријави против гувернерот Трајко Славески и сите лица кои биле вклучени во процесот на влез на банката во Македонија.
Според Фрчкоски, по избивањето на скандалот со Алта банка, премиерот Мицкоски презема активности со цел да ја заштити банката и да спречи целосно расветлување на случајот.
„Откако пукна огромниот скандал со Алта банка, гледаме панични обиди на Христијан Мицкоски во одбрана на банката на Вучиќ и намера да се заташка случајот“, изјави Фрчкоски.
Тој упати сериозни обвинувања и кон гувернерот Трајко Славески, тврдејќи дека со својот потпис одобрил работа на банка за која, според информации објавени во Србија, постојат сомнежи за поврзаност со перење пари стекнати преку криминал и корупција, како и сомнежи за печатење фалсификувани банкноти.
Од СДСМ тврдат дека Славески јавно признал оти одлуката за Алта банка ја донел по консултации со премиерот Мицкоски. Поради тоа, партијата бара надлежниот обвинител веднаш да ги разгледа поднесените кривични пријави и да започне постапка за утврдување евентуална одговорност.
Фрчкоски оцени дека постојат основи за сомневање за несовесно работење и злоупотреба на службената положба при одобрувањето на преземањето на банката и спроведувањето на надзорот.
„Зошто не биле направени потребните проверки на сопственикот Давор Мацура, потеклото на капиталот за кој има информации дека е од криминал и дрога, зошто не се пресметале ризиците?“, праша Фрчкоски.
Тој побара Обвинителството да разгледа и мерки на претпазливост, вклучително и привремена забрана за вршење на должноста на гувернерот Славески, со образложение дека треба да се спречи евентуално влијание врз сведоци или уништување документација и докази.
Во своето обраќање, Фрчкоски направи споредба со случувањата во Србија, тврдејќи дека таму институциите активно постапуваат по сомнежите за криминал, додека во Македонија, според него, власта врши притисок врз Обвинителството и поднесува пријави против опозицијата за ширење паника.
„Паниката ја направија Мицкоски и Славески. Тие ја донесоа криминалната банка во Македонија, тие јавните претпријатија ги внесоа во Алта банка, тие им велеа на граѓаните дека сè е во ред“, рече Фрчкоски.
Тој дополнително обвини дека по воведувањето присилна управа, граѓаните се соочуваат со блокирани средства и неможност да располагаат со своите пари.
Од СДСМ тврдат и дека премиерот се вклучува во разговори за евентуална продажба на банката, иако, како што нагласуваат, нема законски надлежности за тоа. Фрчкоски го обвини Мицкоски и дека на собраниската надзорна расправа изнесувал невистини и ја доведувал јавноста во заблуда.
Според опозициската партија, неопходно е да се испитаат потеклото на капиталот, финансиските трансакции, банкарските сметки и евентуалните врски на инволвираните лица со криминални структури во Србија.
„Скандалот со Алта банка нема да се заташка. Правдата доаѓа. Од Мицкоски до Славески – сите ќе одговараат!“, порача Фрчкоски на крајот од прес-конференцијата.