(ВИДЕО) Криеја 3.000 тарантули во валкани чорапи – тројца уапсени на аеродром во Перу

by irena 08:35
08:35

Перуанските власти соопштија дека на аеродромот во Лима, главниот град на Перу, се запленети повеќе од 3.000 тарантули при обид да бидат прокриумчарени во Германија.

Пајаците биле скриени во валкани чорапи, распоредени во три куфери што ги носеле двајца германски државјани и еден полски државјанин, објави Перуанската национална служба за шуми и диви животни (SERFOR), пренесува агенцијата АФП.

Шверцот бил откриен за време на рутинска царинска контрола на Меѓународниот аеродром „Хорхе Чавез“, откако службениците забележале необични движења во багажот.

„Забележавме дека некои од нив се движат. Имаше и мали и големи примероци“, изјави Кора Суарез, техничар за следење на дивиот свет од SERFOR.

Според неа, една тарантула во Европа може да се продаде за околу 500 евра, што значи дека вредноста на запленетите пајаци на црниот пазар би можела да достигне дури 1,5 милиони евра.

Пронајдените тарантули потекнуваат од различни делови на Перу и се наоѓале во различни развојни фази – од јајца и тукушто изведени единки, па сè до возрасни примероци.

Тројцата Европејци осомничени за шверц се уапсени од полициска единица специјализирана за кривични дела против животната средина. Од SERFOR најавија дека против нив ќе биде покрената кривична постапка.

Илегалната трговија со диви животни е исклучително профитабилна криминална активност која, според податоците на Интерпол, на глобално ниво генерира приход од околу 20 милијарди долари годишно.

Слични вести