Поранешниот генерален секретар во владата на Зоран Заев, Драги Рашковски, доби пресуда од Судот за човекови права во Стразбур, со која се утврдува дека еден дел од притворот што му бил одреден, не бил оправдан. Но, наместо бараните 10.000 евра, судот му досудува скромни 750 евра. Сепак, според европскиот суд, македонските судови не згрешиле кога ги замрзнале парите што биле на сметките на неговите деца, околност за која, исто така, се жалел екс генералниот секретар на владата.
Тој ја тужеше државата во Судот за човекови права во Стразбур, бидејќи како обвинет во случајот „Софтвери“, се почувствувал обесправен при одредувањето на притворот, но и при замрзнувањето на банкарските средства на неговите деца, поради што пред четири години поднел жалба до европскиот суд.
„Тужената држава треба во рок од три месеци на подносителот да му исплати 750 евра на име нематеријална штета и 250 евра на трошоци“, се наведува во пресудата, донесена на 22 септември годинава.
Она што е спорно за судот во Стразбур, е тоа што дел од писмените изјаснувања на вишиот обвинител, поднесени како одговор на жалба, не му биле доставани на Рашковски.
Поточно, Рашковски се пожалил дека судовите не ги образложиле доволно причините за продолжување на притворот и куќниот притвор во претходна постапка, дека и во повеќе наврати не му биле доставени изјаснувања на обвинителот како одговор на неговите жалби против решенијата за продолжување на притворот и куќниот притвор и дека Апелациониот суд не одржал усни расправи по нивните жалби.
Судот прифатил дека притворот бил оправдан од 16 април до 8 октомври, додека истрагата била во тек, во однос на можноста за попречување на истрагата. За ризикот од бегство велат дека образложението било апстрактно и стереотипно, без да се наведат конкретни фактори за разумно македонските судови да го поткрепат таквиот ризик.
Затоа, Судот заклучи дека причините наведени за одредување на притворот од 8 октомври 2021 до 2 февруари 2022 година не биле доволни. Според тоа, дошло до повреда на членот 5 и 3 од Конвенцијата.
-Постапката пред судот што одлучува по жалба против притвор мора да биде контрадикторна и секогаш мора да обезбедува „еднаквост на оружјата“ меѓу странките, односно обвинителот и лицето лишено од слобода. Фактот што на подносителот не му бил доставен примерок од изјаснувањето на вишиот јавен обвинител поднесени како одговор на неговите жалби против три решенија за продолжување на притворот во затвор и куќен притвор претставувал повреда на неговото право на контрадикторна постапка, со што бил повреден член 5 и 4 од конвенцијата, се наведува во пресудата.
Рашковски се жалел на околности поврзани за притворот, но и привременото одземање на имотот, во кој беа замрзнатите и парите што ги имал на сметките на неговите деца. Поточно, за време на истрагата, во 2022 година, Кривичниот суд нареди привремено одземање на парите од неговата лична банкарска сметка и од сметките на неговите деца, на кои тој често уплаќал пари. Вкупниот износ на замрзнати средства бил 82.000 евра, а кои би служеле за евентулно недоместување на штетата што била предизвикана на буџетот, а во случај да биде правосилно осуден.
Иако тој сметал дека бил обесправен, Судот за човекови права не видел ништо спорно во тоа што дел од имотот на неговите деца бил замрзнат сè до правосилно завршување на случајот.
„Одземањето на имотот во рамките на судската постапка се однесува на контролата врз користењето на имотот. Со одземањето на имотот не се настојувало подносителот да биде лишен од својот имот, туку привремено му било ограничено користењето, со забрана за негово отуѓување или оптоварување. Оваа мерка била применета како привремена мерка со цел да се обезбеди извршувањето на евентуална одлука за конфискација, донесена на крајот од кривичната постапка во врска со имотната корист стекната со кривично дело“, потенцира во одлуката на Судот во Стразбур.
Инаку, генералниот секретар во владата на Заев, Рашковски, заврши на обвинителна клупа за случајот познат во јавноста како „Софтвери“ поради злоупотреба на службената положба и перење пари. Поточно, обвинет е дека како владин функционер наместил тендер за купување софтвер што тој самиот го измислил, а кој на државата воопшто не ѝ бил потребен.
Дополнително, тој се товари дека извлекувал државни пари преку фиктивни хонорарци и со тие незаконски си ги отплаќал сопствените кредити и ги префрлал на семејни сметки.
Во 2023 година беше осуден на осум години затвор, но Апелација ја врати пресудата на првостепено одлучување и сега повторно му се суди. Случајот беше вратен со објаснување дека имало суштествени повреди во постапката.
Во првичниот судски процес, Рашковски тврдеше дека сите четири набавени системи биле законски купени, дека претставуваат врв во технологијата и дека софтверот бил целосно имплементиран и функционален. Според него, државата не претрпела никаква штета, коментирајќи дека процесот е политички монтиран.
Пишува: Валентина ВУРМО
ЦЕЛИОТ ТЕКСТ МОЖЕ ДА ГО ПРОЧИТАТЕ ВО НАЈНОВИОТ БРОЈ ОД НЕДЕЛНИКОТ “ФОКУС” КОЈ ШТО МОЖЕТЕ ДА ГО КУПИТЕ И ВО ЕЛЕКТРОНСКА ФОРМА НА ОВОЈ ЛИНК