Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, во гостувањето во „Тема на денот“ на Сител телевизија посочи дека власта добро знаела кој е Давор Мацура и додаде дека влезот на Алта банка во Македонија е дел од политичките концесии кон режимот на Александар Вучиќ од страна на Христијан Мицкоски.
„Едно е да не знаете, а друго е да сте дел од целата таа игранка и шема и да ги знаете многу добро тие луѓе“, рече Филипче.
Претседателот на СДСМ нагласи дека дозволувањето на влезот на Алта банка не може да се објаснува со неинформираност на надлежните.
„Јас ви тврдам дека тоа ќе излезе на крај, дека овие луѓе имале обврска да донесат Алта банка тука кај нас, затоа што имале политички концесии со режимот на Александар Вучиќ, менторот на Христијан Мицкоски“, истакна Филипче.
Претседателот на СДСМ го постави прашањето за одговорноста на власта при дозволувањето на преземањето на Стопанска банка Битола и за улогата на премиерот во тој процес.
„Каква била улогата на Мицкоски тогаш? Трајко Славески кажа: да, го консултирал и бил вклучен во целокупниот процес“, посочи Филипче.
Тој потсети дека СДСМ единаесет месеци предупредува за Алта банка и праша што презеле институциите по јавно изнесените предупредувања.
„Ако ништо друго, ние во дваесет и петта година го покренавме прашањето, провериле ли тогаш нешто дополнително ако не знаеле? Јас ви тврдам, не само што знаеле, туку дел се од целата шема на којашто ние укажуваме веќе повеќе од година и пол“, рече Филипче.
Во интервјуто тој се осврна и на постапувањето на Владата во врска со акциите на јавните претпријатија во Стопанска банка Битола, поставувајќи прашања за поврзаноста на премиерот и министерката за финансии со Алта банка Белград.
„Зошто премиерот и министерката за финансии на владината седница укажуваат, внимавајте, на јавни претпријатија коишто се сопственици на акции во Стопанска банка Битола да ги продадат на Алта банка“, праша Филипче.
„ Каква е врската на премиерот и министерката Кочовска со Алта банка Белград? Па, зарем тоа не е најдобар доказ на новиот сопственик да му овозможат зголемување на неговиот капитал?“, додаде тој.
Филипче оцени дека случајот со Алта банка е дел од пошироката политичка поврзаност за која СДСМ предупредува.
„Христијан Мицкоски е само пионот на оваа оска на Орбан и на Вучиќ кај нас, со цел земјава да се опљачка и да се запре европскиот пат на земјата. Нема да му помине затоа што граѓаните веќе се свесни“, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Филипче за надзорната расправа за Алта банка: Сите кои биле вклучени ќе мора да одговорат пред граѓаните
Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, во интервјуто во „Тема на денот“ на Сител телевизија порача дека надзорната расправа за Алта банка треба да даде одговори за улогата на сите носители на политичка и формална одговорност во овој скандал. Тој најави дека списокот опфаќа триесетина лица, од највисоки државни функционери до претставници на банката и надлежните институции.
„Сите коишто се на некој начин вклучени во процесот, коишто имаат политичка одговорност, коишто имаат формална одговорност“, одговори Филипче на прашањето кој ќе биде повикан да даде исказ пред собраниското тело.
Тој посочи дека меѓу повиканите се премиерот Христијан Мицкоски, претседателката на државата, министерката за финансии, гувернерот и вицегувернерите, како и претставници на банката и институциите кои можат да дадат информации за финансиските текови.
„Менаџерскиот тим на Алта банка и луѓе од институции коишто имаат контакт со текот на парите“, наведе Филипче.
Претседателот на СДСМ нагласи дека јавноста мора да добие одговори и дека расправата треба да трае онолку колку што е потребно за да се постават сите легитимни прашања.
„Сигурно ќе трае колку што треба. Има некои временски ограничувања согласно Деловникот, меѓутоа имаме сосема легитимни прашања коишто треба да се постават и за коишто јавноста треба да биде информирана“, истакна Филипче.
Во интервјуто тој ги издвои прашањата за потеклото на парите, трансакциите и постапувањето на Владата во врска со продажбата на акциите на јавните претпријатија во Стопанска банка Битола.
„Каква е врската на премиерот и министерката Кочовска со Алта банка Белград? Па, зарем тоа не е најдобар доказ на новиот сопственик да му овозможат зголемување на неговиот капитал?“, праша Филипче.
Тој нагласи дека во фокусот мора да бидат интересите на граѓаните и последиците со кои тие се соочуваат.
„Ние може да разговараме за сè што правела Алта банка, ама наша задача е да се занимаваме и да се грижиме за нашите граѓани. Вие сега ќе им објасните на пензионерите што чекаат ред пред Алта банка во Битола дека Рајфајзен правела трансакции“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.