Среде скандалот со Алта банка доцни исплатата на плати во повеќе државни институции, меѓу кои и во најголемата енергетска компанија ЕСМ, велат од СДСМ.
„Според информациите, вработените во ЕСМ добиле и СМС-пораки дека се уште не се знае кога точно ќе биде исплатена октомвриската плата и дека треба да бидат трпеливи. Дополнитено, од општини пристигнуваат реакции дека преку Трезорот не можат да реализираат плаќања. Што се случува? Дали Мицкоски и неговата ВМРО-ОКГ до толку ја испразнија државната каса што веќе не можат да се сервисираат ниту редовните обврски?“, прашуваат од СДСМ.
Од ЕСМ реагираат дека платата за вработените ќе биде исплатена во законскиот рок.
„Тековните административни усогласувања во компанискиот систем за исплата на личниот доход, се должат на едновремените барања од над 140 вработени за ажурирање и промена на нивните лични податоци, што наметна потреба од дополнително време за нивна техничка обработка и верификација до 06.11., со цел да се обезбеди сигурна и точна распределба на средствата“, соопштија од ЕСМ.
Од таму додаваат дека работењето на ЕСМ не треба во ниту еден случај да се поврзува со државниот Буџет, затоа што средствата за плати компанијата самостојно ги обезбедува без субвенции.