Украинскиот претседател Володимир Зеленски предупреди дека растечкото политичко влијание на милијардерот Илон Маск претставува опасност за помалите земји. Истовремено, тој изрази надеж дека победата на демократите на изборите за Конгресот во САД ќе донесе поголема воена помош за Украина и ќе го принуди рускиот претседател Владимир Путин да преговара.
Во интервју со германскиот сатиричар Јан Бемерман за емисијата „Magazin Royale“ на каналот ZDF, Зеленски зборуваше за американската политика, можноста за одржување избори во Украина за време на војната, германските ракети „Таурус“ и предлогот за зимско примирје.
Бемерман го праша за објавата на Маск на социјалната мрежа „X“ по изборите во САД, во која милијардерот се пошегува дека неговите „вселенски ласери за мешање во изборите“ потфрлиле.
„Не знам кога зборува сериозно, а кога се шегува. За мене, работите стануваат премногу сериозни кога тој зборува за сателити“, рече Зеленски.
Тој ѝ се заблагодари на компанијата „SpaceX“ на Маск за обезбедувањето сателитска интернет-врска, што беше од исклучително значење за Украина по почетокот на руската инвазија. Сепак, тој го критикуваше ставот на Маск кон војната.
„Кога некој многу богат човек може да влијае врз американската политика, тоа е опасно за помалите земји“, предупреди Зеленски.
Тој смета дека изјавите на Маск за тоа кој треба да управува со Германија или Украина не се само лични ставови, бидејќи милијардерот има големо финансиско и политичко влијание.
„Тој нема право да влијае на тоа“, рече тој.
Зеленски се осврна и на наводното лично богатство на Владимир Путин.
„Велат дека тој е најбогатиот човек на светот. А кој е вториот најбогат? Путин. Можеби Путин е најбогатиот. Не знам“, рече тој.
Зеленски ја поздрави победата на демократите на изборите за Конгресот во САД. Тој се надева дека новиот однос на силите во Конгресот би можел да ја зајакне соработката меѓу Вашингтон и европските сојузници, како и да ја зголеми помошта за Украина.
„Ја имаме поддршката од двете партии. Им благодарам и на републиканците, но демократите се многу јасни во однос на нивната поддршка за Украина“, рече тој.
Според него, демократите најавиле зајакнување на односите меѓу САД и Европа, како и продолжување на воената и финансиската помош за Киев.
Тој верува дека посилната поддршка од Западот би можела да влијае на одлуките на Путин во врска со продолжувањето на војната.
„Ако Конгресот сега зборува за силна финансиска помош или помош во оружје, како што тоа денес го прави Европа, верувам дека тоа ќе има позитивен ефект врз Путин“, рече тој.
Украинскиот претседател зборуваше и за притисокот од Вашингтон и Москва врз Украина да одржи претседателски избори, и покрај војната.
Тој смета дека изборите во услови на војна не би биле фер, бидејќи милиони Украинци не би можеле да учествуваат на нив.
Тој потсети дека околу девет милиони Украинци се наоѓаат во странство, милиони живеат во области под руска окупација, а голем број војници се на бојното поле.
„Одржувањето избори додека војниците не можат да гласаат не е фер. Тоа е 100 отсто нефер“, рече Зеленски.
Тој додаде дека би можело да се размисли и за онлајн гласање, но украинскиот парламент претходно би морал да донесе соодветни закони и да обезбеди заштита на изборниот процес.
Исто така, тој предупреди дека одржувањето избори за време на војната би можело дополнително да ги продлабочи политичките поделби во украинското општество.
Тој откри дека ѝ предложил на американската страна да се обиде да договори прекин на огнот со Русија во текот на зимата.
„Им реков на Американците: Можете да постигнете договор со Русите за прекин на огнот во текот на зимата. Тогаш луѓето ќе имаат струја и вода, а во тој период би можеле да одржиме избори“, рече тој.
Зеленски навести дека одредени луѓе во Вашингтон сакаат тој да замине од власт, но нагласи дека евентуалните избори мора да им овозможат на сите Украинци навистина да учествуваат.