Ракета погоди деловна зграда во Ријад

by vlatko 11:56
11:56

Деловна зграда во финансискиот кварт „Крал Абдула“ во Ријад, главниот град на Саудиска Арабија, била оштетена од проектил, соопштија очевидци и лица запознаени со случајот. Според сведоци, станува збор за објект во сопственост на нафтениот гигант „Арамко“.

Инцидентот се случил кратко откако коалицијата предводена од Саудиска Арабија соопшти дека пресретнала проектили истрелани од јеменските бунтовници Хути, кои имаат поддршка од Иран.

Според сведоци, оштетени биле неколку катови од зградата, при што биле искршени прозорци и дел од фасадата. Засега не е утврдено дали штетата настанала од директен погодок или од остатоци на пресретнат проектил.

Претходно, коалицијата соопшти дека пресретнала и уништила два балистички проектила истрелани кон Ријад, како и две крстосувачки ракети насочени кон главниот град и јужниот дел на земјата. Портпаролот на коалицијата, Турки ал-Малки, објави дека проектилите биле лансирани од, како што ги нарече, терористичките сили на Хутите.

Нападот врз финансискиот кварт може да претставува нова ескалација на судирот меѓу Саудиска Арабија и Хутите. Саудиските сили претходно ги обвинија бунтовниците за два смртоносни напада врз цивили во Јемен.

Финансискиот кварт „Крал Абдула“ е еден од најпрепознатливите симболи на економските и општествените реформи во Саудиска Арабија. Покрај деловните облакодери, во областа има станбени објекти, луксузни продавници и метро-станица низ која минуваат голем број луѓе.

Нападите врз Ријад траат веќе извесно време. Само неколку часа пред последниот инцидент, саудиското Министерство за образование соопшти дека редовната настава во училиштата во главниот град продолжува, по неколкунеделното одржување настава на далечина поради претходните напади.

Слични вести