Камион со азотна киселина се преврте во Германија – затворени училишта и градинки

by irena 10:08
10:08

Камион што превезувал азотна киселина се превртел во текот на ноќта на автопатот А57, во близина на градот Крефелд во западна Германија.

Притоа дошло до истекување на опасната материја, поради што властите издале предупредување за екстремна опасност, а во текот на денот биле затворени и некои училишта и градинки.

Возачот на камионот е повреден во несреќата и пренесен е во болница, изјави портпаролот на противпожарната служба, пренесува „Шпигел“.

Надлежните служби го предупредија населението за сериозни здравствени ризици поради ослободувањето на азотна киселина, која има исклучително корозивни својства.

Преку системот за итно предупредување „Нино“ (Nino), до граѓаните е испратено предупредување за највисок степен на опасност, со совет веднаш да се засолнат во затворени простории, да ги затворат прозорците и вратите, како и да ги исклучат уредите за вентилација и климатизација.

Поради инцидентот, железничкиот сообраќај е делумно во прекин во тој дел од покраината Северна Рајна-Вестфалија.

Во интервенцијата учествуваат околу 150 припадници на противпожарната служба, кои работат на запирање на истекувањето и преточување на киселината од камионот.

Ангажирани се и специјализирани единици за интервенции во случаи на опасни материи.

Областа околу местото на несреќата е обезбедена во радиус од еден километар.

Слични вести