Почна расправата за Буџетот за 2027 година, во Собранието пристигнаа над 300 амандмани

by irena 07:32
07:32

Собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска ја започна расправата за Предлог-буџетот за 2027 година во второ читање. Комисиската дебата ќе трае 10 дена, од кои четири се предвидени за општ претрес, а шест за разгледување на поднесените амандмани.

За предложениот буџет се поднесени повеќе од 300 амандмани од овластени предлагачи, кои ќе бидат разгледувани во текот на комисиската постапка.

Со Предлог-буџетот за 2027 година се планирани вкупни приходи од 395,4 милијарди денари, што претставува зголемување од 5,7 отсто во однос на 2026 година. Вкупните расходи се проектирани на 440,4 милијарди денари, односно раст од 4,8 отсто.

Буџетскиот дефицит е предвиден на 45 милијарди денари, што изнесува 3,5 отсто од бруто домашниот производ и е во рамките на проекциите од Фискалната стратегија за периодот 2027–2031 година.

За капитални инвестиции се предвидени 40,8 милијарди денари, додека даночните приходи се очекува да достигнат 223,1 милијарди денари. За социјални трансфери се планирани 220,8 милијарди денари, од кои 123,8 милијарди денари се наменети за пензии.

Државата во 2027 година, покрај финансирањето на буџетскиот дефицит, ќе треба да обезбеди средства и за отплата на долгови во износ од 124,6 милијарди денари. Од оваа сума, 46,5 милијарди денари се однесуваат на надворешен долг, меѓу кои и обврските за еврообврзницата од 500 милиони евра издадена во 2023 година.

Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска при претставувањето на буџетската рамка посочи дека целта е обезбедување стабилни јавни финансии, постепена фискална консолидација и создавање услови за економски раст и инвестиции.

Според неа, во буџетот се обезбедени средства за раст на платите во јавниот сектор, исполнување на обврските поврзани со членството во НАТО, како и зајакнување на одбранбените капацитети.

За социјална заштита се планирани 14,3 милијарди денари, за активни мерки за вработување 2,9 милијарди денари, а за здравствена заштита се обезбедени дополнителни 3,9 милијарди денари во однос на претходната година.

Димитриеска Кочоска посочи дека посебен акцент е ставен на капиталните проекти, при што средствата треба да бидат насочени кон инфраструктура, подобрување на јавните услуги и проекти со долгорочен ефект.

Покрај буџетските средства, во 2027 година продолжува реализацијата на инфраструктурни проекти преку Јавното претпријатие за државни патишта, меѓу кои се Коридорот 8 и 10Д, автопатските делници Кичево–Букојчани, Кичево–Охрид и Скопје–Блаце, како и проекти за железничка инфраструктура и енергетска ефикасност.

„Нашата определба е да градиме буџет заснован на реални приходи, одговорно управување со расходите и јасно утврдени приоритети“, порача министерката.

Слични вести